Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје ја организираат конференција „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“, која ќе се одржи на 31 мај (среда) во хотелот Холидеј Ин во Скопје со почеток во 10.00 часот. Настанот е предвидено да заврши до 16:30 часот.
„Од нашето истражување публикувано во 2021 година до денес ги нотиравме придвижувањата во рамки на дел од надлежните институции и сметаме дека оваа конференција ќе ни даде заеднички простор за да разговараме кои се постојните предизвици и како може да се надминат со цел да се дојде до конкретни резултати за конечно искоренување на менструалната сиромаштија и доаѓање поблиску до состојба на менструална правда. Воедно, конференцијата ќе биде и своевидно обележување на Меѓународниот ден за менструална хигиена (28 мај),“ се вели во објавата.
На конференцијата ќе учествуваат претставници на граѓански здруженија, членки на парламентот на Рeпублика Северна Македонија и други државни институции. Целта на оваа конференција е да поттикне промени во јавните политики кои би довеле до системски решенија и создавање на функционални механизми и мерки во врска со менструирањето како дел од напорите за подобрување на сексуалното и репродуктивно здравје, а следејќи ги насоките на Светската здравствена организација и препораките од ООН Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жените.
На следниот линк е достапна студијата „Менструална правда“ која беше публикувана во 2021 која беше изработена во партнерство со Реактор – истражување во акција и учество на Период.Скопје.
„Ве покануваме за учество на конференцијата и Ве замолуваме да го потврдите вашето присуство најдоцна до понеделник (29 мај) на е-пошта tiiiit.inc@gmail.com или пак на следниот формулар“, се вели во објавата.