„Кокино – поглед кон бесконечноста“ е насловена пешачката тура од која беа дел министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и жени носителки на јавни функции и дипломатки. Посетата на древниот локалитет Кокино, една од најстарите опсерватории во светот, беше со цел афирмација и подигнување на свеста за културното наследство на овој дел од државата.
„Моќно беше чувството да се стои на местото каде што пред 4000 години со поглед кон Сонцето и кон Месечината со неверојатна прецизност се мереле часот, денот, месецот, годината, времето.“ изјави министерката Костадиновска-Стојчевска. Таа истакна дека потенцијалот на Кокино е огромен и треба да се искористи за придвижување на локалната економија, како и за развој на локалниот туризам.
Учесничките беа воодушевени од можноста да ја посетат опсерваторијата и изразија надеж дека ова значајно културно и природно наследство ќе се најде на листата на заштитени добра од страна на УНЕСКО.
Министерката се заблагодари за поддршката од Министерството за култура и од експертската јавност, како и од Амбасадорскиот фонд на САД преку кој е поддржана заштитата и на ова ретко културно добро и додаде дека „Кокино останува во нашето внимание, затоа што нам ни припаѓа честа, но и одговорноста – она што е создадено далеку пред нас, да го зачуваме за долго време по нас.“