Премиерата на третиот дел од филмот „Тајните архиви на градот: Човек-лав стори“ ќе биде на 30 ти ноември во 20 часот во Кинотеката на Македонија. Катерина Габунија, авторка и режисерка на трите дела за животот во старо Скопје преку стари филмски ленти од градот, вели дека темата, а воедно и водечка емоција, во овој трет дел е љубовта.
„Сметав дека доколку се задржам на старите архивски снимки на Скопје, ќе го изгубам интересот на помладата публика, за таа цел се потрудив да го претставам животот во градов од еден друг агол, нудејќи му можност на гледачот да се соживее со она што го гледа пред себе. Во овој тип на неми филмови, музиката игра клучна улога пред публиката. И во овој дел направив промена, односно покрај добро познатите евергрини, искористив и современа музика на Суперхикс и Бадмингтонс, која одлично се вклопи со материјалот. Бидејќи се работи за проект кој добива финансиска поддршка од Град Скопје веќе 3 години за реализација на видео колаж или краток филм за старо Скопје, овој пат се насочив во правец на животот на скопјани и емоциите кои ги будат овие снимки“,
Досега беа прикажани два дела: „Тајните архиви на Скопје“ и „Раѓањето на градот“, а Катерина сè уште собира архивски снимки и преку нив го доловува животот во едно поинакво Скопје и неговите маала, духот на градот и луѓето кои живееле во него. За почетоците на проектот, Габунија вели дека идејата била „во вистинско време на вистинско место“.
„Мојата љубов кон филмската лента, уживањето да гледам како дете 8 милиметарски ленти на проектор, желбата да ги зачувам спомените на мојата мајка и идејата на Управниот одбор на „Вардар Филм“ да се зачува и архивира филмското културно наследство на Скопје беа доволен поттик и причина да го срочам на хартија овој проект. Особено важно за „Тајните архиви“ како проект е тоа што постепено созрева и станува сè посериозен и подрджан проект, вреден за вниманието кое го добива. Целта на овој проект е да се „спасат“ и зачуваат што повеќе материјали за Скопје. Всушност, преку архивирање и дигитализација на старите филмски ленти од домашната архива на скопјани се открива еден нов лик на градот, едно заборавено време и сосема различен начин на живот на граѓаните. Филмската лента има свој век на траење, ако не биде дигитализирана, со текот на времето ќе се уништи. А со неа ќе се изгубат и драгоцени документи“, вели Габунија.
Гледајќи ги старите филмски ленти што и ги даваат Скопјани и што ги користи за филмовите и пренесувајќи нивни приказни и спомени, Катерина вели дека на денешново Скопје му фали само малку љубов и внимание.
„Можеби звучи клише но на снимките можев да ги видам истите граѓани кои пред 30 години, покрај работа, деца и многу други обврски успевале да уживаат во овој град. Истите тие сограѓани, денес, со помалку обврски не го „дишат“ градот на истиот начин. За жал, затворени и отуѓени полека го менуваме духот на овој град“, вели таа.
Овој проект е првенче на авторката Габунија, која вели дека поради малата финансиска помош го работи сама со несебичната помош на Александар Трајковски од Кинотеката на Македонија и поддршката на директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
„Работам и на припреми, собирање на материјали, сценарио, режија, монтажа како и организација на самите проекции со единствена цел успешност на самиот проект. Го сметам за свое првенче и ми е посебно драг проект. Во овој период работам истовремено на повеќе филмски проекти. Во моментов го завршуваме и сме во припреми на следното издание на ИФФК Браќа Манаки, проектот 50 години македонски анимиран филм, и долгометражниот игран филм по сценарио на Симеон Дамевски и режија на Кастриот Авдили „Можеби“. Секако, „Тајните архиви“ не застануваат овде. Се надевам со поголема поддршка и нова премиера, ќе се видиме во 2022 година“, вели Габунија.