На 3 јуни, со почеток во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Кататонија“, поставена според текстот на британската драматуршката ѕвезда Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматуршка обработка на Викторија Рангелова-Петровска.
Оваа силно ангажирана и емоционално набиена претстава ни носи интензивен театарски јазик и провокативен пристап, кој преку 24 фрагментирани сцени ни открива свет на ликови фрлени на маргините од општеството. „Кататонија“ безмилосно ни ги става пред очи болните точки на современото живеење: патријархатот, правосудниот систем, казната и вината, затворскиот живот, личната трансформација, каењето и соочувањето со последиците од сопствените дела.
Во претставата играат врвни актери: Верица Недеска, Ања Митиќ, Сања Арсовска, Јасмина Билаловиќ, Јасмина Василева, Игор Ангелов, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ. Костимографијата ја потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографијата и музичкиот избор се дело на режисерот Васил Христов, додека дизајнот на плакатот е на Денко Матевски. Саво Ивановски е инспициент на проектот.
Претставата е реализирана во копродукција на Вондерленд театар – Скопје и Македонскиот народен театар.
„Кататонија“ припаѓа на современиот театарски правец познат како „in your face“ драматургија, каде емоцијата, директноста и провокацијата се поставени на прво место. Делото на Бирч се надоврзува на традицијата на Сара Кејн, Марк Рејвенхил, Керил Черчил, и други автори кои не се плашат да го соочат гледачот со грубата реалност.
Сцените, иако автономни, се поврзуваат преку силните теми, преку атмосферата, преку неочекувани драмски прекини, но и преку она што не е изговорено – а сè уште присутно. Таа тишина, таа празнина, понекогаш говори погласно од зборот.
„Кататонија“ не е претстава што само се гледа – таа се чувствува, се трпи и останува долго во мислите.