Калиа Димитрова е писателка, активистка и главна и одговорна уредничка на Медуза – првата феминистичка платформа во Македонија. Со својата работа таа доследно отвора теми кои се од суштинско значење за жените и маргинализираните заедници, не плашејќи се да навлезе длабоко во прашањата кои го поларизираат општеството. Разговаравме со неа за новата сезона на подкастот Meduza Talks, за предизвиците на феминистичката комуникација на Балканот, како и за личната мотивација да продолжи да гради простор за дијалог, знаење и инспирација.
Третата сезона доаѓа по време кога глобалниот разговор за родовите прашања е многу напреден, но и многу поларизиран. Кои теми ги одбравте за оваа сезона за да останете релевантни и предизвикувачки за вашата публика?
Точна е забелешката дека родовите прашања се точка на поларизација денес, но не сум сигурна дали разговорите се напредни. Јавниот простор, особено онлајн, ни е пресатуриран со информации лишени од суштина, а генералната политичка клима е нестабилна и насилна, што креира совршена атмосфера за да регресираме и интелектуално и емотивно, да сме нетрпеливи и нељубопитни. Женските движења за еманципација и правда направија потребни преломи изминативе децении и бројни теми од исклучителна важност за девојките и жените добија на простор и значење во современата култура, но сега очекувано се соочуваме со сериозен отпор по истите тие прашања – што од конзервативни политички гарнитури, струи и наративи, што од крајно регресивни онлајн креатори на содржини во таканаречената мажосфера, а понекогаш и комбинација на двете. Во една ваква конфузна клима, тоа што го носат Meduza Talks во јавниот простор е длабинско нурнување во темите од наш интерес, во обид да создаваме и архивираме знаење, наместо да креираме брза содржина. Во нашите разговори за „преживувањето, живеење и процутувањето“ се обидуваме на публиката да ѝ дадеме простор, информации, инспирација и елан, да размислува креативно и еластично, да се стави во чевлите на другите, да погледне одредени појави, мотиви или трендови од свежа перспектива и да ги предизвика догмите и ограничувањата кои најчесто ни се наметнати од центрите на моќ. Оваа сезона даваме фокус на крстосниците, предизвиците и интерсекциите кои нѐ поврзуваат и на најитните политички прашања на денешницата: борбата за климатска правда и за слобода на сите народи и тела, одржувањето на фокус и визија во ерата на brain rot, градење на мостови и мрежи на поврзување и негување на културата, уметноста и задоволството како алатки за сонување и замислување подобра иднина.
Дали новата сезона носи промени во концептот или форматот на подкастот – типот на гости, начинот на модерирање или пристапот кон темите?
Новата сезона донесе нова естетика, која во поглед на расположение, бои и светла е доста линчовска – слично како и реалноста која ја живееме. Концептот и форматот остануваат слични како досега, како и неуспешниот обид разговорите да траат помалку од еден час 😊. Овие разговори не се строго структурирани однапред, па јас како домаќинка се обидувам да го држам просторот за гостите доста отворен – да имаат можност да бидат најавтентичната и несмасна верзија на себеси, да зборуваат искрено и ранливо, да грешат, да се преиспитуваат, да бидат несовршени, а и јас со нив. Во центарот на тој концепт се наоѓа дијалогот кој се јавува во моментот и неизвесноста која доаѓа со тоа. Овој формат ми е многу драг, но истовремено си доаѓа со свој товар и главоболки и несигурности, па можам да признаам дека сѐ уште го совладувам. Мислам дека често (ние жените) сме престроги кон себе и живееме со несигурност која ни е научена, наследена и затоа ни е тешко да заземеме простор (особено во јавност!), без притоа да се преиспитуваме и обвинуваме дека не сме доволно добри (или паметни, убави, елоквентни, конзистентни, сталожени, слаби, млади… you name it). Во таа смисла, овој подкаст го гледам и како вежба на присутност и присуство. Сакам нашите мисли, искуства, знаење и перспективи да бидат обзнанети, макар и да ни се тресат гласовите кога зборуваме. Зашто знам дека тоа што го кажуваме е поважно од нашата анксиозност и себесомнеж.
Во време кога феминизмот често се поистоветува со тренд, како успевате да го задржите неговото суштинско значење и да го направите достапен, без да го банализирате?
Јас повеќе би рекла дека е анти-тренд отколку тренд 😊. Ова се прашања кои како феминистичка платформа секогаш ни се отворени за истражување. Мислам дека во денешниов пост-вистина, пост-идеологија хаос, лесно е да се изгуби суштината на нештата општо, а со тоа да се подизгубиме и ние самите. Медуза уште од самиот почеток пред 7 години е започната со цел да демистифицира феминистички теми и да ја донесе оваа богата мисловна и политичка традиција во јавниот простор, било преку пишан збор, уметност или разговорна форма, на јазик кој е достапен, непосреден, некако наш. Јас сум силна поборничка на отворено, достапно, јавно знаење и пренесување на истото и мислам дека таа мисија никогаш не може да стане банална. Меѓутоа, мислам дека треба да се најде некој баланс во комуникацијата. На пример, ние сме препознатливи по тоа што, иако користиме доста неформален јазик, сепак работиме долги пишани формати. Ако го следиме трендот на краток фокус на денешниот читател, би требало да се откажеме од нашиот примарен фокус, зашто факт е – луѓето сѐ помалку читаат. Меѓутоа, работата на медиумите не е да ги забавуваат и задоволуваат читателите, туку да едуцираат, еманципираат и поттикнуваат раст кај луѓето. Единствен начин за да се развива мислата и јазикот е посветеното читање и пишување и затоа упорно, трпеливо и малку инаетливо продолжуваме да ги работиме тие формати. Веруваме дека трудот се исплати, особено на долг рок.
Кои се најголемите предизвици во комуницирањето на феминистичките идеи во контекст на Балканот, каде традиционалните вредности често се силно вкоренети?
Предизвици има големи и мали, и не е тоа состојба специфична за Балканот. Секако, тука се говорот на омраза, навредите и заканите, но постојат и посуптилни начини на кои средината пробува да ни испрати порака да се смалиме, да молчиме, да се откажеме. А постојат и интерни, интимни предизвици, кои за мене се, пред сѐ, поврзани со тоа да продолжам да наоѓам волја и енергија да верувам во правда и слобода, во свет кој гори. Но како што кажа мојата гостинка на Meduza Talks, Деница Чадиковска: „Ако не го правам ова, ќе полудам“. Пишувањето и зборувањето, а дотолку повеќе одржувањето на простор за другите да пишуваат и зборуваат, ми се ветер во грб во секое време и невреме 😊.
Минатата сезона беше богата со различни гласови и перспективи. Кој момент или епизода за вас беше пресвртница што влијаеше врз начинот на кој го замислувате Meduza Talks денес?
Моментот кога сфатив дека на секој втор збор кажувам „као“ и дека сериозно треба да поработам на тоа пред да почнам пак со снимања. Не знам дали се имам поправено, ама се трудам.