Во дигитална средина во која содржините се консумираат брзо, а вниманието лесно се губи, ретки се форматите што успеваат да задржат простор за вистински разговор. „Што го врти светот“ е еден од тие обиди, подкаст што инсистира на длабочина, релевантни соговорници и теми што често остануваат на маргините. Со Јована Аврамовска Николовска разговараме за тоа како се гради публика што сака да слуша, каде е границата помеѓу љубопитноста и одговорноста и што навистина го движи светот денес.
Во време кога вниманието на публиката е сè пократко, а содржините сè побрзи, создавањето простор за суштински разговор станува вистински предизвик. Како го одржувате балансот помеѓу длабочината и вниманието во „Што го врти светот“?
Ти благодарам што мислиш дека успеваме во тоа, искрено и јас некогаш се прашувам. Често експериментираме со темите, со гостите, со кратките извадоци. Во последно време имаме и сегмент со „игри или квизови“, кои имаат за цел да го доближат разговорот до гледачот. Лично мислам дека за привлекување внимание главен медиум ни е Инстаграм, каде објавуваме кратки целини во форма на Reel, додека на Јутјуб подкастите се за оние кои сакаат да слушаат подлабоки разговори. Искрено нè изненади дека има гледачи и слушатели што ги преферираат токму долгите подкаст-формати кои ги објавуваме. Низ трите сезони драго ни е што изградивме подкаст публика која сака суштински разговори. Во македонскиот етер има 80 подкасти и чест ни е секогаш кога ќе нè одберат нас.
Вашите гости често отвораат теми што ретко добиваат простор во традиционалните медиуми. Колку изборот на соговорници е воден од вашата лична љубопитност, а колку од свесна уредничка одговорност?
Во голем дел изборот на гости е воден од нашата љубопитност. Во делот на уредничка одговорност се трудам да одберам соодветен соговорник за дадена тема. Во свет кога секој си зема за право да зборува за секоја тема, мислам дека тоа е и одговорно и храбро. Често одиме на ризик дека нема да бидеме толку гледани, но викаме гости кои се вистински едуцирани за темите. Изненадува тоа што публиката го препознава ова и токму најгледаните сегменти ни се од вакви гости. Така, за храна најгледани сегменти се оние од нутриционистка и од професорка на Факултетот за земјоделство и храна, за економија од професор економист, за менување на системот од професор-доцент на Правен факултет, а за глума и интеракција со деца од актерка која глуми детски лик, за новинарство од новинарка… Ова ни покажа дека не сме само ние гладни за точна информација, туку и гледачите. Бидејќи вистината секогаш победува.


Подкастите сè повеќе се доживуваат како нова форма на јавен интелектуален простор, каде разговорот има време да „дише“. Дали верувате дека тие веќе ја преземаат улогата што некогаш ја имаа традиционалните медиуми?
Ќе почнам од крајот. Да, дигиталните медиуми (портали, социјални мрежи и стриминг платформи) ја преземаат улогата на традиционалните медиуми, особено кај нашите генерации. Она што ме загрижува е дека јас и моите родители, а во иднина и моите деца ќе гледаме сосема различни содржини. Некој на ТикТок, некој на телевизија, некој на Инстаграм, секој со својот алгоритам. Во оваа насока се плашам дека генерациите нема да зборуваат меѓу себе. Подкастите лично ги сакам поради слободата, неоптовареноста со време и простор и отвореноста во зборувањето. Но, како и секоја друга содржина, има подкасти кои едуцираат или забавуваат, но и такви кои креираат омраза. Немањето цензура е добро, но и опасно. Сè е оставено на оној кој создава, а често водени од кликовите може да отидеме во екстремизам. Затоа гледачите треба да бидат внимателни и повремено, намерно да се изложуваат на содржини кои вообичаено не им „излегуваат“ на нивните телефони, за да видат што гледаат другите и да донесат свој суд. Уште подобро, наместо да дознаваат за луѓето од социјалните медиуми, може да излезат и да ги запознаат.

Со секој разговор, неминовно се менува и аголот од кој гледаме на светот. Како се трансформираше вашата перспектива за тоа „што го врти светот“ низ годините?
Гостите ми ја враќаат надежта во тоа што може да биде иднината во Македонија, тогаш кога ќе ја изгубам. Неслучајно канам и гости со кои имаме различни гледишта на некои теми, токму за да научам нешто и да си ги предизвикам моите светогледи. Верувам дека луѓето се тие кои го вртат светот. Технологијата и сè околу нас е средство ние одлучуваме дали ќе го користиме за добро или за зло. Се надевам дека целата глобална ситуација ќе нè научи дека на сите ни е подобро кога средствата: технологија, пари, знаење и моќ, ги користиме за добро. Во ЗМАИ ова го докажуваме преку одговорното користење на податоците за да создадеме општествена вредност. Верувам дека ќе влијаеме на младите позитивно, дека и во Македонија и од Македонија може да се успее!
Форматот на подкастот често бара автентичност, но и одредена дистанца од темата. Колку е, според вас, возможно водителот да остане неутрален, а колку субјективноста е неизбежен дел од разговорот?
Јас не сум неутрална, секој од нас има став и гледиште за одредени прашања. Важно е да им дадеме простор и на оние кои имаат различно гледиште од нашето. Најважно е да бидеме љубопитни и да ги предизвикаме нашите лични ставови. Водителите треба да бидат како деца од 4–5 години, да прашуваат и искрено да сакаат да ги знаат одговорите.
Во јавниот простор секогаш постојат теми што се чувствителни или недоволно истражени. Дали постои нешто што свесно го избегнувате и што тоа кажува за границите на дискурсот кај нас?
Нема теми кои свесно ги избегнуваме, но гледаме да не навлегуваме во дневна политика. Не затоа што не е интересна, да бидеме искрени, во Македонија дневната политика е шоу. Но, подкастот е формат што треба да трае подолго од 24 часа, веруваме дека има епизоди кои и по три години звучат свежо. Сепак, кога има настани кои не смееме да ги премолчиме, како Кочанската трагедија и сите кои ѝ претходеа и за жал следат, наоѓаме начин да дадеме свој став. Овие теми се надеваме дека нема повторно да треба да ги покриваме. Сакам да им се заблагодарам на колегите новинари кои будно ги следат политичките теми и истражуваат области во кои ретко кој се осмелува да „пипне“.
Разговорите во подкаст знаат да тргнат во непредвидлива насока, понекогаш и надвор од зоната на комфор. Во тие моменти, повеќе се потпирате на интуицијата или на искуството?
Мислам дека интуицијата доаѓа од искуството, најмногу од непријатните искуства што како водител мора да ги поминете. За моја среќа, сум ги поминувала во телевизија, на утринска програма, со ленти врз кои се преснимувала новата епизода. Моите колеги сега за прв пат прават грешки и тоа е вечно на интернет. Да бидам искрена, некогаш се потпираме и на монтажа на епизодата, но многу ретко.
Низ сите овие разговори, сигурно имало мисли што оставиле траен белег. Ако треба да издвоите една идеја или сознание што ви го променило начинот на размислување, која би била таа?
Ух, секој гостин ми носи по некој момент. Една од епизодите кои често ја цитирам е онаа со докторка, невролог. Зборува за важноста на сонот, односот со стресот, движењето, исхраната, човечките интеракции и учењето нови нешта. Сето она што често го ставаме во категорија „немам време“, е всушност многу важно за нашиот мозок. Секогаш се добри муабетите со Виктор од ЗМАИ, кој последниот пат зборуваше за потребата од добри политичари кои пред сè ги ставаат интересите на граѓаните, а потоа бизнис- и партиските интереси. Ми остана и одговорот на Наталија Теодосиева дека инаетот, балкански, може – ако сака – да го врти светот. Тамара и Тијана одржаа лекција за сестринство и нè потсетија дека не сè што читаме на интернет е точно. Можам да продолжам во недоглед… но ќе застанам тука и ќе им предложам на тие што читаа да продолжат со други интервјуа, додека ги слушаат музичките сесии во студио.

