Амбасадата на Франција, во партнерство со Амбасадата на Грција, Олимпискиот комитет на Северна Македонија и Трговскиот центар „Ист Гејт Мол”, организираат изложба на фотографии во чест на престојните Олимписки игри во Париз 2024, насловена „Жените и спортот“ во пресрет на Олимписките игри во Париз 2024.
На помалку од една година од Олимписките и Параолимписките игри во Париз 2024, првите игри на коишто ќе биде адекватно застапена родовата еднаквост (еднаков број на машки и женски спортисти), преку оваа изложба им се приредува омаж на врвните спортистки од Северна Македонија.
Овие жени, преку нивната посветеност и достигнувања, се синоними за трите олимписки вредности: извонредност, почит и пријателство.
Спортистките кои беа дел од овој проект се: Ана Цветановска – нордиско скијање, Анамарија Георгиевска – Таеквондо, Арбреша Реџепи – Џудо, Дрита Исљами Бафтири – Атлетика 400м со пречки, Ива Пројковска – Фудбалски судија од рангот ФИФА/УЕФА/ФФМ, Катерина Николоска – џудо, Милијана Рељиќ – Таеквондо, Наташа Мешковска – пливање 200 метри пеперутка и Пулексенија Јованоска – карате.
Авторка на изложбата е Маја Аргакијева, која работи како професионален фотограф од 2010 година наваму. Нејзиното богато уметничко искуство започнува како портрет фотограф во сопствено студио, преку фотограф на снимањето на неколку македонски филмови и серии, меѓу кои „Business Of Pleasure“ на режисерот Гоце Цветановски, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, ТВ серијата „Преспав“, сè до официјален фотограф за неколку домашни и странски институции од областа на културата и пошироко. Избор на фотографии на Маја Аргакијева се наоѓаат и во книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“ на издавачката куќа „Темплум“. Таа има учествувано во повеќе колективни изложби, а има одржанои самостојни изложби, меѓу кои „Портретна симфонија“ во Македонската филхармонија и во Нирнберг, Германија, како дел од 40-годишната соработка помеѓу збратимените градови Скопје и Нирнберг.
Изложбата беше отворена од страна на францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, којшто кажа дека овие спортистки се пример за младите девојки и жени од земјава и се во улога на вистински амбасадорки. Освен Амбасадорот Бомгартнер, на отворањето збор зедоа и амбасадорката на Грција, Н.Е. г-ѓа Софија Филипиду, г-дин Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет, и г-дин Игор Давков, Генерален директор на Ист гест Мол.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите во просториите на Ист гејт мол до 20 октомври 2023, а потоа истата ќе замине низ повеќе градови во земјава.