Барајќи начин како да се поврзе со своите корени во Македонија, а истовремено да се пронајде во својот нов дом во Италија, фотографот Иво Секуловски направи фотокнига со членовите на неговото семејство во родниот Охрид. „Down The Jade Mountain“ е истражување на личниот идентитет преку уметничко изразување, а со Иво поразговаравме за фотокнигата и за неговото искуство со фотографијата.
Неодамна ја издадовте првата фотокнига „Down The Jade Mountain“. Во описот на книгата се вели дека е едно истражување на криза на идентитетот поврзано со вас, фамилијата, земјата и фотографијата. Како дојдовте до идејата да ја создадете книгата и што лично ви значи вам?
По долго време откако живеам во Италија, во таа лиминална состојба што ја знаат сите мигранти, не можејќи никаде да се чувствувам како дома, решив да почнам проект во мојот роден град Охрид, во кој активни учесници се членовите на моето семејство. Почувствував дека малку се оддалечив од моите корени, ама истовремено не стекнав нови. Тоа чувство го споделувам со многу други странци/мигранти кои живеат во странство долго време. Па, решив да почнам една авантура на пронаоѓање за тоа каде припаѓам и од каде доаѓам и како новите стимули во новата земја каде што е мојот втор дом ми влијаеја во моето оформување, во еден таканаречен идентитет на „измеѓусебност“, како што го нарече Ким Кноперс, историчар на уметност и поранешен кустос на музејот на фотографија FOAM во Амстердам, која напиша воведен текст за мојата книга.
Главно се зборува за транзиција, мојата културолошка и персонална транзиција како личност, но истовремено и транзицијата на Македонија низ годините и промените, па сè до новите идентитети на современата фотографија како медиум за уметничко изразување.
Истовремено зборувам за колективни и индивидуални сеќавања и колективен и индивидуален идентитет. За мене, оваа фотокнига претставува лавиринт од повеќеслојни значења, кои поттикнуваат прашања за мистериите на фотографијата и, се разбира, за мистериите на нашите идентитети.
Како би го опишале искуството што го собравте како фотограф низ годините, што најмногу ве инспирира, а што ви е најголем предизвик?
Во постојана транзиција и развој би рекол, во постојано истражување за тоа што е следно, за тоа што ме опишува мене како личност и разликите во културите од каде потекнувам и каде живеам денес. Со годините, открив дека поранешните или почетните интереси кон фотографијата се менуваат, еволуираат и се трансформираат во нови. Во моментов најмногу ме инспирира разоткривањето на една нова реалноста што не може да се види без фотоапарат, односно таа нова реалност што ја застапува или може да ја претстави само фотографија, односно реалност што постои само низ нејзината призма. Таа е една реалност што е на границата меѓу фактите и фикцијата, меѓу инсценираното и спонтаното, тоа што го гледаме и суштината на тоа што го гледаме.
Најголем предизвик ми е на овој начин да создадам нов јазик на изразување што е надвор од конвенционалната иконографија и лексикон на визуелни симболи и значења. На тој начин сметам дека се зголемува и се проширува вокабуларот на фотографскиот медиум како уметност.
Да ве навратам на почетоците, како почна вашата приказна со фотографијата?
Би рекол дека почетоците беа вина на мојот брат, кој купи дигитален фотоапарат како хоби, а јас имав само 13 години. Оттогаш се вљубив во тој медиум што има поврзаност со реалноста, ама не потполно и со вистината.
Како би ги опишале вашите проекти и изложби и што учите од секој проект?
Мислам дека во моите проекти секогаш се застапени дуелните својства меѓу една физичка територија и културата што ја идентификува таа територија и контрадикциите дека не се неопходни секогаш една на друга. Сите прашања што ги има иницирано фотографскиот медиум од неговите почетоци и постоење, за времето, вистината, сеќавањето и реалноста, се преплетуваат на различни начини низ моите проекти.
Колку сметате дека фотографот лично се внесува во своите проекти, сака и може да испрати порака или да покаже една интимна страна преку уметноста?
Сметам дека е неизбежно фотографот да се внесе во својот проект за да биде персонален. Доколку се работи, пак, за работа или проект по нарачка, мошне често се вмешани и други мислења и проектот не е потполно автентичен, односно е производ на повеќе луѓе истовремено, т.е. колаборација што мошне често оди со процес на компромиси.
За проектот да биде интимен и да пренесе автентична порака мислам дека уметникот треба да има потполна слобода во неговото изразување и доволно време за реализирање на еден проект. Уметникот треба да се слуша себеси и тоа што го фасцинира, тоа што го води кон потребата да создаде или да креира нешто.