Во срцето на Милано, во излозите на култната „Ринашенте“ на Пјаца Дуомо, беа претставени официјалните униформи за победничките церемонии на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 – симболичен гест што го спои олимпискиот дух со препознатливиот италијански стил.


Наместо да се доверат на голема модна куќа, организаторите решија да им дадат шанса на младите таленти и распишаа конкурс меѓу три престижни модни школи, а победничкиот дизајн пристигна од Академија Брера. Студентите успеаја да создадат решениe што ги спојува свежината на младите, почитта кон традицијата и јасниот печат на италијанската естетика, притоа оставајќи го вниманието насочено исклучиво кон спортистите – униформите намерно немаат никаков бренд или лого, со што се избегнува секоја визуелна бучава во мигот кога спортистите стојат на пиедесталот.
Дизајнот е реализиран целосно во Италија, во согласност со духот на Made in Italy, и се ослонува на колор-палетата инспирирана од зимските пејзажи на северните делови од земја. Смарагдната зелена боја и суптилните сребрени акценти внесуваат елеганција што се вклопува и во миланскиот урбан сјај и во алпската магија на Кортина. Материјалите се внимателно избрани – топли, издржливи и современи – за да им овозможат удобност на презентерите на медали, кои подолги часови ќе стојат на зимскиот студ и под светлата на камерите.
Како што истакна извршниот директор Андреа Варниер, униформите се многу повеќе од обична облека – тие се манифест на дизајн, стил и функционалност, но и доказ дека Олимписките игри се можност да се претстави она најдобро од земјата домаќин. Со изборот токму младите дизајнери да бидат носители на овој визуелен белег, Милано–Кортина 2026 испраќа порака за доверба во новата генерација и за желбата креативноста да биде рамноправен дел од олимпиското наследство. Во мигот кога светот ќе гледа како новите шампиони чекорат кон подиумот, елегантните униформи ќе бидат тивок, но силен потсетник на италијанскиот дух – современ, префинет, смел – втиснат во една од најемоционалните сцени на Игрите.


