Музејот на македонската борба за самостојност во континуитет преку изложби, трибини, едукативни и хуманитарни работилници посветува значајно внимание на жените и нивната важна улога во нашето далечно и поблиско историско минато. Во прилог интегрално ги пренесуваме резултатите од истражувањето.
„Во центарот на анализата и толкувањето на жената се наоѓа интересот на музејот доследно да ги претстави жените преку историски документирани сведоштва и научни факти, поткрепени со музејски предмети и документи. Визуелизирајќи ја жената од нашето минато како музеј се обидуваме да ја пренесеме пораката за вонвременската категорија на таканаречените „женски прашања“ и со тоа да го поттикнеме посетителот на размислување за тоа дали и колку жените и се познати на јавноста во однос на мажите? Каква е положбата на жената во општеството некогаш и сега?
Особено значаен акцент на жената и женското прашање беше ставен со одржувањето на Првата светска конференција за жените во Обединетите Нации и прогласувањето на Годината на жените во 1975 година.
Условите и процесите за менување на статусот на жената и нејзината еманципација се единствени и различни за секое општество одделно. Процесот на ослободување на личноста на жената, нејзиното скромно познавање на теоретските и идејните поставки на таканареченото женско прашање, кај нас цврсто се поврзуваат со ослободителните и револуционерните движења од подготовките за Илинденското востание па сè до крајот на Народноослободителната војна.
Долго време подвизите на нашата жена како ајдутка и анонимен борец честопати преточени во легендите и народната песна, не станале доволно силен аргумент да ја извлечат жената од патријалхалните норми негувани во феудалното општество, кои долго егзистирале во Македонија. Во текот на 19 век, многу мал број жени индивидуално и осамено работат на еманципацијата и борбата за рамноправност. Нивните напори и борбата за рамноправност да бидат прифатени од напредните општествени сили, се реализирале во периодот на подготовките за Илинденското востание. Имено, водачите и идеолозите на тогашната ТМОРО, спознавајќи ги револуционерните вредности на жената, ќе ја прифатат нејзината борба и ќе ја интегрираат во националното револуционерно движење. Со тоа започнал процесот на трансформација на личноста на жената од домаќинка во борец за заштита на интегритетот на жената поттикнувајќи ги жените особено оние образованите да го напуштат традиционалниот став на набљудувач и активно да се вклучат во борбата за ослободување.
Со навлегувањето во 20 век и развојот на првите организациони форми на женското напредно движење во Европа, идејниот развиток на женското движење како на Балканот, така и во Македонија сè повеќе се интензивира и ја прави достапна теоријата, која меѓу другите општествени прашања го поставува и прашањето за целосна еманципација на жената. Преку прифаќањето на идејата дека целосната еманципација на жената е во интерес на целото општество и присуството на социјалистичките идеи кај некои револуционери и организатори на револуционерното движење кај нас започнало поактивното учество на македонската жена во револуционерната борба.
Својот прв чекор кон еманципација на сопствената личност жените го изразиле преку организирањето и раководењето на женските револуционерни друштва и организации и со нивното директно инволвирање во организацијата каде се грижеле за снабдување со храна и облека на револуционерните чети, обезбедување на засолништа, пренос на шифрирани писма и оружје,но и вршење на агитација заради ширење на идејата за општо оружено востание. Главната улога во создавањето на друштвата и воопшто во револуционерната дејност им припаѓа на македонските учителки. Така во Охрид во 1885 г. било формирано женското друштво „Успение Богородично“ познато уште и како „Неделно училиште“. Легалната дејност на Друштвото била да им помага на сиромашните и еднаш неделно да изведува настава за описменување и просветување на жените во градот. Во есента 1900 година, друштвото добило револуционерно раководство, во чиј состав влегуваат учителките: Константина Настева Бојаџиева, Василка Размова, Клио Самарџиева, Атина Шахова. Меѓу членките на Друштвото е и Анастасија Узунова, мајката на познатиот револуционер Христо Узунов. Следејќи го примерот на својот син, таа набргу по 1893 година ѝ ветува верност на МРО, колнејќи се над револверот и камата. Набргу по тоа слични друштва биле формирани и во другите градови низ Македонија како што биле „Женското неделно училиште“во Струга, женскиот кружок „Светатројка“во Скопје, „Тајниот револуционерен женски кружок“ во Битола, „Женското револуционерно друштво“во Дојран, или „Неделното училиште“ во Крушево.
Во повостаничкиот период, учеството на жените во револуционерното движење губи од својата масовност, но добива нови форми и содржина. Нова надеж и можност за поактивна работа на политички и на социјален план, предизвикала Младотурската револуција од јули 1908 година. Таа ги поттикнала процесите на демократизација на политичкиот живот во османлиската империја и овозможила подемна работничкото и социјалистичкото движење, а нови форми на дејствување изразиле и женските активистки. Особено е карактеристично делувањето на Роса (Варналиева) Плавева која била социјалистка и една од првите борци за правата на жените во Македонија. Во 1907 година во просториите на нејзината шивачка работилница заедно со Накие Бајрам и повеќе турски жени организирала конференција за договор во борбата против зарот и фереџето. Тогаш било основано „Здружението на Турчинки “ кое под влијание на младотурските идеи, во 1908 година одржало собир во куќата на Роса Плавева, каде се планирало на денот на објавувањето на револуцијата, да се изведе јавна демонстрација на жените за отфрлање на зарот и фереџето. За жал градските власти, дознале за собирот, а Роса Плавева била уапсена. Нејзината активност се зголемува во периодот непосредно по завршувањето на Првата светска војна. Таа, била еден од основачите на Социјалистичката работничка партија на Југославија (комунисти) формирана во април 1919 година во Скопје, а следната 1920 година ја формира „Организацијата на жените социјалистки“. Оваа организација се залагала за еднакви плати за мажите и жените, укинување на капиталистичката експлоатација и активно и пасивно избирачко право на жените. Нејзината активност постепено се намалувала во следниот период, за да повторно се вклучи во Втората светска војна, помагајќи ја народно ослободителната борба.
Македонската жена на различни начини во континуитет била вклучена во револуционерно ослободителното движење, но нејзиниот отпор ќе добие поорганизирана форма преку социјалистичката мисла на напредното работничко движење и интелигенција во чија револуционерна акција таа ќе ја вткае и својата борба за целосна еманципација. Во предвоениот период жената се почесто учествува во работничките и студентските акции како и на Првомајските собири и манифестации поставувајќи барања за еднакво право на глас, зголемување на заработувачката и подобри работни услови.
Највисокиот степен на афирмација на жената во Македонија е изразен преку нејзиното масовно учество во НОБ во (1941 – 1945). Народноослободителната војна (НОВ) на жената и дава можности за справување со стереотипите и предрасудите, но пред сè и овозможува да се здобие со статус на слободна личност во идното ново општество. Со полна верба за подобра иднина жената масовно ќе се вклучи воНОБ. Покраинскиот Комитет на КПЈ за Македонија, формиран во септември 1941 година, во својот проглас упатен до македонскиот народ, се залагал за што помасовно вклучување на жената во НОБ каде биле набележани и задачите на жената во услови на вооружено востание. Така во новонастанатите услови жената ја презела обврската за грижа и нега на ранетите и болните борци, за изнаоѓање на илегални засолништа, прибирање на храна и топла облека, одржување на курирски врски меѓу илегалците. Со отпочнување на првите вооружени акции жената активно се вклучува во борбените акции борејќи се рамо до рамо со мажите. Така во 1941 година во Прилеп, успешно била изведена акција за собирање на оружје и воен материјал, како и заземање на затворот и ослободување на политичките затвореници. Во оваа сложена акција претежно учествувале жени: Вера Ацева (секретар на МК на КПЈ за Прилеп), Вера Оровчанец, Лилјана Николоска-Силјаноска, Илка Василеска-Присаѓанка, Мара Клепјанска, Драгица Димеска и др. Во Куманово, ползувајќи го како повод верскиот празник Велигден, на иницијатива на младинката Бота Бурназовска било организирано собирање на храна и ослободување на воените заробеници, сместени во импровизираниот воен логор воедно од кумановските училишта.
Во октомври 1943 година, од страна на КПМ како идеен организатор на НОБ, се настојувало: „Сите жени да се организираат во Антифашистички фронт на Македонија, создавајќи активи и комитети“, односно АФЖ. Во оваа формација биле вклучени сите жени ‘без разлика на политичките уверувања, вера и националност – едноставно сите Македонки – православни и муслимански, Албанки, Влаинки и Турчинки, сите селанки, работнички и интелектуалки – сите што се чесни и родољубиви и сакаат да ѝ помогнат на борбата.’
Следејќи го текот на народноослободителната борба може да се констатира еден постојан раст на бројот на жените борци во партизанските одреди кои активно се вклучувале во борбените акции неплашејќи се да ги дадат и своите животи. Поради пожртвуваноста и неизмерната храброст некои од нив биле одликувани со орденот „Народен херој на Југославија“. Меѓу нив се вбројуваат: Вера Ацева која била членкана ЦК на КПЈ, а подоцна и министерка во неколку владина СРМ. Оливера Вера Јоциќ која во 1943 г. Станала заменик политички комесар на Вториот Кумановски партизански одред. Потоа била назначена за заменик политички комесар на батаљонот Орце Николов, како и секретар на партиското биро на батаљонот, а по формирањето на Третата македонска ударна бригада, станала заменик политички комесар на првиот батаљон. Тука е и младата Естреја Овадија-Мара која на 5 април 1943 година заминала прво како борец на Партизанскиот одред „Даме Груев“, а потоа во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“. При формирањето на Третата македонска ударна бригада била назначена за заменик политички комесар на чета. На 22 август 1944 година со формирањето на Седмата македонска ударна бригада (Битолска ударна бригада) во с. Зборско, на планината Кожуф, била назначена за политички комесар на баталјон. Загинала во борбите на Кајмакчалан на 26 август 1944 година. Меѓу оние кој го добиле овој орден се вбројува и младата Албанка Ибе Паликуќа која во 1942 година на 15 годишна возраст била примена во СКОЈ кога како курир била задолжена да носи писма, растура летоци и пренесува илегалци. Откако во јуни 1943 година била примена во КПЈ, во својство на член на Месниот комитет на КПЈ за Дебар, нејзината политичка работа главно се одвивала меѓу месното население особено меѓу женската младина. На 6 август 1944 година станала заменик комесар на чета во Четвртата албанска бригада на НОВ. На периферијата на Кичево, на 20 септември 1944 година во борбата меѓу селата Премка и Шутово, тешко ранета по два дена им подлегнала на раните.
Во текот на август, а најдоцна во септември 1944 година бил формиран Иницијативен одбор на АФЖ, во кој биле: Олга Петрушева, Мара Нацева, Веселинка Малинска, Марија Коробар, СтојнаДоганџиска, Ленче Јованова-Жуниќ. Првите три: Олга Петрушева, Мара Нацева и Веселинка Малинска заедно со Вера Ацева и Лилјана Чаловска, претставувајќи ги жените во НОБ биле делегати на Првото заседание на АСНОМ одржано во манастирот Св. Прохор Пчинскина 2 август 1944 година. Токму во тие историски мигови од раѓањето на македонската државност, беше донесена и Декларацијата на основните права на граѓанинот во Демократска Македонија со која е озаконета и рамноправната положба на жената.
По завршувањето на Втората светска војна учеството на жената во повоената народна власт и воопшто во општествениот живот во новата македонска држава, значеше потврда на нејзината борба за еманципација, рамноправна положба и статус. Тоа ја означи нејзината победа над старите патријахални норми и традиционалните стереотипи кон жената во семејството и во општеството. Со појавата пак на феминизмот на историската сцена се изврши реконструкција на старите гледишта и се открија нови видувања за статусот на жената и прашањето за родовата еднаквост што покажува дека процесот на систематизација на женските права сè уште не е завршен и е во состојба на постојана надградба“.