Уште откако знам за себе, од годините на некоја моја детска свесност, секогаш знам и за мојата навика за замислување најцрни сценарија и моите стравови што некако спонтано станаа дел и од мојата личност, го заробија мојот карактер и секако постојано директно влијаеа врз моето расположение и мотив за што било. Првите спомени од летување, мајка ми и татко ми на брегот на некое море, без престан викаат во ист глас: „Не оддалечувај се, дојди поблиску, пливај паралелно со брегот! Пази да не се исечеш, има камења, не смееш да скокаш, ќе го повредиш вратот!“ Па потоа зимска едиција стравови, ќе настинеш, ќе добиеш бронхитис зашто нема да се пресоблекуваш, мокра на скијање, ќе се лизнеш на мраз, без капа ќе ти замрзне главата и многу други.
Иако многу пати на заеднички, семејни собиранки, на полушега им префрлав дека поради нив не знам убаво да пливам, ниту да скијам, длабоко во себе имав расчистено и не им се лутев. Знаев дека правеле најдобро што знаеле и умееле и дека секогаш имале најдобри намери. Секако, и нивното присуство и посветеност ми покажале дека сигурно и тие се бореле со себе да не се такви, но веројатно било посилно од нив. Многу години подоцна во една психолошка книга препознав низа мои карактерни особини што ми се развиле како резултат на тоа што не сум растена во охрабрувачка и негувачка средина, која требало да поттикне мој раст. Имав моменти кога сметав дека не сум доволно независна или немам доволно самодоверба зашто како мала не сум била доволно оставана да правам грешки или да истраам во некоја борба.
Кога моите деца беа помали, мислев зашто сум свесна за проблемот и зашто во денешно време има навистина огромна стручна литература, видеа, поткасти, интервјуа со психолози, јас никогаш нема да ја повторам истата грешка на моите родители и ќе сум еден охрабрувачки, смирен родител, кој никогаш нема да употребува застрашувачки, негативни наративи. Но…
Пред некое време ја читав книгата „Дански начин за воспитување деца“ и имав само еден заклучок, не само што истото однесување од моите родители го применувам на моите деца, туку нивниот фокус на страв од физички повреди е мало зло во споредба со она со кое јас ги заплашувам моите деца секојдневно и им ги проектирам моите стравови. Секако, сето тоа е маскирано и разубавено со огромни оправдувања, како ние сме прва генерација родители на деца што немаат детство без електронски уреди, па како кај нив има цела низа нови психички состојби што се исклучиво резултат на нивната отуѓеност поради социјалните мрежи. Морам да ги предупредам зашто ковидот премногу им го загрози психичкото здравје, плус се изложени секој ден на сајбер-предатори, а и денешниве деца се наивни 😊.
Шокирана од ова сознание, решив цел еден ден многу добро да внимавам, па и да запишувам секогаш кога ќе ми дојде на ум некое црно сценарио и кога ќе им го кажам гласно. Прво, најмалото дете можеше да се задави од пуканки, некако многу се движеше додека ги јадеше, па средното тргна само со велосипед до продавница. Сигурно ќе нема кај да го стави велосипедот, ќе му го украдат, а и парите в рака ги носеше, во денешно време може да го нападне некој. Па на крај најголемиот син тргна со електричен тротинет на тренинг, а сите знаеме колку е опасно тоа, а реално Скопје нема ни инфраструктура за возење. Молчев, но за 20 минути веќе ми беше јасно дека, свесно или несвесно, моето однесување е репетативно од моите родители и веројатно го има истиот ефект врз моите деца.
Во целиот тој хаос на самоизмачување, една вечер гледав емисија на „Енимал планет“, каде што мајка елен отидена на лов ги крие своите младенчиња во високи треви и при секое враќање ги преплашува и се доближува со звуци нетипични за неа, со цел да види дали ќе останат срничките мирни, односно да ја научат лекцијата дека не смеат да се плашат и да бегаат. И тогаш сфатив дека можеби родителската љубов е толку длабока и чиста, што примарната цел да сме заштитници на нашите деца е наша животна цел и мисија. Можеби нашите души се испреплетени со нивните и најтешко е да го гледаме нашето постоење без постојано да сакаме да им дадеме сигурност, безбедност, да ги заштитиме од тага, од зло, од болка. Можеби стравот што го чувствуваме за нив е една вечна борба на нашиот примарен инстинкт и нашата интелектуална свест. Можеби тие се наш вечен потсетник за кревкоста на животот, за нашата ранливост, но и вечен мотив да сакаме да сме подобри, да работиме на себе, да сме вредни за најдлабоката љубов во универзумот.