Ако судиме по посетителите на сите важни и големи модни настани во последнава година, тогаш можеме да заклучиме дека уличната мода street fashion ги освојува срцата на голем број модни љубители. Опуштените комбинации од внимателно создадени модни парчиња кои покрај квалитетна изработка, секогаш праќаат и некоја лична порака, ги гледаме секојдневно од обичните кафулиња до важни настани со избрани посетители. Токму затоа се радуваме што и кај нас се случуваат нови, убави работи на модната сцена и се појавуваат нови имиња кои се ентузијастички расположени, полни со креативен елан. Тоа беше причина да поразговараме со основачите на „Haydes“новиот македонски бренд за уникатна улична мода- Христијан Вецески и Тодор Тодороски.
Развиена и разноврзна улична мода е одлика на големите светски центри. Како дојдовте до идејата за создавање на брендот Haydes ?
Идејата за создавањето на нашиот бренд беше инспирирана конкретно од посета на големите светски центри, а воедно и затоа што веруваме дека и во нашата држава има простор за градење и развој на брендот. Некако во исто време се развиваше нашата замисла за брендот и потребата од нешто ново на модната сцена кај нас. А и во светски рамки има огромен скок на уличната мода и многу познати креатори креираат ваков вид колекции за големите модни куќи.
Какви материјали, бои и дизајни избирате при создавање на новите колекции?
На самиот почлеток се фокусиравме на висококвалитетен памук и дизајни со смирени бои кои сакаме да се разликуваат од тоа што веќе се нуди на модниот пазар. Токму изборот на материјали сметам дека е наш голем адут и така ќе биде и во иднина, односно секогаш квалитетот на парчињата од новите колекции ќе ни биде на прво место.
Името на брендот е инспирирано од богот на грчката митологија Хaд, а винтиџ логото ги претставува боженствените атлети. Што е најважно што треба да го знаат зашите купувачи за правецот и работните начела по кои сакате да го развивате брендот?
Како што реков наш фокус е квалитетот на нашите пачиња кој во ниту еден момент не би го занемариле, односно би го задржале и подобриле со секој следен дроп. Благодарни сме што нашите купувачи веќе го препознаа тоа. Исто така ќе пробаме да сме креативни и иновативни, а воедно да останеме на нашиот препознатлив печат на брендот. Сакаме да креираме парчиња кои би се вклопиле во сечиј моден стил.
Каде можат да се купат парчињата од брендот Haydes?
Нашите парчиња може да се купат онлајн преку нашиот веб шоп haydesclothing.com како и во неколку street style продавници, како: „Dreadpen Space“, како и ново отворената трифт шоп продавница „Garderobe“.
На што работите моментално и кои се вашите идни планови?
Моментално целата наша енергија е фокусирана на новите парчиња кои ги подготвуваме за есента, а веќе како најава имаме готов модел на една маица која наскоро ќе биде пуштена во продажба во лимитиран број на парчиња, како најава за престојната колекција.