Тарт е вид на колач кој се состои од отворена кора со подигнати краеви како основа и полнење од кремасти овошни комбинации. Најстарите рецепти за тарт потекнуваат уште од Средниот век и се базираат на полнење од месо, но во модерната кујна доминантни се слатките варијанти со овошје.
Овие мини тарт колачи се прават без печење. Основата е комбинација од јаткасти плодови, кокосово масло и урми, полнењето е млечно со кисела нота од лимон, а завршниот слој кој може да биде и декоративен е од свежи сливи исечени на тенки листови, наредени едноставно или обликувани како рози, за конечна рамнотежа на вкусовите.
Во составот на овие колачи нема рафиниран шеќер и тоа ги прави попривлечни од уште еден аспект. Насладувањето со десерт во исто време станува и извор на многу корисни состојки, витамини, минерали, како и калории за кои не се чувстува вина.
Потребни состојки (за 6 колачи во калапи со дијаметар 10 см):
ОСНОВА
- 220-240 гр свежи урми мерени без семка и излупени (~23-25 парчиња)
- 80 гр индиски ореви
- 80 гр лешници
- 80 гр бланширани бадеми (или со лушпа)
- 80 гр путер од кикирики
- 2-3 лажици кокосово масло
- 1/4 лажичка сол
ПОЛНЕЊЕ (ФИЛ)
- 120 гр маскарпоне
- 150 мл крем павлака (35% масленост)
- 1 лажица сок од лимон
- 1 лажица јаворов сируп (или мед)
ЗАВРШЕН СЛОЈ (ДЕКОРАЦИЈА)
- 12 свежи сливи
- 1-2 лажици сок од цеден лимон
Подготовка:
- Во процесор за храна се мелат сите состојки за основата освен кокосовото масло кое се додава на крај и постепено. Не треба да се претера со блендирање, јатките треба да останат делумно грубо исецкани.
- Смесата се распоредува во калапчиња за мини тартови така што рамномерно се обложуваат дното и ѕидовите. По потреба се користи и чаша со рамно дно за смесата убаво да се набие. Калапчињата се ставаат во замрзнувач најмалку половина час за да се стегнат.
- Во меѓувреме се подготвуваат филот и сливите за декорација.
- Во длабок сад со миксер се матат маскарпонето, крем павлаката, екстрактот од ванила, јаворовиот сируп и сокот од цеден лимон. Се мати додека не се добие цврста и густа пена. Филот е готов тогаш кога при вадење на маталките од садот се формираат цврсти врвови.
- Сливите прво се сечат на половина по подолгата страна, им се вади семката, а потоа со многу остар нож половинките се сечат во пократкиот правец на многу тенки кришки, речиси проѕирни. Парчињата не се двојат туку се остават споени. Се спојуваат 4 половинки од сливи исечени на ваков начин, а потоа постепено се разлистуваат и се вртат во круг. Кругот се мота околу едниот крај во спирала и се формира роза.
- Изладените калапи со подготвената основа се полнат со фил. Врз филот се поставуваат сливите обликувани како роза. Сливите на крај можат да се премачкаат со сок од цеден лимон за поголема трајност, свежина и појак контраст.
Во овој рецепт одлично можат да се вклопат праски или нектарини како завршен слој. Принципот на обработка е ист, со тоа што се добиваат поголеми рози. Во овој случај сок од лимон за завршен прелив е задолжителен бидејќи праските и нектарините потемнуваат на воздух, а лимонот ќе го спречи тоа.
Добар апетит!