По големиот успех на претходните изданија, Халкбанк со гордост го претставува третото продолжение на кампањата Фустани со џебови— иницијатива која и оваа година го става женското претприемништво во прв план. Кампањата и понатаму го негува својот автентичен пристап и препознатлив глас, но овојпат со нов, значаен фокус: одржливоста. Во Фустани со џебови 3 се запознаваме со шест инспиративни приказни за сопственички на мали бизниси кои не само што создаваат вредност, туку и придонесуваат кон поздрава, поодговорна иднина. Нивните бизниси имаат еколошка основа или пак се длабоко поврзани со принципите на одржлив развој: повторна употреба, природни материјали, нула отпад, локално производство и општествена одговорност. Симболот на фустаните со џебови останува метафора за жената која е самостојна, практична и подготвена да ја носи својата визија со себе — во џебови полни со идеи, решенија и амбиции.Како продолжение на кампањата, на portret.digital ќе бидат објавени интервјуа со нив, преку кои одблиску ќе ги запознаеме нивните животни приказни, инспирации и секојдневни предизвици. Преку овие искрени разговори, ќе добиеме реална слика за патот на една жена претприемач – со сите нејзини успеси, дилеми и мотивации да создава промени.
Наталија Бургиева е еко-активистка, визионерка и жена претприемач која стои зад „Мама Органа“ – иновативна иницијатива што ја претвора органската храна во ресурси за нов живот. Преку својот личен и професионален пат, таа не само што создава еколошки производ, туку и менува свест. Во ова интервју зборуваме за нејзините почетоци, предизвици, мотивацијата да создаде нешто од ништо и визијата за поодржлива иднина.
Секоја жена носи барем една добра идеја во себе – што би им порачале на жените кои се двоумат дали да започнат свој бизнис?
Почнете, и тоа – ако не вчера, сега. Кога ја започнав „Мама Органа“, немав ниту бизнис план, ниту буџет за старт. Имав само силна мотивација и потреба да направам нешто што има смисла за мене, за моето семејство, а и за пошироката заедница. Знаев дека не треба некој да ми каже „можеш“, си го кажав тоа самата. И беше тешко и напорно, сѐ уште е тешко, но непроценливо. Ако имате идеја што не ви дава мир, постојано во денот размислувате како таа идеја може да биде уште подобра, тоа значи дека веќе е време да се активирате. Не се плашете да преземате ризици, почнете чекор по чекор и надградувајте се по пат. Дури и да не успеете, најлошото што може да се случи е да научите нешто ново.
Како вашето лично патување ве доведе до „Мама Органа“ – од идеја до еко-активизам и реален производ како органското ѓубриво?
Идејата за „Мама Органа“ не дојде од бизнис план, туку од лична потреба. Поради здравствени причини морав да консумирам само органска храна, но не можев финансиски да си ја дозволам. Наместо да се откажам, решив сама да почнам да одгледувам храна, и тоа во урбана средина. Во тој процес, се едуцирав и дознав дека од отпад од храна може да се создаде нова вредност. Буквално – живот за нова храна. Тоа беше мојот клик момент. Еко-активизмот кај мене не е одделен од зеленото претприемништво – тоа е истата борба, само преку различни алатки.
Со кои најголеми предизвици се соочивте како жена-претприемач во зелениот сектор, и како успеавте да ги надминете?
Најголемиот предизвик беше да ме сфатат сериозно – и како жена, и како некој што зборува за отпад и компостирање во општество што сѐ уште не ја гледа животната средина како приоритет. Почнав без ресурси, често наидував на скептицизам, но и на отпор и недоверба во деловната средина. Тоа и сега понекогаш е така, но мојата упорност не ми дозволува тоа долго да влијае на мене. Постојано активно работам на својот развој и со тек на времето научив повеќе да се фокусирам на делување, наместо на оправдување.
Зошто е важно денес да зборуваме за отпадот како ресурс, и како вашето ѓубриво го менува тој наратив?
Затоа што, еве на пример, органскиот отпад (отпад од храна, градинарски отпад и др.) всушност е храна за нов живот. Само треба да ја смениме перспективата. Наместо да заврши на депонија и да ја загадува околината, станува значаен ресурс во производството на храна. Живееме во време кога природните ресурси се многу ограничени и редно е да почнеме така и да се однесуваме. Нашето ѓубриво е доказ дека од лушпа од компир или кора од банана може да настане здрава почва за нова храна. Така, не само што го намалуваме отпадот, туку и градиме поодржлив и одговорен систем.
Што значи за вас да имате свои финансии – како тоа ја промени вашата самодоверба, изборите што ги правите и начинот на кој живеете?
Кога жената има свои пари, има и свој глас, а оттаму почнуваат сите вистински промени.
Колку е важно жените да градат заедници и поддршка меѓусебе кога започнуваат сопствен бизнис? Имавте ли вие таква мрежа?
На почетокот од моето претприемачко патување, имав огромна поддршка од една женска организација која ми помогна да се најдам на правиот пат. Тие не само што ми понудија практични алатки, туку и емоционална поддршка која беше многу важна. За мене, поддршката и довербата од други жени и ден-денес е од клучно значење.
Што ве мотивираше да ја видите вредноста во нешто што обично се фрла – како отпадот?
Ме мотивираше неправдата – фактот дека фрламе храна, а има луѓе што немаат што да јадат. А ме мотивираше и загаденоста на Скопје. Био-отпадот, кога се разлага, ослободува CO₂ и други уште поштетни гасови, а претставува дури 60% од вкупната количина на создадениот комунален отпад. Секојдневно гледајќи ги преполните контејнери, отпадот ми стана симбол на систем што не функционира, но и на можност за промена.
Каде ја гледате „Мама Органа“ за пет години – и што сакате да оставите како трага со овој бизнис?
Ја гледам „Мама Органа“ како пример дека одржливиот бизнис може да биде и успешен и влијателен. Во следните пет години сакам да изградиме мрежа на партнери, локални заедници и нови производи што ќе го зајакнат циркуларниот модел не само во Македонија, туку и надвор од неа. Но подеднакво важно, сакам да оставиме трага во свеста дека отпадот има вредност, дека малите навики прават голема разлика, и дека секој индивидуално може и треба да придонесе за поздрава средина.