По големиот успех на претходните изданија, Халкбанк со гордост го претставува третото продолжение на кампањата Фустани со џебови — иницијатива која и оваа година го става женското претприемништво во прв план. Кампањата и понатаму го негува својот автентичен пристап и препознатлив глас, но овојпат со нов, значаен фокус: одржливоста.
Во Фустани со џебови 3 се запознаваме со шест инспиративни приказни за сопственички на мали бизниси кои не само што создаваат вредност, туку и придонесуваат кон поздрава, поодговорна иднина. Нивните бизниси имаат еколошка основа или пак се длабоко поврзани со принципите на одржлив развој: повторна употреба, природни материјали, нула отпад, локално производство и општествена одговорност.
Симболот на фустаните со џебови останува метафора за жената која е самостојна, практична и подготвена да ја носи својата визија со себе — во џебови полни со идеи, решенија и амбиции.
Како продолжение на кампањата, на portret.digital ќе бидат објавени интервјуа со нив, преку кои одблиску ќе ги запознаеме нивните животни приказни, инспирации и секојдневни предизвици. Преку овие искрени разговори, ќе добиеме реална слика за патот на една жена претприемач – со сите нејзини успеси, дилеми и мотивации да создава промени.
Со „џебови“ полни со идеи и соништа, дизајнерката Мирјана Јосифовска го гради првиот македонски бренд за шапки кој слави женска независност, феминизам и еко-свесност. Во рамки на третото издание на кампањата Фустани со џебови, Мирјана ја отвора својата приказна – за модата како алатка за промена, за шапките како симбол на самодоверба и за тоа како се гради одржлив бизнис од мали парчиња текстил и големи визии.
Како се охрабривте да го направите првиот чекор и да започнете свој моден бизнис – особено со нешто толку специфично и автентично како шапките?
Отсекогаш сум била тврдоглаво, упорно дете кое сакаше да ги прави работите на свој начин. Не од бунт, туку од внатрешна потреба да водам, да создавам, да бидам одговорна за нешто свое. Од таа желба и љубопитност се роди MJ Hats.Започнав со шапки затоа што лично се имам поврзано со нив. Нешто што навистина го сакав и уживав и визуелно и емотивно. Ми беше важно да почнам со нешто што ме инспирира, а не само што „може да се продава“. Вистината е дека почнав многу наивно, со многу малку ресурси – ни приближно доволно. Но, со многу љубов, истрајност и идеја што не можев да ја игнорирам. Понекогаш тоа е доволно за да направиш прв чекор.
Во време кога шапките не се „масовен тренд“, вие решивте да им дадете нов живот. Што ве поврзува толку силно со овој моден детал?
Мојата поврзаност со шапките почнува уште од детството. Отсекогаш сум обожавала да ги носам – прво додека се преправав дека сум некој лик играјќи во плакарот на баба ми. Подоцна, мајка ми ми ги пренесе нејзините – некои беа наследени, некои ги имаше купено додека била млада. Кога бев тинејџерка, особено ги обожавав беретките. Еден ден решив да си купам шапка од локален дизајнер – и сфатив дека такво нешто не постои кај нас. Во тој момент сфатив дека можам да ја спојам мојата желба да создадам нешто свое со потребата да ја вратам оваа, на прв поглед, заборавена форма во модерниот контекст. Иако шапките не се масовен тренд, многу жени сакаат да изгледаат дотерано и уникатно. Сакав да создадам модели инспирирани од традиционални форми, но редизајнирани за смела, модерна жена што не се плаши да носи нешто со став.
Што претставува џебот за вас како моден дизајнер – дали е само практичен елемент или има и подлабока симболика, особено кога се зборува за женска независност?
Навистина ја обожавам кампањата „Фустани со џебови“, не само како концепт, туку и како симбол. Ме потсетува на времето кога првпат почнав да учам за феминизмот, на 13–14 години, и дознав за едно едноставно, но длабоко сознание: дека жените низ историјата немале свои ресурси – па затоа немале ниту џебови. За мене, џебот не е само практичен детал. Тој е симбол: на независност, на финансиска слобода, на можности што не секогаш ѝ биле достапни на жената. Тој е потсетник на борбите што ги воделе жените пред нас – и обврска ние да ги продолжиме. Како жена и како дизајнер, чувствувам должност не само да создавам убави и функционални парчиња, туку и да носам порака. Порака дека модата може да биде алатка за промена – и потсетник колку далеку сме стигнале, но и колку пат сѐ уште имаме пред нас.
Зошто мислите дека шапката може да биде симбол на женска сила, став и автентичност?
Жена што носи шапки е слободна жена. Тоа е реченица што денес ја чувствувам како свое животно мото. За мене, шапката не е само моден додаток. Таа е симбол: на самодоверба, на став, на автентичност. Жената што носи шапка не се плаши да биде забележана. Не се извинува за својот стил, за својот глас, за тоа како се движи низ светот. Модата не ја прави жената посилна – но добриот детал знае да ја нагласи таа сила што веќе постои во неа.
Зошто е важно токму вие да бидете дел од кампања која ја слави женската независност – што лично носите во тој наратив како креативка и жена со сопствен глас?
Да се создаде првиот македонски бренд за дизајнерски шапки за мене беше многу повеќе од бизнис. Тоа беше момент кога сфатив што значи да бидеш жена што води. Се соочив со одговорности и предизвици кои дотогаш не ги познавав. Но, токму тие искуства ме научија колку е важно да имаш свој глас – и преку мојот бренд, да им го отворам тој простор и на други жени. Работам со жени од рурални средини во Полошкиот регион, каде пристапот до работни можности е ограничен. Сакам преку брендот да им дадам не само финансиска поддршка, туку и чувство на вредност, видливост и припадност. Истовремено, соработувам со млади жени во дизајн, затоа што верувам дека модната индустрија има иднина – само ѝ требаат нови гласови. Имав среќа да имам менторка и сега се трудам и јас да бидам тоа за некоја друга. Затоа ова за мене не е само градење бренд, туку градење заедница – и тоа навистина длабоко ми значи.
Кој е моментот во вашата кариера кога почувствувавте: „Сега сум навистина своја“?
Моментот кога навистина се почувствував „своја“ беше кога за првпат се соочив со вистински одговорности, вистински предизвици и со фактот дека нема никој друг зад мене. Нема кој ќе ми каже како, нема кој ќе ми го покаже патот, нема кој што ќе ме води. Само јас. Тоа е застрашувачко чувство, но истовремено и ослободувачко. Сфаќаш дека си сам свој потпорен систем, дека од тебе зависи. Не е потребна само одговорност, туку и храброст. И во тие трансформации, го најдов највистинскиот дел од себе. Денес, не го гледам тоа како товар, туку како привилегија. Колку е голем подарокот да бидеш во точка од животот каде што сам го градиш својот пат.
Како успеавте да го претворите предизвикот на текстилниот отпад во можност за креативен израз и одржлив бизнис?
Кога почнував со модата, имав само 18 години и учествував на разни работилници – една од нив беше организирана од Fashion Weekend Skopje. Таму за првпат дознав колку огромна количина текстилен отпад се создава секоја година, но уште поважно, како во производствениот процес остануваат големи количини вишок материјал за кои компаниите немаат решение. Во Македонија нема систем за управување со отпад, па така поголемиот дел од вишокот завршува на депонии, што директно влијае врз животната средина. Јас веќе ја имав љубовта кон шапките и тогаш сфатив дека токму тие не бараат многу материјал за изработка – можеш да искористиш и помали парчиња и сепак да создадеш производ со висок квалитет. Така се роди идејата: да се создаваат современи парчиња за модерната жена, од одговорно селектирани материјали, со етичко производство во Македонија. Од таму почна сè, и оттогаш ја градиме приказната со јасна визија.
Кои се вашите планови за проширување на брендот „Мирјана Јосифовска“ и каква улога има женската независност во тие амбиции? Од 15 до 17 мај учествувавме со showroom на Belgrade Fashion Week – што за нас беше голем чекор во отворањето кон српскиот пазар и воспоставување нови партнерства. Во следните две години, нашата фокусна точка ќе биде проширување на брендот во земјите од Западен Балкан. Сакам да ја пренесам приказната што веќе ја градам тука – бренд кој ги слави жените, кој создава етички и естетски вредни парчиња и кој ја гради својата основа преку соработка со жени од рурални средини и млади девојки од Полошкиот регион. Мојата амбиција е тоа чувство на убавина, елеганција и самодоверба кое го пренесуваме преку шапките и додатоците, да го почувствуваат не само жените во Македонија, туку и жените низ целиот Западен Балкан. Затоа женската независност не е само дел од брендот – таа е двигателот зад сè што правиме.