По големиот успех на претходните изданија, Халкбанк со гордост го претставува третото продолжение на кампањата Фустани со џебови — иницијатива која и оваа година го става женското претприемништво во прв план. Кампањата и понатаму го негува својот автентичен пристап и препознатлив глас, но овојпат со нов, значаен фокус: одржливоста.
Во Фустани со џебови 3 се запознаваме со шест инспиративни приказни за сопственички на мали бизниси кои не само што создаваат вредност, туку и придонесуваат кон поздрава, поодговорна иднина. Нивните бизниси имаат еколошка основа или пак се длабоко поврзани со принципите на одржлив развој: повторна употреба, природни материјали, нула отпад, локално производство и општествена одговорност. Симболот на фустаните со џебови останува метафора за жената која е самостојна, практична и подготвена да ја носи својата визија со себе — во џебови полни со идеи, решенија и амбиции.
Како продолжение на кампањата, на portret.digital ќе бидат објавени интервјуа со нив, преку кои одблиску ќе ги запознаеме нивните животни приказни, инспирации и секојдневни предизвици. Преку овие искрени разговори, ќе добиеме реална слика за патот на една жена претприемач – со сите нејзини успеси, дилеми и мотивации да создава промени.
Во ова интервју разговараме со Јана Цветковска Лазаревска, основачка на „Игнеа“, која низ лична еволуција и посветеност успеа да изгради бренд што ја спојува традицијата со науката, локалното со глобалното, и убавината со одржливоста. Нејзината приказна е доказ дека автентичноста и храброста се темелите на секоја вистинска промена.
Кои беа клучните моменти што ја оформија вашата визија за „Игнеа“ – бренд кој го спојува локалното знаење со современиот пристап кон нега и убавина?
Отсекогаш сакав да се чувствувам добро во сопствената кожа. Сите недостатоци што ги имав, како и оние што сè уште ги имам – вклучувајќи ја и кожата – ме насочиja кон патот на прифаќање и надминување на несовршеностите. Како дел од таа лична еволуција, се роди природната еко-аромакозметика „Игнеа“. Со „Игнеа“ успеав да создадам синергија помеѓу науката и природата. Од една страна, го споив фармацевтското знаење, познавањето на технологијата на производство и аналитиката на готов производ. Од друга страна, ја следев желбата да го оживеам македонското традиционално знаење за моќта на билките и нивната лековитост како дел од нашето културно наследство.
Во едно општество што сè уште ги препознава предизвиците на женското лидерство, што беше вашата внатрешна мотивација да зачекорите во светот на претприемништвото?
Во еден момент, кога целосно го разбрав исказот „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“, решив да ја сменам својата професија, да си ја вратам слободата и да се посветам на она што најдобро го знам – создавање убавина. Сакав да создадам мал свет за себе, во кој ќе уживам, ќе творам слободно, каде што и јас и другите ќе се чувствуваме пријатно, исполнето и среќно. Грижата за човековата добросостојба, љубовта кон природата и стремежот кон одржливост ме поведоа кон светот на претприемништвото.
Како претприемништвото придонесе за вашата лична и економска независност и зошто е важно жените да ги создаваат сопствените економски простори?
Економијата е од исклучителна важност во денешното општество, особено кога станува збор за економската независност на жената. Сепак, постои нешто уште повредно што претприемништвото го донесе во мојот живот – задоволството на клиентот. Тоа чувство се огледа во:
· Личната сатисфакција
· Самодовербата
· Гордоста како позитивна човечка особина.
Не зборувам за горделивост, туку за онаа искрена гордост која произлегува од чесноста, добрата намера и понизноста. Кога она што си го создал ќе биде препознаено од страна на европски и светски авторитети, чувството на благодарност, убавина и вредност го допира срцето, те надградува и ги проширува твоите хоризонти. Ете, тоа се случи со мене кога моите два производи – серум и крема – добија номинација за награда од страна на European Natural Beauty Award.
Што мислите дека ѝ е најпотребно на една жена која денес размислува да започне сопствен бизнис – поддршка, самодоверба, менторска мрежа, финансиска стабилност?
Неодлучноста, стравот од неуспех и недостатокот на самодоверба често го придружуваат секој човек. Жената, како носителка на животот, во себе ја носи емпатијата, грижливоста, креативноста и едноставноста. Во исто време таа е и ранлива и силна, трпелива и одлучна, нежна и рационална. Тоа е одраз на нејзината моќ, способност и уникатност – и сите треба да бидеме свесни за тоа. екој човек има дарба, нешто за што е создаден. Затоа треба да го следиме својот сон и да бидеме храбри да веруваме во себе. За сè останато, денес во Македонија постојат менторски програми што постојано се нудат и ги опфаќаат сите неопходни аспекти за започнување и развивање успешен бизнис. Достапни се и низа поволности за стартапи, особено оние водени од жени. Халкбанк и Портрет магазин се само еден пример за тоа како може да се препознае и поддржи еден успешен претприемач. Всушност, не мора сите да имаме сопствени компании – доволно е да одбереме кому ќе му го подариме своето знаење, способност и време.
Што значи за вас користењето природни состојки во нега, и како ја гледате улогата на органската и еко-козметика во современиот животен стил?
Постои огромна разлика меѓу органска козметика, еко-козметика и тоа што навистина се подразбира под природна козметика. Иако овие категории се испреплетуваат, предност давам на вистински природната козметика – онаа која содржи најмалку 99% суровини од природно потекло, со строго регулирани останати 1%. Во Ignea, на козметиката гледаме како на храна. За нас, кожата не е надворешен орган – таа е дел од организмот и заслужува третман исто како и секоја друга клетка. Секоја клетка е подеднакво важна, само со различна функција. Затоа, еден препарат од Ignea содржи минимум 99,6% природни состојки – па сè до 100%. Само таквата козметика е здрава, не е штетна, и ѝ го дава на кожата она што ѝ е најпотребно: хидратација, исхрана, заштита. Резултатот е хидро-липиден баланс, регенерација, трансформација, поттикнување на природните процеси и зајакнување на имунитетот на кожата. Се трудиме здраво да ја храниме кожата, да ѝ обезбедиме средина во која ќе функционира природно. Три принципи се основа на Ignea еко-арома козметика: скинимализам, фитотерапија и ароматерапија.
Што ве движи – надвор од производот и пазарот – која е пошироката визија што ве инспирира?
Ignea не е само козметика, туку филозофија и стил на живот. Физичката убавина, убавината на душата и духот се нашиот фокус. Создадовме концепт на одржлива рутина кој ги поместува границите – резултат е здрава и негувана кожа со помалку брчки. Концептот води кон себеси, затоа што вистинската убавина зрачи од внатре.
Како ја замислувате иднината на „Игнеа“ и каква улога сакате вашиот бренд да има во зајакнувањето на жените и локалната заедница?
Преку кремата Leda Lux Divine и серумот Fit Face, Ignea е веќе препознаена од европски козметолошки авторитети. Претстои фаза на евалуација од експерти во Европската козметологија по 3-4 месеци користење, со финале на свечена церемонија во Париз. Се отвораат нови можности, но едно знам – Ignea ќе продолжи да создава козметика без компромиси, експлоатација и загуба на автентичноста. Производите ќе останат достапни за македонските жени – нашите најискрени критичари и поддржувачи. Нивната доверба и препораки ми дадоа сила да прифатам можност за која никогаш не ни сонував.Сакам да создадам компанија во која секој ќе се чувствува слободно, ценето и почитувано. Без страв да побара слободен ден, боледување или одмор. Компанија без мобинг, озборувања и заткулисни игри. Работно место каде ќе владее човечност, а не притисок.
Како гледате на улогата на жените во бизнисот во Македонија, и што мислите дека е потребно за создавање поинклузивна и поддржувачка средина за женското претприемништво?
Она што недостасува е лесна достапност до информации за започнување бизнис. Вториот голем предизвик се финансиите – без разлика на полот. Многу работи се хаотични и необјаснети. Имаме неверојатен потенцијал во земјава, но поради ограничувањата, многу таленти заминуваат надвор. Дури кога добив номинација за европска награда, сфатив колку е тешко да излезеш надвор од нашите граници. Мораме да ги промениме работите – и организациски, и ментално – за да го создадеме просторот каде квалитетот ќе може да исплива и да биде поддржан.