Вчера се одржа 76. доделување на филмските награди на Британската академија за филм и телевизија – БАФТА. Свечената церемонија се одржа во една од најпрестижните сали во светот – Ројал фестивал хол во Лондон, Велика Британија. Водител на настанот беше англискиот актер Ричард Е. Грант.
Драмата за Првата светска војна „All Quiet On The Western Front“ (На запад ништо ново) беше голем победник и освои седум различни категории, меѓу кои и онаа за најдобар филм. Со седумте освоени награди овој филм го сруши рекордот на БАФТА за најмногу награди од филм кој не е на англиски јазик.
Филмот освои и награди за најдобра режија, за режисерот Едвард Бергер, најдобро адаптирано сценарио, најдобра кинематографија, најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, најдобра музика и најдобри звучни ефекти. Беше номиниран во 14 категории.
Филмот е адаптација на романот од 1982 година на Ерих Марија Ремарк.
Помеѓу останатите победници на синоќешната церемонија беше и „The Banshees of Inisherin“ кој победи во категориите за најдобар британски филм, најдобро оригинално сценарио, најдобра споредна актерка за Кери Кондон и најдобар спореден актер за Бери Киген. Четири награди освои и „Elvis“, за најдобар актер – Остин Батлер, како и за најдобра костимографија, кастинг и шминка.
За најдобра актерка беше прогласена Кејт Бланшет, за нејзината улога на диригентка во филмот „Tár“. Документарниот филм „Navalny“, што го раскажува животот на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, беше прогласен за најдобар во својата категорија. „Pinocchio“ на режисерот Гиљермо Дел Торо беше прогласен за најдобар анимиран филм.
Вистинско изненадување за многу фанови и филмски љубители беше што филмот „Everything Everywhere All At Once“ освои само една статуетка, наградата за најдобра монтажа.