Еден ден во „Игралиште“ – првата винтиџ продавница во Скопје
февруари 2, 2022
„Игралиште“ е првата винтиџ продавница во Скопје и воедно продажен простор за мали локални брендови. Винтиџ облеката доаѓа од Лос Анџелес, каде што нивната соработничка Ани прави селекција на парчиња во модерен и романтичен стил. Во моментов има околу десет мали локални брендови во продавницата, меѓу кои PINC Partywear, Volatile, Avangarda, Moki, Elita Zhaku, Esma Kazim и други.
Погледнете како изгледа еден ден во винтиџ продавницата со Вера!
Прва задача штом отворам напладне е да пуштам NTS радио – шопингот е подобар со музика – проверен факт. Дури врти соул, време е да го отворам инстаграм профилот @igraliste.sk
И, ете ја првата порака за денес: „Дали имате топли и удобни џемпери?“ – „Да, само што ја изложивме новата винтиџ колекција“ – одговорив, додека ги разгледував меките волнени џемпери, сите се различни, one of a kind.
Сонцето се проби низ облаците, ова е моментот да го сликнам и споделам омилениот дел од продавницата, полицата со аксесоари.
Eдна клиентка бараше свилена винтиџ кошула. Штом се качи на вториот кат се заљуби во малата рачно изработена чанта „Дали и ова е винтиџ парче?“- ме праша, „Не, дел од парчињата во нашата продавница се од локални дизајнери“- ѝ одговорив.
Две девојки ѝ купија „Игралиште гифт ваучер“ на најверната другарка за роденден. Половина од денот ми помина многу брзо дури помагав на една клиентка да ги одбере совршените винтиџ Левис фармерки – must have piece за секој стилизиран плакар. Направивме аутфит со винтиџ топ од 80-тите и кул бакет капа со принт.
Клиентките од игралиште си заминуваат со насмевка. Кога купуваат винтиџ, истовремено се грижат и за природата и учествуваат во процесот на придвижување кон одржлива мода. Исто така, магично, е кога трагаш по тоа едно парче, што го носи стилот на следно ниво. Ние обожаваме винтиџ.