Катерина Трпковска е основач, дизајнер и мајстор зад брендот „Rinocca“ – единствен македонски производител на дизајнерски мебел што успешно пласира производи надвор од границите. Низ разговорот со неа, го истражуваме балансот помеѓу функцијата и емоцијата во дизајнот, вредноста на занаетчиството во ера на масовно производство и визијата за мебел како медијатор помеѓу човекот и просторот.
Како ја разбирате тензијата помеѓу функцијата и емоцијата во дизајнот на мебелот, и на кој начин Rinocca ѝ дава форма на таа релација?
Без неколку клучни фактори, дизајнот – а особено дизајнот на мебел – останува само нерационално, масовно производство што најчесто станува глобален проблем. Талентот, како основа, мора да се надгради за да стане моќна алатка за решавање и создавање. Напорната работа создава знаење, а можеби најтешкото е да научиме да слушаме. Само така, како професионалци, можеме да моделираме производ со вистински карактеристики. Балансирањето меѓу естетиката и функцијата е резултат на тоа знаење.
Во време на масовно производство и стандардизација, каде го лоцирате значењето на занаетчиството – како чин на отпор или како акт на културно продолжување?
Не можеме да опстанеме без масовното производство – премногу луѓе зависат од него. Во таа реалност, добриот, етички дизајн стана луксуз. Rinocca не е дел од тоа лудило, не од свесен отпор, туку како резултат на учење, адаптација и грижа. Малите компании и занаетчиите се клучни – тие не збогатуваат финансиски, но ја пренесуваат културата и суштината. Затоа, отпорот не е решение – потребна е симбиоза помеѓу технологијата и автентичноста.
Архитектурата на 20-от век претставува извор на инспирација за вас – што ве привлекува кон нејзината строгост и едноставност, и како ја преведувате таа естетика во топлината на дрвото?
Нашето творење му дава строга дефиниција на мебелот наспорти природната форма на дрвото. Таа контраст е бесконечна можност за експериментирање во конструктивниот пристап, што пак ја одржува нашата страст кон дизајнот. Најтешко ми е да говорам кога треба да се дефинира визулениот идентитет на мебелот на Ринока, бидејќи се уште учам или пробувам да разберам од каде точно доаѓа инспирацијата за истото. Но сигурна сум дека 20-oт век е примарна инспирација за тоа како мебелот треба да е изработен односно “Build to last”. А бидејќи нашите парчиња мебел навистина траат, мора да се погрижиме и да не станат досадни за сето тоа време. Тоа го постигнуваме со многу посветено време во деталите. Нашиот мебел крие многу детали во својата едноставност. И токму тоа прави да се истакнеме од останатите. Тие детали прават луѓето понекогаш да застанат и обзервираат, тригерира љубопитност, допир, негативни и позитивни, конструктивни и неконструктивни критики но никогаш никој не останал рамнодушен.
Како изгледа процесот на трансформација – од идеја до мебел што станува дел од нечие секојдневие, и каде се крие поезијата во таа трансформација?
Голема е одговорноста кога знаеш дека твојот дизајн ќе биде дел од нечиј живот. Работиме со клиенти од целиот свет, и секогаш кога има взаемна доверба, процесот тече природно. Довербата ѝ дава простор на креативноста, а токму тука се крие поезијата – во слободата да создадеш нешто што ќе биде автентично, функционално и лично.
Како Rinocca го толкува односот меѓу човекот и просторот, и како мебелот станува медијатор, а не само објект, во таа релација?
Можеби звучи филозофски, но мебелот влијае на расположението и здравјето. Без разлика дали е канцелариски, детски или домашен, добриот мебел поддржува тело и ум. Ние постојано учиме и работиме за мебелот да му користи на човекот. Тоа е наша морална обврска – да создадеме нешто што влијае позитивно, а не само да реализираме форма.
Кои прашања си ги поставувате себеси кога создавате нова колекција – естетски, филозофски или егзистенцијални?
Секогаш си поставувам две прашања: Како да бидеме подобри? И како да решиме конкретен проблем во односот човек-простор? Креацијата не е само скица и изведба – таа е синтеза од тимска работа, разбирање на потребите, добар менаџмент, вложувања и визија. Добриот производ е резултат на синхронизиран систем – и тука е магијата.
Rinocca е единствениот македонски бренд што создава и продава дизајнерски мебел надвор од државата, дизајниран од македонски дизајнери и изработен во Скопје. Гордост е што сме признати со регионални награди, но фактот дека сме единствени е поразувачки. Во Македонија има производствени фирми, но не и дизајн. Нашата визија е да станеме стабилна платформа за идни генерации дизајнери – да создадат автентичен македонски мебел и да го унапредат индустрискиот дизајн. Очекуваме поголема соработка со домашни архитекти – наша предност е што можеме да изработиме ексклузивни парчиња мебел со кои архитектите ќе остават свој печат. И сето тоа – по цена на увозен мебел. Тоа е взаемна поддршка: тие добиваат оригиналност, ние – можност за развој.