Фотографот Далибор Толевски за себе вели дека е љубопитен екстроверт, вечен оптимист, позитивец, човек кој не го држи едно место. Хиперактивен и авантурист секогаш е подлежен на промени и предизвици. Ја обожува и е сведок на уметноста околу нас, љубител на добра музика и добро друштво, а во Чикаго создава неверојатни модни фотографии.
За фотографирање се заинтересирав… За уметност се интересирам од рана возраст со тоа што цртав многу уште од помал. Сето тоа прерасна во интерес за фотографија кога го запознав Владимир Георгиев во 2004 година кој беше во тоа време најпознат македонски фотограф. Тој е најголем кривец за тоа.
Инспирација за фотки добивам од… луѓето и нивната индивидуалност.
Фотографијата има моќ да… да креира влијание и да долови нови перспективи.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Од македонските фотографи можам да ги издвојам Владимир Тасевски, Ани и Дими, Дарко Мораитов и Владимир Георгиев. Од странските фотографи следам многу и пред неколку недели направив photographer appreciation weekend кога објавив околу 100-тина фотографи од светот кои се вредни да се следат. Планирам да го направам тоа повторно во иднина па тие што ме следат на Инстаграм ќе имаат можност да ги видат кога ќе споделам.
Модна фотографија бидејќи… гламур, сензуалност, сексапил, фантазија.
Од моделите сакам да извлечам… индивидуалност.
Работата и животот во Чикаго ми донесоа… искуство, пријатели и нова перспектива.
Најважно за да се добие добра модна или комерцијална фотографија е… добро разбирање и следење на модата, како и идеја за порака која сакате да ја пренесете преку фотографијата.
Неостварена желба ми е… Работам на неколку проекти врзани со фотографијата и се надевам наскоро ке ги завршам и ќе можам да ги споделам со јавноста.
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на фотографите… па реално да. Секаде кај што може да се биде виден е соодветно место за промоција.
За еден фотограф најдобро да се изрази е важно… да се пронајде себеси и својата насока во фотографијата.