Ангелина Станојоска е доктор на безбедносни науки, вљубеник во научните истражувања, вонредна професорка на Правниот факултет при УКЛО – Битола и инспиративен пример за успешна приказна.
Вашиот фокус на научен и истражувачки интерес се теориите за криминалното однесување, пред сè теориите на напнатост и феминистичките теории на животните патеки, тестирани на популации на жени сторители на кривични дела и жени осуденички. Што беше пресудно да почнете да работите во овие области?
Криминологијата е наука што опфаќа многу можности за истражувања на криминалот, од феноменолошки и од етиолошки аспект. Мој истражувачки интерес се теориите за криминалното однесување кои ги анализираат криминогените фактори, а потоа истите е можно да се тестираат во различни општествени услови и на различни популации.
Генералната теорија на напнатост ги поврзува изворите на напнатост, напнатоста, механизмите за справување со неа и негативните емоции со појавата на криминалното однесување. Притоа, се мисли на напнатост што трае и негативни емоции што најчесто со појавата доведуваат до однесување што е криминално.
Од друга страна, феминистичката перспектива на животните патеки е насочена кон животните искуства и траектории чијшто различен развој може да доведе до криминално однесување. За неа се важни животните искуства на жените и девојчињата и нивната поврзаност со потенцијалното криминално однесување.
Мој интерес е комбинација на овие две теории во тестирање поврзано со жените како сторители на кривични дела, пред сè жените осуденички, бидејќи во Македонија многу ретко научниот фокус е насочен токму кон оваа популација. Изречената казна затвор значи дека тие жени извршиле потешки кривични дела, па целта е да истражам кои се факторите што довеле до појава на кривичното дело преку анализа на напнатоста и животната траекторија, како и дали тие се директно поврзани со родовите улоги, различното воспитување на женските и машките деца, виктимизацијата на жените (пред сè, во семејството), како и целокупната положба на жената во општествената заедница.
Првото истражување со кое во Македонија по првпат тестиравме криминолошка теорија (генералната теорија на напнатост) се случи во 2018/2019 година. Тоа беше наградено од UNODC и Меѓународното здружение за криминологија, резултатите беа презентирани на Светскиот конгрес за криминологија, што се одржа во Доха, а подоцна беше објавено и во Меѓународното научно списание за криминологија (International Annals of Criminology) во издание на „Кембриџ кор“.
Жените осуденички најчесто се или жртви на семејно насилство или жени кои се маргинализирани, финансиски зависни или немоќни. Кои се препораките за ресоцијализација и реинтеграција на тие жени повторно во општествениот систем?
Како што напоменав, истражувањето од 2018/2019 година покажа дека најчест извор на напнатост кај жените кои сториле кривично дело се или претходна виктимизација или финансиски стрес. Финансискиот стрес во најголем број случаи е поврзан со имотните кривични дела, додека претходната виктимизација е најчесто во корелација со насилните кривични дела. Всушност, станува збор за жени кои поради насилството што го трпеле или поради маргинализацијата, дискриминацијата и воопшто положбата на жената и традиционалната перцепција кон неа, не успеале да се справат со напнатоста и негативните емоции на прифатливи начини. Но, тоа не значи дека не се обиделе да го направат тоа. Имено, постојат многу случаи на осуденички кои пред да го сторат кривичното дело побарале помош од институциите (при семејно насилство) или се обиделе да најдат вработување, да го подобрат општествениот статус (кај финансискиот стрес), но, за жал, не успеале.
Кај ресоцијализацијата и реинтеграцијата на осудените лица воопшто, па и кај осуденичките, пред сè, важно е откривањето на криминогените фактори што, поврзани со ситуациските фактори, резултираат со извршување на кривичното дело, а потоа да се работи на отстранувањето на тие фактори во процесот на индивидуален и групен третман. Тоа е комплексен процес во кој, се разбира, мора активно да биде вклучено и осуденото лице. Кај осуденичките процесот на третман треба да вклучува утврдување на изворите на напнатост, а потоа отстранување на тие извори. На пример, ако жената извршила кривично дело убиство, а жртва е интимниот партнер кој вршел насилство врз неа, значи дека еден извор на напнатост е семејното насилство. Се поставува прашањето дали жената побарала помош? Ако побарала, дали била заштитена? Уште поважно, дали, ако не побарала помош, тоа е резултат на нејзината обесхрабреност, претпоставувајќи како би реагирале институциите? Клучно е да им помогнеме на тие жени во нивната рехабилитација, а од случаите да заклучиме кои биле институционалните грешки и да не ги повторуваме. Во однос на криминалното однесување на жените, мора да се работи на промена на општествената перцепција за жената; да се промени воспитувањето на девојчињата во насока на исполнување на родовите улоги и општествените очекувања од нив; да се намалува родовиот јаз во платите и работните позиции што ги добиваат жените; како и да се работи на спречување на семејното и родово заснованото насилство, но и на помош и заштита на жртвите. Само така би успеале да спречиме барем дел од кривичните дела што ги извршуваат жени.
Авторка сте на голем број истражувања, научни трудови, универзитетски учебници и сл. Колку нашата држава, нашите институции се подготвени да партиципираат со каква било помош во овие истражувања?
Почнувајќи од 2014 година, кога бев избрана за доцент на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, па сè до овој момент, кога веќе сум вонредна професорка, моите истражувања се финансирани или од сопствени средства или се поддржани од познати програми, како „Еразмус Базилеус“ преку која престојував на Правниот факултет при Универзитетот во Лунд, Шведска; истражувачки центри како Институтот „Макс Планк“ за истражување на криминалот, безбедноста и правото во Фрајбург, Германија, каде што престојував во 2018 година; и последната година со престижната стипендија „Фулбрајт“ преку која престојував во САД, на Одделот за криминологија и кривична правда при Универзитетот во Мисури – Сент Луис. И истражувањето на кое работам, а кое ќе биде дел од книга на која сум и уредничка, а ќе ја издаде престижниот издавач „Спрингер“ во 2023 година, го правам со сопствени финансии. Јасно е дека Македонија ниту вложува ниту е подготвена да вложи во науката и истражувањата, што укажува и фактот дека на годишно ниво за наука одделуваме околу 0,35% од БДП. Понатаму, иако се за поздравување финансиските средства што се доделуваат на авторите доколку се објави труд во меѓународно списание со импакт фактор, дали некој се прашал колку чини истражувањето за да се дојде до објавен труд во таков вид списание? И дали се зема предвид денешното сè повеќе раширено мислење за импакт факторот? Дали ми е цел мојата работа да биде достапна за сите (да биде open access) или некој да плати за да ја прочита? Оваа година, МОН по првпат распиша конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти што би ги предложиле државните научни институти, но каде се тука факултетите? Сметам дека ни е потребна голема промена во пристапот кон научните истражувања и во делот на финансирањето и во делот на изборот на научни истражувања што се клучни за секоја научна област. Уште поважно е резултатите од тие истражувања да не останат само текст на хартија туку институциите да ги погледнат и да ги користат при преземањето чекори кон промени во секоја област на општествениот живот. На пример, Хрватска и Србија имаат успешни приказни со фондовите за наука, каде може да се аплицира со научно-истражувачки проекти од национален интерес на отворените повици. Македонија мора да разбере дека без наука не постои општествен напредок, ниту, пак, постојат општествени промени што треба да се во чекор со модерниот начин на живот.
Со добивањето на стипендијата „Фулбрајт“ имавте можност да престојувате во САД, на Универзитетот во Мисури – Сент Луис. Што ви остави најголем впечаток од вашиот престој таму?
Стипендијата „Фулбрајт“ за мене како професорка и истражувачка претставува големо признание. Се работи за најпрестижната стипендија во светот, а јас како професорка од Македонија, сум единствена која ја добила за истражувања во областа на криминологијата. Мојот престој беше на Одделот за криминологија и кривична правда при Универзитетот во Мисури – Сент Луис, каде работев на истражување поврзано со генералната теорија на напнатост и (зло)употребата на супстанции на популација на студенти од САД и Македонија. За време на престојот соработував со професорката Ли Ен Слокум, која претходно ја има тестирано истата теорија, но на популација на осуденички во сојузната држава Мериленд. Впечатливо за одделот е што години наназад ги има најдобрите програми за магистерски и докторски студии во САД, меѓу кадарот го има професорот Ричард Розенфелд, со кого имав можност да соработувам, а кој според листата на Academic Influence е меѓу петте највлијателни криминолози во светот. Понатаму, САД во однос на универзитетите и науката има неспоредливи услови за работа со тие во Македонија. Едноставно, тоа е земја што секојдневно вложува во науката, а вам, како професор и истражувач, доколку сакате да работите, ви се отворени фондови што финансиски би ја поддржале вашата работа. Потоа, резултатите се искористени од истите институции што всушност и бараат истражувања со одреден фокус во тој момент. Исто така, се работи за сосема различен начин на студирање, кој го тера студентот повеќе да размислува, користејќи ја, се разбира, и меморијата како алатка, но и сопствената способност за академско пишување и научна работа. Она што мене како човек многу ми се допадна во САД се големите паркови што ги имаат урбаните средини. Би сакала да можевме да вложуваме повеќе во зелени површини кај нас, а не бескрупулозно да ги уништуваме на сметка на нови бетонски згради. И да, би сакала да сме малку повеќе љубезни, како што се Американците, кои секогаш се подготвени да ви помогнат.
Вие сте основач и тренер во клубот „Титус Флавиус Орестес“, преку кој со своите студенти учествувате на меѓународни натпревари за симулации на судски процеси пред Европскиот суд за човекови права. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за работата на овој клуб?
Клубот „Титус Флавиус Орестес“ е формиран од 2017 година и преку него студентите учествуваат на симулации на судски процеси пред Европскиот суд за човекови права. Од формирањето сме учествувале на повеќе регионални натпревари, каде што сме постигнале навистина добри резултати. Би ги споменала натпреварот „Футура“ во 2018 година (во организација на „Civil Rights Defenders“), каде што во конкуренција на осум правни факултети од регионот, нашите писмени поднесоци го освоија првото место, додека на усниот турнир завршивме трети; како и „Pre-Moot court“ од оваа, 2021 година, во организација на Правниот факултет во Ниш, каде што на усниот турнир бевме втори.
Иако се работи за научна област што е малку подалечна од криминологијата, сепак да се работи со млади луѓе кои се подготвени да научат повеќе за човековите права и механизмот за нивна заштита е навистина задоволство и не ми претставува никаков товар. Напротив, секој влог во младите луѓе и нивната перцепција кон учењето и науката е добивка и за нив лично и за нас како професори, а најмногу за целокупната општествена заедница, бидејќи само така можеме да очекуваме промени кон подобро.
Вашата научна дејност е во областа на науки за кои најчесто има предрасуди во однос на родот. Дали сте имале непријатно искуство со каква било дискриминација?
Би рекла дека предрасудите во однос на родовата припадност, пред сè, се однесуваат на жените во полицијата. Во тој дел, како поранешна студентка на Полициската академија, каде што го завршив првиот циклус на студиите, јас, лично, не сум се нашла во таква ситуација. А во однос на перцепцијата на жените како професорки и истражувачки, лично, повторно не сум се нашла во ситуација каде што сум била дискриминирана. Но, тоа што јас не сум била во таква ситуација, не значи дека дискриминацијата на жените не постои и во академската професија, која сè уште важи за т.н. „машка професија“. За жал, и покрај тоа што денес повеќе девојки од момци дипломираат на нашите универзитети, сепак помалку жени како професорки работат таму. И во истражувањето од 2018/2019 година, осуденичките негативните емоции ги поврзаа и со нивната дискриминација во процесот на вработување, образование или заштита од институциите во случај на семејно насилство, посочувајќи дека сигурно би им било многу подобро доколку се мажи.