Преку предизвик доаѓа промена, а токму тоа е и мотото за овогодинешниот Меѓународен ден на жената. Почнувајќи од Роза Луксембург, Клара Цеткин и Александра Колонтаи денес сè уште трае борбата за родова еднаквост во пракса, не само за плати и подобри услови за работа (иако и тоа е меѓу примарните прашања), туку и за право на абортус, заштита од насилство, дискриминација, сексуално вознемирување… Листата е долга, а маршот за 8 март „Држава што не постапува е држава што силува“ што се одржа денес е токму против системската дискриминација и насилстовто и за професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
Во контекст за Меѓународниот ден на жената, на четири жени кои со својата работа, професија и идеали покажале како изгледа борбата за рамноправност им поставивме по три исти прашања.
Проф. Д-р. Николина Кениг – Неопходни се итни промени на континуираната нормализација на родовото насилство
Проф. Д-р. Николина Кениг е редовна професорка при Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Нејзино поле на интерес се, родови прашања, родово засновано насилство, сексуално образование, мултикутурализам, етнички идентитет. Во периодот од 2010-2016 членува во академската мрежа на Еразмус Children’s Identity and Citizenship in Europe (CICE). Од 2013-2018 била раководител на докторските студии на Институтот за психологија, а од 2015 е претседател на Етичкиот одбор на Комора на психолози на РМ.
Која ви е првата асоцијација за 8 март?
Осми март секогаш ме потсетува за тоа колку е распространет митот дека кај нас, еднаквоста меѓу мажите и жените е веќе постигната, наспроти сите објективни показатели дека тоа не е така. Истовремено, овој ден за мене е надеж дека секој нареден, одиме чекор поблику до реализација на таа цел.
Постојано се зборува за родовата еднаквост во општеството и во светот, а сепак разликите се големи помеѓу поразвиените демократски општества и посиромашните, патријархални средини. Колку е светот вистински подготвен за конечна и правилна родова еднаквост?
Ако земеме предвид дека пратениците во Европскиот парламент, на неодамнешната расправа за состојбата со женските права, се изјаснија дека во ниту една земја-членка на унијата сè уште не е постигната посакуваната рамноправност, или, дека во земја која припаѓа на истата таа заедница, жените можат да бидат соочени со скоро целосна забрана за абортус во дваесетипрвиот век, простор за дилеми дали светот е навистина подготвен за воспоставување на родова еднаквост на глобално ниво, речиси и да нема. Индексите на еднаквост бавно се менуваат и диспаритетот меѓу развиените и неразвиените средини во пораст. Во таа смисла, не може а да не ја споменам Ковид-кризата, која, недвосмислено доведе до влошување на положбата на жените, заради доминацијата на родово слепите политики на справување, заедно со тенденцијата на регредирање кон традиционалните родови улоги, што се случи речиси по автоматизам. Веќе е документирано дека кризата посилно се одрази врз безбедноста и социо-економската положба на жените споредено со мажите. Она што е многу веројатно дека дополнително ќе случи паралелно со овие процеси е маргинализација на прашањето на родовата рамоноправност, особено на агендите на земјите во развој. На оптимизмот искажан низ резултатите од меѓународна анкета спроведена во 34 земји пред почетокот на пандемијата, кои упатуваат на тоа дека родовата рамноправност се перцепира како важно прашање, ќе му треба сериозна поддршка за да се одржи како тренд и во иднина.
Овогодинешното мото на Меѓународниот ден на жената е Choose to challenge, односно дека преку предизвик доаѓа промена. Кого или што вие би предизвикале за промена во македонското општество?
Нема сомневање дека коренити промени треба да се случат генерално во однос на тоа колку кај нас се прифаќаат патријархалните вредности со кои истовремено и се овозможува и се легитимира потчинувањето по родова основа. Ако треба да дадам приоритет за тоа што да биде предизвикано, би рекла дека се неопходни итни промени на континуираната нормализација на родовото насилство, преку неговата практична неказнивост и двојното виктимизирање на жртвите, наспроти рационализирањето на постапките на насилниците. Доколку избирам кого, сметам дека први би требало да бидат повикани на одговор институциите на системот, кои, индиректно учествуваат во одржување на нееднаквоста и на патријахалниот поредок, релативно комотно потпрени на декларираната политичка воља, или, на механизмите заштита од дискриминација и унапредување на родова рамноправност кои постојат „на хартија“, а кои не се имплементираат. Оттука, мотото на овогодинешниот осмомартовски марш, сосема оправдано ги третира молкот и непостапувањето како соучесништво во дискриминацијата.
Елмедина Абдулахи – Најсериозниот предизвик во ова општество е да се едуцираат деца кои ќе ја почитуваат и вреднуваат секоја личност
Елмедина Абдулахи е раководителка на библиотеката „Макс ван дер Стоeл“ на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Како една од основачите на Движењето „Мајка и дете“ учествувала во организирање на континуиран притисок кој имаше силно влијание врз централната и локалната власт за намалување на загадувањето на воздухот во Тетово. Меѓу другите социјални активности, таа исто така е и основачка на едукативното здружение „Пенда-АЕП“, како и на настаните од општествените науки BarCamp Tetovo. Елмедина е родена во 1977 година во Призрен, самохрана и горда мајка на две деца Еда и Бер и многу среќна баба на внуката Ада.
Која ви е првата асоцијација за 8 март?
Да се слави или да се протестира? Прашање која се поставува секоја година за Меѓународниот ден на жената… но за жал, прашање без унифициран одговор кое лесно оди во заборав после неколку букети цвекиња!!!
Постојано се зборува за родовата еднаквост во општеството и во светот, а сепак разликите се големи помеѓу поразвиените демократски општества и посиромашните, патријархални средини. Колку е светот вистински подготвен за конечна и правилна родова еднаквост?
Меѓународниот ден на жената се слави годишно на 8 март. Тој го одбележува движењето за правата на жените и првпат беше прославен во 1911 година од жени и мажи кои ги поддржуваа правата на жените за работа, гласање, обука и одржување јавни функции. Со официјална поддршка од Обединетите нации стана јавен настан во 1975. Дали сите овие информаци ни се доволни за да славимe? Според податоци објавени токму од ОН, жените се во првите редови во битката против КОВИД-19, како работници, во првите редови и во здравствениот сектор, како научници, лекари и негуватели, но сепак добиваат плата за 11 проценти помалку на глобално ниво отколку нивните машки колеги. Oва е само сегмент од фактичката состојба дека и по максималната посветеност на жените сè уште не уживаме еднакви права во општеството, особено во нашето општество каде сè уште се чувствува патријархалниот дух. Кога жените водат, гледаме позитивни резултати. Некои од најефикасните и примерни одговори на пандемијата КОВИД-19 ги водеа жени. А, жените, особено младите жени, се во првите редови на разновидните и инклузивни движења и во земјата, а и во светот почнувајки од проблемите за климатски промени, сè до сите останати социјални проблеми. Но сепак, жените под 30 години се помалку од 1 процент од парламентарците ширум светот, иако, единствениот начин на кој ќе добиеме вистински општествени промени е да ги вклучиме способните жени во донесувањето одлуки. Јас сум обожавател на мислата, „женско за женско“. Со безрезервна поддршка едни на други можеме да ги скршиме сите стереотипи и да бидеме на заслуженото место.
Овогодинешното мото на Меѓународниот ден на жената е Choose to challenge, односно дека преку предизвик доаѓа промена. Кого или што вие би предизвикале за промена во македонското општество?
Како член на движењето, „Мајка и дете“ имаме едно мото: „Ние сме мајки и не се предаваме“. Затоа за мене како жена/мајка, најсериозниот предизвик во ова општество е да едуцирам деца кои ќе ја почитуваат и вреднуваат секоја личност без воопшто да прават разлики во која било сфера. Да се едуцираат културни деца кои ќе работат за доброто на заедницата и кои се ослободени од наметнатите општествени норми е животен успех за секоја мајка бидејќи промената не се однесува само на големи моменти, законски и меѓународни договори: начинот на кој разговараме, размислуваме и постапуваме секој ден може да создаде ехо ефект од кој сите имаат корист.
Кристина Ампева – Пред сè би ги предизвикала жените да бидат СОЛИДАРНИ
Кристина Ампева е активистка за остварување на правата на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија и претседателка на здружението „Гласен текстилец“ од Штип.
Која ви е првата асоцијација за 8 март?
8 ми март за мене е ден на женската борба. Борба за работнички права, достоинствена работа и плата. Достоинствени работни места и почитување на женскиот труд. Ден за да им оддадеме почит на сите жени пред нас, кои во минатото се бореле, жртвувале, придонеле за да денес имаме право на глас, право на работа и заработувачка, за еднаквост, рамноправност со мажите. Ме асоцира на оној познат слоган, леб и рози. На оној успешен штрајк на текстилните работнички кои преку овој слоган повикале на подобар живот и економска стабилност на жените. А ние како жени на денешницата, да ја продолжиме таа борба. Посебно сега, во услови на ваква социо-економска криза каде повторно на удар се жените, мајките, работничките.
Постојано се зборува за родовата еднаквост во општеството и во светот, а сепак разликите се големи помеѓу поразвиените демократски општества и посиромашните, патријархални средини. Колку е светот вистински подготвен за конечна и правилна родова еднаквост?
За жал, иако многу движења, организации, Влади, се залагаат за почитување на женските права, родова еднаквост, се залагаат за заштита од дискриминација, забрана на насилство врз жените, ратификуваат конвенции кои нудат поголема заштита на жените, сепак секојдневно гледаме и слушаме дека жените се сè уште дискриминирани, не еднакви. Сè уште гледаме и слушаме за насилство, фемициди, непочитување на достоинството на жените работнички, откази на бремени жени работнички, самохрани мајки, родов јаз во плати. Последно, да се потсетиме на случајот Јавна соба, да се потсетиме дека родово-базираното насилство сè уште ни е табу тема, а жените се единствено жртви. Фали имплементација на сите тие закони, конвенции, поголема ажурност од институциите, сериозно да се пристапи кон ваквите појави за вистинска заштита и унапредување на жените во општеството.
Разликите на пример, во родовиот јаз во плати за иста работа, е проблем на глобално ниво, па дури и во развиените земји каде платите се многу поголеми и повеќе од доволни за достоинствен живот. Кај нас ги знаеме висините на платите. Знаеме како функционираат институциите. Знаеме каква е имплементацијата на закони. Потоа, да спомнеме за улогата на жената во селата, тоа се патријархални средини, каде жената работи земјоделие, води грижа за домот и семејството. Најчесто нема платени придонеси и финансиски е зависна од мажот. Имаме жени во градовите надвор од Скопје. Источниот регион да го земеме за пример. Жената најчесто е вработена во текстилна индустрија поради застапеноста на истата таа индустрија во регионот. Работи над 40 часа неделно, зема минимална плата, трпи мобинг на работно место, се враќа дома, како и жените од рурална средина – се грижи за домот и семејството. Колку е спремно нашето општество и држава, да го подобри животот на жената земјоделка, жената домаќинка, жената работничка, самохраната мајка? На жените воопшто? Не е. Очигледно не е. Дали е спремен светот? Светот сме и ние. Ако земјите како Македонија гледаат од развиените земји како се почитува и унапредува жената во општеството, процесот ќе се забрза. Но пак. Потребна е политичка волја, почитување и имплементација на закони и конвенции, институции кои имаат слух и работат во корист на сите граѓани. Економското зајакнување на жените значи и нивна еманципација. Со ниските плати, непочитување на работничките права, индустрии кои бараат женска работна сила а притоа се злоупотребува и не се плаќа соодветно нивниот труд, секако нема да се постигне унапредување на жената во општеството. Но тоа е резултат на капитализмот кој особено е присутен и немилосрден на глобално ниво. Но особено изразен во не толку развиените земји како нашата.
Овогодинешното мото на Меѓународниот ден на жената е Choose to challenge, односно дека преку предизвик доаѓа промена. Кого или што вие би предизвикале за промена во македонското општество?
Дефинитивно би ги предизвикала институциите да бидат по сензитивни, да делуваат согласно начелата и принципите на едно демократско општество, држава и институции кои велат дека се залагаат за владеење на право, почитување на човекови права, еднаквост. Особено би ги предизвикала и жените. Да бидат гласни, да зборуваат за секојдневните проблеми, да бараат почитување на нивните права, да бараат транспарентност и имплементација на закони од институциите и самата држава кои треба да им гарантираат заштита, еднаквост, инклузија. Економска сигурност. Право на работа и егзистенција, достоинствени работни места и плати за живот. Но пред сè би ги предизвикала жените да бидат СОЛИДАРНИ. Тоа е единствениот начин да се случат промени.
Наташа Бошкова – Товарот и последиците од секоја криза паѓаат на грбот на жените, а оваа Ковид-19 криза не е исклучок
Фотографија: Драгица Николовска
Наташа Бошкова е адвокатка, магистерка по родови студии на Центар за интердисциплинарни студии при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина. Од 2008 година, Наташа е ангажирана како правна советничка во Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје. Во фокус на нејзината работа е застапувањето на случаи на повреди на човековите права на луѓето кои употребуваат дроги, сексуалните работници, луѓе кои живеат со ХИВ и ЛГБТ луѓето и е дел од тимот на Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ. Наташа е активна во областа на заштитата на човековите права и членува во национални и меѓународни мрежи на правници кои работат на човековите права и недискриминацијата.
Која ви е првата асоцијација за 8 март?
Клара Цеткин и Роза Луксембург. Ова се првите ликови кои од моето основно образование ги учев во контекст на 8 ми март и значањето на денот што секоја година го обележуваме. Првата асоцијација ми е борбата на жените за подобри услови за работа.
Постојано се зборува за родовата еднаквост во општеството и во светот, а сепак разликите се големи помеѓу поразвиените демократски општества и посиромашните, патријархални средини. Колку е светот вистински подготвен за конечна и правилна родова еднаквост?
За жал, сé уште е потребно да зборуваме за родова еднаквост и потребата за акција со цел надминување на историската нееднаквост помеѓу жените и мажите. Родовиот јаз во платите, насилството врз жените и девојките е сеприсутно, жените сè уште заостануваат зад мажите во остварувањето на правото на образование и правото на здравје. Во услови на КОВИД-19 криза ситуацијата повеќекратно се влошува, па напредокот постигнат низ годините како да се изгуби изминатава година и нè врати децении назад. Товарот и последиците од секоја криза паѓаат на грбот на жените и ова криза не е исклучок, а ефектите се исти и во високоразвиените земји. Жените се клучни во справувањето со пандемијата во улога на некој што се грижи за блиските, како здравствени работнички и иноваторки. Всушност, кризата покажа дека жените лидерки можат на направат значајна разлика во вака ранлив период. Кога жените се на позиции каде се носат одлуките, ефектите од кризата се побезболни и се создаваат решенија кои даваат подобри резултати за справување со ситуацијата. Ова е лекција што треба да ја научат сите земји, независно од степенот на развој, затоа што сепак сите сме засегнати од проблемот.
Овогодинешното мото на Меѓународниот ден на жената е Choose to challenge, односно дека преку предизвик доаѓа промена. Кого или што вие би предизвикале за промена во македонското општество?
Во нашата држава 8 Март оваа година го обележуваме со протестен марш на кој заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни додека сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Во фокусот на маршот е непостапувањето на институциите во случаи на родово-базираното насилство, особено сексуалното насилство и вознемирувањето. Патријархалните норми се длабоко вкоренети во постапувањето на институциите што резултира со зголемување на бројот на жртвите и негување на културата на неказнување што генерира уште насилство. Затоа, им порачувам на институциите, особено МВР, ОЈО и судовите, да не се водат од родовите стереотипи при препознавањето и заштитата на жртвите на родово-базирано насилство и суштествено да придонесат кон обезбедување на пристап до правда на жените.
„The norms in our society really do need to be challenged. We think we have gender equality, and when it comes to care work, we don’t.“