Во фотографиите на Еџе Али има приказни, црно-бел свет искажан преку нејзиниот објектив. Таа уште од дете фотографира, а професионална фотографка е веќе 13 години. За неа, фотографијата е начин на визуелно пренесување на моменталната емоционална состојба.
„Најмногу ме возбудува тоа што фотографијата буди поинакви чувства и приказни од човек до човек. Желбата и пасијата за фотографирање ми потекнува од детство, од фамилијарни фотографии. Дома наоѓав црно-бели стари фотографии, од кои повеќето луѓе не ми беа познати, па интересно ми беше да ги редам фотографиите и да измислувам приказни. Секој пат измислував различни приказни. Исто така, пасијата за фотографирање потекнува и од филмовите. Дома се гледаа култни филмови. По филмовите убаво ми беше да си размислувам за сцените. Уште од моето детство на речиси сè околу мене гледав како на фотографска рамка, мислам дека сè уште така гледам. Отсекогаш ми било тешко да ги опишам своите фотографии. Како што се менувам со текот на времето, се менува и мојата перспектива кон фотографијата. Тоа што најмногу ме привлекува е визуелното раскажување. Мојата цел во фотографијата е нејзината приказна. Можам да кажам дека фотографијата ја користам како алатка за да ги пренесам приказните на кои налетувам во секојдневниот живот“, ни раскажа фотографката.
За неа, најголем предизвик во работата е секогаш да биде фокусирана на сегашноста, да ја слика суштината на моментот.
„Исто како што вели Јонас Мекас: ’Не гледам толку на иднината како на сегашноста. Иднината знае да се грижи сама за себе. Мојата камера може да ја претстави само сегашноста. Ја славам реалноста и суштината на моментот и тоа ми е најголемиот предизвик‘. Порано снимањето модели и работата како кинематограф беа деловите што ме предизвикуваа и не можев да ја одвојам работата од сопствениот уметнички дел. Откако го одвоив работниот и уметничкиот дел, сè ми стана полесно“, вели Али.
Нејзините искуства ги пренесува преку емоцијата и обрнува внимание на различни детали додека фотографира.
„Понекогаш се фокусирам на портрет, понекогаш на детаљ во градот или детали како очи што ме гледаат додека одам по улиците. Понекогаш фотографијата ме тера да го гледам градот низ социолошките концепти“, завршува Али.