Сите се обидуваме да си го олесниме секојдневието и да воведеме ефективни практики, кои ќе ни помогнат да сме поорганизирани. Токму таква е онлајн-платформата Common.mk, каде што за само неколку секунди можеш да ги добиеш потребните информации и да имаш закажан термин во многу салони за убавина и други субјекти од индустријата за убавина.
Common.mk е првата онлајн-платформа кај нас, која во исто време заштедува пари, време и нуди едноставност и ефективност. Како почнавте со работа и според кои начела ја градевте платформата?
Можеби е многу амбициозно ако кажеме дека сме единствената платформа што во исто време ги нуди сите горенаведени поволности, но во изминатата година се докажа дека со сигурност го олеснуваме, организираме и забрзуваме процесот на резервација во салоните за убавина, студијата за масажи и сите субјекти што се дел од бјути-индустријата. Пред да ги напоменам сите придобивки и како функционира платформата (а наскоро и мобилната апликација), интересно е да ја споделам приказната за тоа како дојде идејата. Во летото 2020 година, среде пандемијата, мој драг другар се врати од Холандија и сакавме да излеземе да се видиме во еден ресторан во Дебар маало. Сакав да резервирам, но никој не креваше на телефонот. На крајот, сепак одлучивме да одиме на истата локација. Кога се најдовме таму, за среќа имаше слободна маса, но се отвори дискусија за тоа како во Холандија веќе има систем за онлајн-резервации во ресторани. И тоа беше почетокот на она што сме денес, платформа за салони за убавина. Всушност, имавме цел да почнеме со развивање софтвер за онлајн-резервации во секој бизнис што функционира по системот на резервации, но набргу сфативме дека ниту буџетот што го имавме во тоа време (19 години двајцата), ниту, пак, искуството ќе ни дозволи да го изведеме сето тоа правилно. Појдовната точка кога пивотиравме само кон развој на софтвер за салони за убавина беше моментот кога еден драг пријател, кој слободно можам да го нарачам и мој ментор, ме седна и ми кажа: Славчо, светот и околината допрва ќе се менуваат, но има една работа што никогаш нема да се смени – а тоа е жената да посетува салон за убавина. Понатаму, како и секоја стартап-идеја, сѐ се сведуваше на правење грешки, учење од нив, согледување на проблемите со кои се соочуваат салоните и наоѓање решенија, а со текот на времето почнавме самите да креираме можности за кои и салоните не знаеја дека им се потребни. Во април 2021 година го пуштивме демото од кое сакавме да извлечеме колку што е можно повеќе податоци, а во август 2022 година во оптек ја лансиравме и официјалната верзија од платформата. Во кратки црти, тоа е приказната како почнавме и како се развивавме низ времето.
Првиот впечаток за платформата е дека е многу транспарентна, односно дека сите информации се достапни за клиентите. Кои придобивки ги имаат корисниците на вашата платформа?
Токму така, постојано целиме кон тоа во секое време од денот секој корисник на платформата да може да пристапи до базата на салони што ги имаме, да се запознае со услугите што ги нудат салоните, нивното времетраење, цената, деталите за услугите, сето тоа проследено со можност за правење онлајн-резервација. Воедно, за секој салон има посебна секција со рецензии и коментари што се најрелевантни на нашиот пазар, бидејќи софтверот функционира на начин само доколку се појавиш на терминот да можеш да оставиш коментар или рецензија. На крајот, секако, имаме и општи информации поврзани со салонот, односно начин на работа, работно време, други контакт-информации и фотографии од изработките на салоните.
Многу лесно на дофат за секој корисник е пристапот до салони што имаат услуги на попуст, избор на салони согласно оддалеченоста од неговата позиција, филтрирање и сортирање на салоните според голем број параметри, на пример рангирање цени, од највисоката кон најниската цена и обратно. Би сакал да напоменам дека секој корисник може да избере конкретно која услуга му е потребна, да го избере точниот датум и да бидат прикажани салоните што имаат слободен термин за избраниот датум – бенефиција што е корисна во ситуации кога имаме одредени настани, на пример свадба, роденден, корпоративни настани и сл.
Каков вид услуги можат да се закажат и дали корисниците имаат некои поволности?
Секоја услуга од светот на убавината е достапна на нашата платформа – шминка, нокти, масажи, коса итн. Сè што треба е корисникот да избере што му е потребно и автоматски ќе бидат исфилтрирани салоните што го нудат соодветниот тип услуга. Би сакале да најавиме дека од почетокот на август со секоја направена резервација корисниците ќе собираат лојални поени со кои понатаму ќе можат да добиваат попусти во салоните – попусти што секој салон поединечно си ја одредува висината на попустот. Различно во однос на досегашниот систем на функционирање е што немате никаква потреба да се јавувате во салонот да дознаете какви услуги нудат, колку време траат, нивната цена и сл. Сето тоа е достапно со само два клика.
За секоја онлајн-услуга најважно е да биде лесно достапна и едноставна. Како изгледа процесот од пристапување кон платформа до закажување на одреден термин?
Според досегашните податоци што ги имаме – просечното време за правење на една резервација е 37 секунди – односно за 37 секунди веќе имате закажано термин во вашиот омилен салон. Со цел да го исполните ова време, потребно е: да напишете common.mk (а наскоро и да ја симнете нашата апликација што ќе биде достапна и за ИОС и Андроид), имате опција веднаш да го напишете името на салонот што го барате или да изберете кој вид услуга ви е потребен, како и соодветниот датум за кога барате. Воедно, има и опција едноставно да се кликне „пребарувај“ и да ви ја даде целосната база салони за убавина. Да претпоставиме дека сте го избрале салонот што го посакувате и веднаш имате опција да изберете категорија (шминка, нокти и сл.), а потоа да изберете соодветна услуга (стандардна шминка, невестинска и сл.), каде што ќе ве одведе на прозорче, каде што одбирате вработен (сите знаеме дека имаме некој што нè шминка или нè потстрижува десет години), го одбираме датумот и времето на услугата и кликаме „резервирај“. Секако, за ваквата акција да биде направена потребно е да имате сметка. Откако терминот ќе биде направен, тој веќе не е достапен за секој следен корисник кој ќе пристапи на платформата, но салоните за убавина имаат право во период од 48 часа да го променат статусот на резервацијата, односно да ја презакажат – статистички тоа се случува само во 2% од случаите. Целиот процес на комуникација моментално се одвива преку е-пошта, а воедно и терминот можете да го внесете во вашиот календар од телефонот. И верувам, она што го бараат сите, еден ден пред терминот пристигнува потсетник за терминот. Ова е наједноставно како може да се објасни процесот на резервација, но поважно е секој корисник да го искуси процесот со цел да може самиот да ги согледа придобивките.
Кои се главните придобивки што ги имаат корисниците од користењето на Common.mk во нивното секојдневие?
Кога се споменува онлајн-резервација во 2023 година, тоа е нешто сосема нормално, пред сè, поради платформи како „Букинг“, „Ербиенби“, кои го отворија патот за сите понатаму. Но, верувајте, како што се решаваат проблеми и се задоволуваат потреби со онлајн-резервациите во бјути-индустријата, тоа не се случува во ниту една друга индустрија.
Пред сè, за корисниците:
– На едно место имаат пристап до база на салони за убавина – со тоа се решава информацискиот проблем.
– Корисниците транспарентно имаат пристап до сите детали, односно услуги, времетраење, цени и сл.
– Секој корисник сака да биде газда на своето време и на својот живот – токму тоа и го нудиме. Самите избираат салон, услуга, вработен, најважно од сè, датум и време и сето тоа за просечно време од 37 секунди.
– Секој корисник заборава на закажаните обврски, колку и да не сакаме да го признаеме тоа. Ние сме тука да ве потсетиме со цел да заблескате.
– Имате можност да ја оцените услугата и салонот и да оставите коментар – на тој начин помагате да се создаде култура каде секој што ја работи својата работа професионално ќе успее да се пробие на пазарот, а вие – секогаш ќе знаете како да не згрешите во вашиот избор.
– Наскоро, со секоја направена резервација ќе се собираат лојални поени со кои ќе се добиваат попусти на секоја направена петта резервација во одреден салон – лојалноста секогаш се наградува.
– Замислете дека е незгодно време да пишете или да се јавите – ние сме тука нонстоп активни.
– Ви треба термин на точно одреден датум, максимум до 2.000 денари и треба да биде во Центар – само изберете ги полињата соодветно и изберете го салонот што ги исполнува овие услови.
Кога се во прашање салоните за убавина, следуваат следните бенефиции:
– Водење на дигитален календар, односно модернизација на работата.
– Внесување термин за помалку од 30 секунди.
– Со водењето на календарот, добивате месечен извештај со повеќе од 20 статистички податоци поврзани со вашата работа.
– За секоја пристигната резервација, комуникацијата се одвива преку е-пошта – во секое време ќе бидете известувани за каква било промена што се случува во вашиот календар.
– Вашите клиенти секогаш ќе бидат потсетени за нивниот термин, на тој начин терминот е загарантиран, но и во случај да биде откажан, нашата политика вели дека тоа е најмногу 24 часа пред терминот.
– Воедно, термините што се веќе зафатени, вашите клиенти имаат можност да ги изберат и во случај да се презакажат да добијат известување и на тој начин да се зголеми можноста да пополнување на терминот.
– Можност за воведување онлајн-плаќање – на тој начин вашиот термин е однапред платен и не се грижите дали неговиот статус ќе биде променет од корисникот.
Вашата идеја беше препознаена и во светски рамки, односно бевте избрани за компанија со одличен стартап-план. За каков вид натпревар стануваше збор и што значеше тоа за вас?
Токму така, на првиот натпревар за стартапи што беше организиран од „Нетворкер“, односно Longest Pitch Marathon, во конкуренција со повеќе од сто стартапи успеавме да добиеме инвестиција во нашата фирма. Изборот за инвестиција во нашата компанија го направија поголем број судии и инвеститори и тоа беше отскочна штица, не толку од аспект на финансии, колку од психолошкиот момент дека има и други што веруваат во концептот и нашата идеја. Моментално сме во преговори со потенцијални странски инвеститори, а големи се можностите да бидеме дел од акцелератор со седиште во Хамбург, Германија. Но, како тим, никогаш не сме се потпирале на тоа да бидеме во постојано потрага по инвестиции. Напротив, тие секогаш сами пристигнувале до нас, бидејќи она на што се фокусираме е многу едноставно – да креираме додадена вредност, како за салоните, така и за нашите корисници. Наша цел е платформата суштински да работи, односно да стигне до поширока маса корисници и само така веруваме дека еден ден ќе се исплати целиот труд и напор што го имаме вложено.
Секоја онлајн-платформа најважно е постојано да се подобрува и да се приспособува на потребите на корисниците. Кои чекори планирате да ги преземете за унапредување на Common.mk?
Досега бевме целосно посветени на развој на софтверот. Софтверот е едно поле што колку и да го развиваш секогаш може повеќе и подобро, но сега сме во позиција кога сите неопходни работи што се потребни да функционира платформата беспрекорно се развиени, а до крајот на јануари 2024 година во план е да се стигне до крајниот продукт, каде што ќе бидат вметнати многу детали за кои ни салоните ни корисниците не се свесни дека им се потребни. Веќе во февруари 2024 година сме во насока да ја прошириме платформата надвор од Македонија, почнувајќи од Балканот, поточно Косово и Албанија, понатаму Србија и Бугарија. Во втората половина на 2025 година веќе се гледаме надвор од Балканот и регионот. Досега за маркетинг имаме потрошено точно 29 долари, односно сè е постигнато само како резултат на промоција од салоните, нашиот инстаграм-профил и word of mouth маркетинг. Имаме повеќе од 3.700 корисници на платформата и повеќе од 14.000 направени резервации. Бројките говорат дека фазата на докажување на концептот е завршена и можеме да се насочиме кон комерцијализација и да стигнеме до поширока маса луѓе, пред сè жени. Можам да најавам дека наскоро ќе имаме готова мобилна апликација со која уште повеќе ќе се поедностават процесите, ќе воведеме нови можности и уште еден новитет што ќе биде целосно изненадување на пазарот, пред сè за бизнис-секторот. Воедно, би ја искористил оваа можност да кажам дека имавме период каде што ја лансиравме платформата, односно нашата демо-верзија што во тој момент сѐ уште не беше подготвена за пазарот. Дел од салоните се разочараа, но можам да кажам дека по две години напорна работа, софтверот е на сосема ново ниво, рамо до рамо со сите познати европски платформи.