Balkan News Truck, или Балканскиот медиумски камион, пристигна во Скопје и ќе им понуди на Скопјани интерактивна програма на 13 ноември 2025 година, на паркингот пред Општина Центар, од 11 до 15 часот, и на 14 ноември 2025 година, во NOVA International School Skopje, од 9 до 15 часот.
Balkan News Truck е патувачка платформа што ги истражува вестите, сликите и критичкото размислување. На секоја станица, камионот ќе биде поставен на централни јавни простори, нудејќи проекции, квизови и разговори за тоа како настануваат информациите, како се споделуваат и како ги доживуваме.
Ова е можност за граѓаните да се соберат, да разменат мислења и да ги согледаат вестите од поинаква перспектива — со цел да се поттикне критичко размислување, медиумска писменост и отворен дијалог за улогата и влијанието на информациите во секојдневниот живот.
Програмата во Скопје ќе ги вклучува следниве активности:
| Активност | Програма |
| Квиз | Препознавање на дезинформации како супермоќ Квиз осмислен за да ја провери подготвеноста на учесниците да препознаваат дезинформации. |
| Дискусија за дезинформации | Провери ги фактите Воведување на учесниците во клучни поими од областа на медиумите и како да препознаат дезинформации и да ги проверат изворите на информации. |
| Игра што покажува како се создаваат дезинформациите | „Гласај за желката“ 5-минутна онлајн игра за дезинформации. И една желка. |
| Работилница за медиумски навики | Social Media Blender Блендеротпретставува лична мапа на изворите на информации на секој учесник — покажувајќи од каде доаѓаат нивните вести, идеи и онлајн содржини. |
Фацилитатори и говорници: Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист, Фондација Метаморфозис, Марио Спасевски, новинар, Мета.мк, Владимир Петрески, главен и одговорен уредник на Вистиномер.мк и Матеј Тројачанец, проверувач на факти, истражувач и новинар, Вистиномер.мк.
Македонската турнеја на Balkan News Truck и неговите активности се дел од предпрограмата на Деновите на медиумска писменост што ќе се одржи од 17 до 24 ноември 2025 година.
ЗА ПРОЕКТОТ BALKAN NEWS TRUCK | Од септември до ноември 2025 година, низ шест земји од Западен Балкан — Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија — Балканскиот медиумски камион ќе посети 20 градови, нудејќи им на граѓаните, особено на младите, интерактивни квизови, дискусии, работилници и видео-проекции. Неговата цел е да ја истражи улогата на информациите во современото општество и да ја зајакне отпорноста на граѓаните кон дезинформации и манипулации. Во Северна Македонија, турнејата се реализира во периодот меѓу 2 и 15 ноември, со посети во Битола, Гостивар, Штип и Скопје. Целата програма на Balkan News Truck со говорници, распоред и локации е достапна на: https://balkan-voices.com/BALKAN-NEWS-TRUCK/ .
Балканскиот медиумски камион е иницијатива што ја спроведува CFI – Француската Агенција за развој на медиуми во партнерство со Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, а со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамките на проектот Shared Horizons.

