„Алхемија на дивината“ е мултимедијален, локациски специфичен перформанс кој ќе се изведува на различни локации на Вевчанските извори, во Вевчани, на 26 и 27 јуни 2024.
Време :
– 1ва изведба (премиера): 26.06.2024 (среда), 19:00 h.
– 2ра изведба: 27.06.2024 (четврток), 12:00 h.
– 3та изведба: 27.06.2024 (четврток), 19:00 h.
“Бројот на посетители е ограничен. Ве молиме, резервирајте го своето место на една од трите изведби со испраќање на меил на следнава адреса: riteincontemporarysociety@gmail.com и ќе добиете потврда од организаторите.”
Впуштете се во волшебниот свет на „Алхемија на дивината“, мултимедијален и локациски специфичен перфоманс, кој ќе ги трансформира патеките на живописното Вевчани и Вевчанските извори. Ова уникатно искуство е дело на заеднички процес кој ги спојува талентите на уметници-изведувачи од различни уметнички области. Оваа изведба е дел од проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес, Охрид.
Во рамките на овој проект, во март и мај КСП Центар Јадро, Скопје беа реализирани две серии работилници со наслов „Ритуалот во современото општество“. Овие работилници наменети за професионални уметници од различни дисциплини (актери, танчери, вокални изведувачи и музичари, ликовни уметници) вклучуваа длабок истражувачи процес за т.н. обични, секојневни ритуали и рутини, кои добиваат нова форма и значење и ритуални простори, односно истражување како просторот и сетилните искуства влијаат на ритуалот.
Како продолжение и заокружување на овој процес, последната серија работилници од овој циклус и изведбата на перформансот „Алхемија на дивината“ ќе се оствари во живописното Вевчани.
Додека го истражувате Вевчани, околу вас ќе се создаваат магични приказни од алтернативни реалности. Нурнете во овие наративи на еден час, за време на настапот во живо, или препуштете се на една подолга авантура која ветува трансформативно патување.
„Алхемија на дивината“ ве предизвикува да размислувате за природата на времето, конечноста и постоењето, поттикнувајќи интроспекција за тоа како сме живееле и како живееме, како се менуваме и како комуницираме. Ова искуство ќе ве поведе на лично патување за откривање на она што е навистина важно во вашиот живот. Кои акции е потребно да ги откриеме, или реоткриеме,притоа избирајќи ги според приориетот на важноста.
Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега.
Уметници – ментори: Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ
Изведувачки уметници: Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг
Проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес, се реализира со финансиска поддршка на Швајцарска Амбасада и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Посебна благодарност до локалните партнери за имплементација: КСП Центар – ЈАДРО, КУД ,,Дримкол“ Вевчани, Општина Вевчани и Комунално препријатие „Еремија“, Вевчани, како и до партнерите Universitat Politècnica de València и Culture Moves Europe.