Четири децении на сцената значат многу повеќе од години поминати во музика. Тие се стотици концерти, различни состави и генерации музичари, авторски дела, аранжмани, пријателства и соработки кои остануваат запишани во домашната музичка историја. Токму една таква кариера, исполнета со континуирано творештво и посветеност на музиката, на 28 октомври ќе биде одбележана со јубилеен концерт на Националниот џез оркестар, посветен на истакнатиот тромбонист, аранжер и композитор Сашко Николовски.
Концертот „Четири децении музика и инспирација“ е омаж на 40-годишната уметничка кариера на Николовски, долгогодишен член и соработник на Националниот џез оркестар и музичар кој низ своето творештво остава значајна трага во современата македонска музичка култура.

Публиката ќе има можност да слушне избор од неговите авторски композиции и аранжмани, но и дела од други значајни македонски автори и соработници, меѓу кои Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин, Иван Петровски и други.
Под диригентската палка на Џијан Емин, вечерта ќе биде музичко патување низ различните периоди, соработки и влијанија што ја обликувале четиридецениската кариера на Сашко Николовски.
Како еден од најактивните музичари на македонската сцена, Николовски зад себе има безброј концерти во земјава и во странство. Неговиот професионален ангажман во оркестарот на Националната опера и балет започнува во 1986 година, а низ децениите бил дел од бројни значајни музички состави и проекти.
Како член на Квартетот тромбони настапувал на концерти во Сплит, Омиш, Макарска и Хвар, а неговата богата музичка биографија ги вклучува и оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски Септет и многу други состави и соработки.
Како своевидна круна на неговото долгогодишно творештво се појавува и првиот авторски проект, албумот „Not for Sale“. На него свират дел од најпрепознатливите имиња на домашната џез-сцена, а албумот обединува осум композиции инспирирани од класичните и модерните текови на џезот.
Јубилејната вечер ќе биде збогатена и со настапи на специјални гости. На сцената ќе се придружат Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски Катин.
Концертот е замислен како прослава не само на една исклучително плодна музичка кариера, туку и на творештвото, пријателството и сите музички средби што ја создаваат приказната на Сашко Николовски во изминатите четири децении.
„Четири децении музика и инспирација“ ќе се одржи на 28 октомври, со почеток во 20:00 часот, во Националната опера и балет.
Билетите за концертот може да се набават онлајн преку MKTickets, како и на продажните места на MKTickets.
За студентите и пензионерите се обезбедени билети со 50 проценти попуст, кои ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ.
Билетите може однапред да се резервираат и на електронската адреса info@jazzorchestra.mk.
Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница на Националниот џез оркестар, jazzorchestra.mk.






