Новиот парфем La Bomba од Carolina Herrera ја претвора радоста на слободното изразување во раскошна мирисна композиција. Цветен, овошен и топол, тој ја истражува врската меѓу мирисот и личноста, меѓу она што го чувствуваме за себе и присуството што го создаваме во светот. Неговата привлечност се развива низ внимателно осмислен спој на тропска свежина, цветна полнота и сензуална длабочина, со кој куќата Carolina Herrera отвора ново поглавје во својата приказна за женственоста.

Уште пред првиот допир со кожата, La Bomba го привлекува погледот со шишенцето во форма на пеперутка. Стаклото во боја на фуксија, декоративниот елемент инспириран од розов кварц и златните детали создаваат впечаток на скулптурален накит. Во пеперутката се препознава идејата за преобразба, за слободата да растеме, да се менуваме и да откриваме нови страни на сопствената личност. Така, дизајнот станува првиот раскажувач на мирисната приказна што ја носи во себе. Името, пак, нè води до самата Carolina Herrera. Тоа потекнува од прекарот со кој легендарната модна уредничка Diana Vreeland ја опишува нејзината впечатлива харизма, елеганција и животна енергија. „La Bomba“ ја доловува силата на едно присуство, онаа ретка способност со сопствената личност да се внесе нова енергија во просторот. Преточен во парфем, овој личен детаљ од историјата на основачката добива современо значење, како повик индивидуалноста да се носи со самодоверба и уживање. Зад мирисната композиција стојат парфимерите Christophe Raynaud, Quentin Bisch и Louise Turner.

Нејзиниот почеток ѝ припаѓа на питајата, тропско овошје чија сочна сладост внесува ведрина и живост. Потоа се отвора цветното срце, во кое акордот на божур, именуван „cherry peony“, се преплетува со црвен франгипани. Божурот дава раскошна цветност со нијанси на роза, додека франгипани внесува сончева топлина, со овошни и цитрусни тонови. Во основата, ванилата добиена со постапка на тинктура ја заокружува композицијата со мека, зачинета длабочина. Ова преминување од сочен овошен впечаток кон цветна полнота и топла завршница му дава на La Bomba повеќеслоен карактер. Во неговото цветно-овошно семејство со амберски тонови, ведрината и сензуалноста се надополнуваат, создавајќи мирис што постепено ја открива својата содржина. Визуелниот свет на парфемот го оживува италијанскиот модел Vittoria Ceretti, заштитно лице на La Bomba.
Во кампањата фотографирана и режирана од Charlotte Wales, бојата, движењето и музиката го продолжуваат темпераментот на композицијата. Ритамот на „I Like It“ од Cardi B, Bad Bunny и J Balvin ја придружува приказната за жена која ужива во сопствената енергија и слободно ја изразува. Пораката „Be loud, be free“ го заокружува тој став, охрабрувајќи ја видливоста на личниот карактер, желбите и изборите. Во пошироката приказна на Carolina Herrera, La Bomba природно се надоврзува на естетиката на куќата, на нејзината префинетост, љубов кон бојата и препознатлива самоувереност. Парфемското наследство на брендот ја носи истата лична нишка: уште првиот мирис на Carolina Herrera ги поврзува елеганцијата и стилот на основачката со нејзините најрани мирисни спомени. La Bomba ја продолжува таа блискост меѓу животот и создавањето. Неговата приказна нè потсетува дека личниот стил се гради и преку малите, интимни избори, како мирисот што го нанесуваме пред да излеземе од дома. Избор што ни припаѓа нам, а со време станува дел од начинот на кој другите нè паметат.




