Повеќе од три години откако нѐ напушти Марија Бунда Калпак, младата докторка која до последен момент се бореше со ракот на дојка, но нејзината порака продолжува да живее.
Марија многумина ја паметат по нејзината стручност, но уште повеќе по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух. И во најтешките моменти од својата борба, таа наоѓаше начин да зборува за она што го сметаше за важно, да го споделува своето знаење, да ги охрабрува жените да се грижат за своето здравје и отворено да зборува за своето искуство, со надеж дека нејзината приказна ќе помогне некому да направи чекор навреме.
Токму од таа желба се роди и пораката „M says: Check Your Boobs“, едноставен, директен и моќен повик до секоја жена да прави редовен самопреглед, да се грижи за себе и да не го одложува сопственото здравје.
Оваа порака остана со нас и продолжи да се шири и да ги поврзува луѓето околу една заедничка цел: подигнување на свеста за ракот на дојка, важноста на редовните прегледи, раното откривање и поддршката за жените кои се соочуваат со оваа дијагноза.
Минатата година, здружението „Марија – Провери се“, оформено во чест на Марија, го орагнизираше првиот годишен настан и така мисијата на Марија продолжи помасовно да се шири. Здружението продолжува активно да работи, да создава иницијативи и да обезбедува поддршка за жените, со верба дека секоја навремена информација, секој преглед и секоја подадена рака можат да направат разлика.
Оваа година повторно во октомври, месецот посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, се организира уште еден настан, за да се потсетиме од каде започна оваа порака, да зборуваме за тоа каде сме денес и да споделиме каде сакаме да продолжиме.
На 7 октомври, во Рагуза 360 во Скопје, ќе се одржи годишниот настан „Check Your Boobs – Порака што продолжува да спасува животи“.
Вечерта ќе започне со потсетување на Марија и на она што нѐ научи. Преку кратко видео ќе ја оживееме нејзината приказна, нејзината енергија и пораката која продолжува да нѐ води.
Потоа ќе го претставиме развојот на здружението „Марија – Провери се“ и резултатите постигнати во изминатиот период, како и активностите и целите кои следуваат.
Централниот дел од настанот ќе биде отворениот разговор „Прашај го експертот: Сѐ што сакате да знаете за ракот на дојка“, во кој посетителите ќе имаат можност да поставуваат прашања и да разговараат директно со професионалци од различни области:
- д-р Соња Јованоска, специјалист радиолог
- д-р Наташа Толеска Димитровска, специјалист торакален хирург
- д-р Даниела Попоска, специјалист онколог
- Никола Дукоски, психолог
- д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје
Ќе зборуваме за ракот на дојка од различни аспекти, за превенцијата и прегледите, дијагнозата и лекувањето, психолошката и нутриционистичката поддршка, како и за прашањата со кои жените и нивните семејства најчесто се соочуваат.
Но, медицинските информации се само еден дел од приказната. Во рамки на настанот ќе ги слушнеме и „Приказните што инспирираат“, преку искуствата на жени кои ја поминале борбата со ракот на дојка и на кориснички на донациите обезбедени преку активностите на здружението.
Ќе зборуваме и за тоа какво влијание има пораката „Check Your Boobs“ денес. Од една реченица која Марија ја претвори во повик за акција, до порака која денес ја носат, споделуваат и продолжуваат да ја живеат многу луѓе.
Ќе ги најавиме и следните активности на здружението, затоа што оваа иницијатива не е ограничена само на октомври. Нашата цел е пораката за превенција, навремени прегледи и поддршка да продолжи да се слуша во текот на целата година.
Вечерта ќе заврши со посебен музички сегмент „Да го славиме животот“, во кој The Hounds ќе изведат музика од Марија, како уште еден начин да го зачуваме нејзиниот дух и да се потсетиме на животот, енергијата и радоста што ги носеше со себе.
На крајот, ќе упатиме повик за поддршка и соработка, но и едно едноставно прашање:
„Кому вечерва ќе му кажеш Check Your Boobs?“
По официјалниот дел, гостите ќе имаат можност да се вмрежат и да ги посетат информативните штандови, каде ќе има едукативни материјали, како и производи изработени од млади креативци, инспирирани од пораката на здружението и ставени во функција на поддршка на борбата против ракот на дојка.
Дел од просторот ќе биде посветен и на „Ѕидот на сеќавања и надеж“ со прашањето „Што ме научи Марија?“, место каде секој ќе може да остави своја порака, спомен или мисла.
Настанот е отворен за сите кои сакаат да дознаат повеќе, да се запознаат со работата на здружението, да постават прашање, да дадат поддршка, да донираат или едноставно да бидат дел од приказната која продолжува.
Присуството е бесплатно, а регистрацијата е достапна преку формуларот на линкот во био на Instagram профилот @m_checkyourboobs.
Сите информации за настанот, активностите на здружението и можностите за поддршка редовно ќе ги објавуваме на нашиот Instagram профил.
Марија сакаше нејзината приказна да ги поттикне жените да бидат свесни за своето здравје и да реагираат навреме.
Денес, таа мисија е и наша. Затоа продолжуваме.
Не само да зборуваме за ракот на дојка, туку да информираме, да поттикнуваме на прегледи, да обезбедуваме поддршка и да создаваме простор во кој никој нема да се чувствува сам.
Затоа што една порака може да стигне до една жена во вистинскиот момент.
А понекогаш, токму тоа може да значи многу.
CHECK YOUR BOOBS
Порака што продолжува да спасува животи.
7 октомври, 19:30 часот
Рагуза 360, Скопје
Instagram: @m_checkyourboobs






