Тамара Тодевска денес во „Аудиокултура“ организираше Vinyl Listening Session, на која за првпат заедно со претставници на медиумите, музички професионалци и соработници го слушна новиот албум „Кукла жива“ на винил.
Во атмосфера посветена пред сè на музиката и звукот, присутните имаа можност во целост да ги слушнат десетте песни од албумот и потоа да ги споделат своите впечатоци и размислувања за „Кукла жива“.
На албумот се работеше речиси една година, а во неговото создавање учествуваа повеќе од 60 музичари предводени од Емин Џијан. Приказната за „Кукла жива“ започна од идејата на Коста Петров, кој заедно со Џијан беше дел и од денешното слушање и разговорот со присутните.


„Многу сум горда на тоа што го создадовме. Сакав денес едноставно да ја слушаме музиката заедно и потоа искрено да разговараме за неа. Ми значи што ‘Кукла жива’ сега добива и свој живот на винил“, истакна Тамара.
Следната голема средба со публиката е закажана за 7.декември 2026 година во Т-Арена, спортски центар „Борис Трајковски“ кога Тамара за првпат концертно ќе ја претстави „Кукла жива“, заедно со песните што ја одбележаа нејзината 25-годишна кариера.
Картите за концертот на Тамара под мотото „25 години љубов“ се веќе достапни на www.tamaratodevska.com




