Кариерата на Милан Ристовски е изградена врз дисциплина, истрајност и постојана подготвеност за нови предизвици. Настапувајќи во различни фудбалски средини, тој го запозна спортот не само како професија, туку и како простор во кој се создаваат пријателства, се надминуваат културните разлики и се обликува карактерот. Денес, неговиот професионален пат продолжува во Индонезија, во средина што му носи нова мотивација и поинакво искуство. Во разговорот со него зборуваме за фудбалот како глобален феномен, за жртвите што остануваат надвор од очите на јавноста, за дисциплината и менталната сила, но и за иднината на македонскиот фудбал и одговорноста што ја носи репрезентативниот дрес.
Фудбалот одамна ги надмина границите на спортот и стана глобален културен, економски и општествен феномен. Од перспектива на професионален фудбалер, што мислите дека му ја дава таа единствена моќ да обединува милиони луѓе со различно потекло, јазик и култура?
Колку почесто патувам, особено поради фудбалот, толку повеќе сфаќам колку овој спорт навистина ги надминал границите и колку фудбалската култура се развива од година во година. Јас почнав да тренирам на седумгодишна возраст, а денес гледам деца кои уште на пет години имаат огромна желба да се запишат во некоја школа и да почнат да играат фудбал.
Во текот на кариерата честопати сум се нашол во градови и населени места во кои луѓето немале соодветни услови за играње фудбал. Сепак, тоа не ги спречило самите да се организираат и да создадат места на кои можат да играат, да се дружат, да следат натпревари и да навиваат. Токму на таквите места најсилно може да се почувствува страста со која луѓето го доживуваат овој спорт.
За жал, ниту во Македонија условите не биле, а сè уште не се на највисоко ниво. Но тоа не било и не треба да биде причина едно дете да се разочара и да се откаже од својот сон. Напротив, за мене и за многу мои соиграчи и пријатели токму тоа било уште поголем мотив еден ден да достигнеме повисоко ниво во своите кариери. Можеби моќта на фудбалот доаѓа токму од секој човек што уште како дете има сон и желба да стане дел од фудбалскиот свет. Фудбалот е интересен, динамичен и непредвидлив спорт, а тоа создава посебен адреналин и возбуда кај секој што го следи.
Не сметам дека главната мотивација во која било професија треба да се бара во економската корист, туку во негувањето на страста кон она што го работиме. Преку фудбалот сум имал и сè уште имам можност секој ден да станувам подобар човек. Еден од најголемите успеси што може да ги оствари еден фудбалер се сите познанства, пријателства, тренери и колеги од различни средини и култури што стануваат дел од неговиот пат. Во фудбалот, дефинитивно, нема место за каков било вид поделба и омраза.
Фудбалот обединува.


Публиката најчесто ги гледа головите, победите и големите натпревари, но многу поретко сè што им претходи. Која е најголемата лична жртва што сте ја направиле за професионалната кариера, а за која јавноста речиси ништо не знае?
На секој успешен чекор во кариерата му претходи подолг период исполнет со работа и жртвување, како физичко така и ментално. Честопати го слушам стереотипот дека фудбалерите имаат повеќе „во нозете“ одошто „во главата“. Меѓутоа, во фудбалот менталната подготвеност и спортската интелигенција се подеднакво важни како и физичката подготвеност, па сметам дека многу луѓе имаат погрешна претстава за фудбалерите.
Како професионален спортист, должен си да живееш поинаков и подисциплиниран живот од другите, а тоа подразбира многу откажувања во текот на целата кариера. Како една од најголемите лични жртви би ја издвоил разделбата од семејството и преселбата во Хрватска на осумнаесетгодишна возраст. Тогаш решив да ги оставам училиштето, пријателите, семејството и родниот град за целосно да му се посветам на фудбалот.


Професионалноста во фудбалот не се мери само во текот на деведесетте минути на теренот. Од што се состои дисциплината на еден врвен фудбалер во деновите кога нема публика, натпревар или непосредна награда за вложениот труд?
Дисциплината би ја издвоил како една од најважните особини на еден фудбалер. Сметам дека е исклучително важно секој професионален играч да има сопствена рутина што ја следи и благодарение на која се чувствува најдобро.
Интересно е што тренингот со екипата, сметано од заминувањето во тренинг-центарот до враќањето дома, трае само неколку часа. Меѓутоа, додека трае сезоната и секој викенд имате натпревар, неопходно е да одржувате рутина во текот на целата недела, од утро до вечер. Тоа подразбира грижа за исхраната, одморот, дополнителната работа, индивидуалните тренинзи и регенерацијата, која е подеднакво важна како и самиот тренинг.
Како едноставен пример, обрнувам големо внимание на времето во кое ги јадам оброците. Се трудам да појадувам до 10 часот, да ручам до 15, а да вечерам до 20 часот. Внимавам да бидам добро хидриран во текот на целиот ден, да поминувам што е можно помалку време на телефон и, секако, да ја зачувам позитивната енергија.


Во кариерата настапувавте во повеќе земји, а сега фудбалскиот пат ве однесе и во Индонезија. Колку промената на средината, културата и фудбалската филозофија го менува играчот, не само професионално туку и како личност?
Секоја нова средина за мене претставува нов предизвик. Досега промените секогаш влијаеле позитивно врз мене и ретко сум имал проблеми со приспособувањето. Сакам нови искуства, предизвици и запознавање различни култури. Така патот ме однесе далеку, во Индонезија, каде што засега се чувствувам одлично. Сè уште не можам да поверувам колку пријателски и позитивен дух имаат луѓето овде и колку многу насмеани лица среќавам секој ден. Кога сте опкружени со таква атмосфера и енергија, речиси е невозможно да имате проблем со приспособувањето.
Во моментов се чувствувам помотивирано од кога било досега во кариерата и искрено верувам дека сум на вистинското место. Фудбалот во Индонезија е на високо ниво, а луѓето се големи фудбалски вљубеници, што ја прави лигата уште повозбудлива и поквалитетна. Се надевам дека пред нас е успешна година и дека заедно со мојот тим ќе ги оствариме поставените цели.
Животот и играњето во странство често значат постојано приспособување, но и потреба да се зачува сопствениот идентитет. Што од Македонија секогаш го носите со себе, без оглед на клубот, земјата или континентот на кој настапувате?
Со себе секогаш ги носам духот и културата во кои сум израснал, како и вредностите што сум ги стекнал во семејството. А кога велам семејство, мислам и на моите најблиски пријатели. Благословен сум што во животот имам таков круг луѓе, кои се мојата најголема поддршка. Колку и да сум далеку, мојот идентитет секогаш ќе остане ист. Јас сум скопско дете и сметам дека носиме една посебна ѕвезда, препознатлива каде и да живееме.
Македонскиот фудбал има талент и моменти на голем колективен успех, но сè уште се соочува со бројни системски ограничувања. Што, според вас, мора суштински да се промени за добрите генерации да не бидат исклучок, туку резултат на континуирана работа?
Не би можел да издвојам само една конкретна причина. Доколку постоеше единствен проблем, веројатно многу порано ќе беше препознаен и македонскиот фудбал одамна ќе се движеше по патека на континуиран раст и стабилност.
Сепак, би издвоил неколку работи што сметам дека се важни и што, уверен сум, можеме заеднички да ги промениме. Бидејќи сме помала држава и не располагаме со огромен број фудбалери што преку својот талент и развој успеале да достигнат повисоко ниво, сигурен сум дека првиот чекор е да бидеме многу посплотени. Колку повеќе се отвориме едни кон други и се обидуваме да си помогнеме и во периодите кога не е сè идеално, толку побрзо ќе следува напредокот.
Во текот на сопствениот развој сум се соочувал со ситуации во кои, од различни причини, ми било кажувано дека никогаш нема да станам играч. Од друга страна, по неколку години во Хрватска сум слушал поинаков пристап: „Ова не е доволно добро, па во следниот период дополнително ќе работиш на тоа за да го подобриш“. Токму во таа разлика се препознава суштината на правилниот развој.
Финансиите, секако, имаат голема улога во развојот и континуитетот на секој клуб и секоја генерација, но тоа не е моја област за да ја коментирам подетално. Од спортски аспект, би нагласил дека зад секоја успешна генерација и зад секој млад играч мора да постои процес – процес во кој детето ќе созрее како фудбалер и како личност.
Денес гледаме дека и менаџерите можат да имаат негативно влијание врз развојот на еден фудбалер. Поради личен профит, понекогаш се занемарува тој неопходен процес со цел играчот што побрзо да биде продаден и од него да се заработи.
Затоа сметам дека најголемо внимание треба да му се посвети токму на развојот на идните генерации, како во македонските клубови така и во репрезентативните селекции. Тоа е најважното прашање за кое треба да се разговара: кој ги учи младите фудбалери, на кој начин. А тоа дека располагаме со голем број таленти е неоспорно.
Настапот за националната репрезентација носи поинаква тежина од клупскиот фудбал, бидејќи зад дресот стојат идентитетот и очекувањата на цела земја. Како лично го доживувате тој вид одговорност и притисок?
Посебно. Чувството кога имаш можност да играш и да се бориш за боите и грбот на својата држава е посебно и единствено. Тоа е поинаков вид одговорност, кој го чувствуваш на секој собир и на секој натпревар, а и притисокот е сосема различен од оној што го чувствуваш кога настапуваш за својот клуб. Репрезентативниот дрес има многу поголема тежина и вистинска гордост е да се носи.
Кариерата на еден напаѓач неизбежно минува низ голови, промашувања, критики и периоди на сомнеж. Што ве одржува ментално стабилен кога резултатите не ја отсликуваат вложената работа и како повторно ја градите самодовербата?
Успехот е релативна категорија. Она што за некого претставува неуспех, за друг може да биде успех, и обратно. Животот понекогаш нè носи на необични места и нè става во неочекувани ситуации, како да нè проверува колкав товар можеме да поднесеме. Ако одлучите да се повлечете, што е поголем неуспех: тоа што не сте постигнале гол или начинот на кој сте реагирале по промашувањето и сте се откажале?
Самодовербата се трудам да ја градам преку искрен однос кон она што го работам. Секој тренинг и секој нов ден се нова можност да бидам подобар фудбалер, но и подобар човек. Верувам дека поразите и неостварените резултати се составен дел од секој спортски пат и од секоја кариера и дека никогаш не треба да бидат причина да се изгубат желбата и вербата во себе. Истовремено, и во моментите на успех се трудам да останам цврсто на земја.




