Пред неколку години, кога ја посетив Систинската капела и првпат ги видов фреските на Микеланџело и други уметнички великани, ми се појави едно пресилно чувство кое ме следеше неколку дена. Постојано размислував дека постојат луѓе чиј талент не нè воодушевува само поради она што го создаваат, туку затоа што нè принудува повторно да ја преиспитаме мерката за тоа што е човек способен да замисли и да создаде.
Втор пат ми се случи кога ја слушнав „Berghain“, изведена од Rosalía и Björk на Brit Awards 2026. Неколку денови интензивно размислував за генијалноста на човечкиот ум. И сега, повторно, додека го гледав Светското фудбалско првенство, дојдов до истиот заклучок , вистинската генијалност не ги поместува само границите на една професија, туку и границите на човечката имагинација. Сите најдобри фудбалери имаа една заедничка нишка. Кај нив талентот изгледа како инстинкт, а инстинктот како интелигенција во движење. Тие не ја следат играта, туку ја предвидуваат. Секогаш се еден чекор пред другите.
Многу често размислувам дали секој човек носи некоја генијалност во себе, дали умираме со голем број неоткриени таленти и дали можеби недоволно работиме дури и на оние за кои сме свесни дека ги поседуваме. Во оваа фаза од животот мислам дека ако сум имала исклучителен дар за создавање генијални дела, веројатно досега би го препознала. Но дали навистина ги користам своите потенцијали или постојано живеам во комфорна зона, немајќи доволно храброст и дисциплина да работам на нив? Кога навлегов во подлабока интроспекција, не ми текнуваше на ниту еден талент што би можела да го издвојам или да го развијам. Сè се сведуваше на неколку позитивни карактерни особини, мали вештини или недоволно проверени заклучоци од луѓе кои уште во моето детство сметале дека поседувам некаков талент.
Изгубена во потрагата по одговори, еден ден, на една обична кафе-средба, мојата другарка ми рече:
„Многу ми требаш, имам голем проблем. Ти имаш талент да ме направиш да се чувствувам подобро, без непотребни прашања и без осудување.“
И тогаш сфатив дека можеби генијалноста е ретка, но добрината не треба да биде. И можеби токму таму, во начинот на кој сме присутни во животите на луѓето што ги сакаме, се кријат талентите што никогаш не добиваат аплауз, а сепак оставаат најдлабока трага. Можеби правиме грешка кога зборот „талент“ ни е резервиран само за оние што сликаат, компонираат или освојуваат светски титули. Можеби постојат и потивки таленти. Талент да не осудуваш. Талент да препознаеш туѓа болка без збор. Талент да бидеш сигурно место за луѓето што ги сакаш. Можеби не секој човек е роден да создава нешто на кое ќе му се восхитува светот. Можеби нечиј најголем дар е да биде човек на кој другите секогаш можат да се потпрат.
Можеби никогаш нема да создадам дело на кое ќе му се восхитуваат генерации, но ако имам талент, би сакала тоа да биде талентот поради кој луѓето покрај мене никогаш нема да се чувствуваат сами.
Текстот е објавен во списанието Здравјето пред сѐ.




