Јубилејниот концерт на ФОЛТИН на 29 август го затвора БитФест, но не и вечерта, по Хераклеа следува Foltin After, а прославата продолжува со уште многу изненадувања
БИТФЕСТ ЗАВРШУВА СО ФОЛТИН. ФОЛТИН НЕ ЗАВРШУВААТ СО КОНЦЕРТОТ.
Пред 30 години, токму во Хераклеа, на сцена застана бенд кој почнуваше да ја открива својата музика, себе си и публиката пред која за првпат настапуваше. На 29 август 2026 година, три децении подоцна, Фолтин повторно се враќаат во Хераклеа, овојпат со големиот јубилеен концерт FOLTIN 30, централен настан со кој бендот ја одбележува својата 30-годишна концертна приказна.
„Не се враќаме во Хераклеа за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука“, велат Фолтин.
Во изминатите три децении се менувале луѓето, музиката, градовите и сцените, но публиката останала константа. Токму затоа, велат од бендот, FOLTIN 30 не го доживуваме како своја прослава, туку како прослава на сите оние кои во изминатите 30 години биле дел од приказната, од оние кои биле на првиот концерт во Хераклеа, до оние кои Фолтин можеби првпат ќе го слушнат токму на 29 август.
Јубилејната вечер ќе донесе специјална концертна програма, гости и изненадувања, а Фолтин најавуваат и песни кои одамна не биле дел од нивните настапи. „Ќе има луѓе кои се важен дел од нашата приказна, песни кои одамна не сме ги свиреле и моменти кои сигурно нема да се повторат. А има и неколку работи за кои мислиме дека е подобро да не ги кажеме денес“, велат од Фолтин.
29 август нема да заврши со последната песна во Хераклеа.
По концертот сите посетители се поканети на Foltin After во De Niro Catering на
Краварски пат каде прославата ќе продолжи со Скопско и Де Ниро.
FOLTIN 30: концерт што не завршува со последната песна.
Јубилејната приказна продолжува и преку FOLTIN LIVE, двојното винилно издание кое Фолтин го опишуваат како своја „звучна монографија“, концертната енергија преточена во траен аналоген запис. Снимен целосно во живо во Пловдив и Скопје, на врвна аналогна опрема, а винилот е печатен во Sony Виена според највисоки стандарди за винил продукција.
Во годината во која Фолтин одбележуваат 30 години, своите 30 години ги одбележува и Божиновски часовници и накит. Две битолски приказни што започнале пред три децении, секоја во својот свет, но со нешто важно заедничко, вербата дека вистинските вредности се градат со години, со посветеност и со луѓето кои стојат зад нив. Затоа, следното битолско аудиофилско слушање на FOLTIN LIVE ќе се одржи на 26 август во 19 часот, во Галерија Божиновски на Широк Сокак, каде винилот ќе биде слушан на специјално дизајнирани звучници за Галерија Божиновски, изработени од инженерскиот тим на ТЕОХАРОВ со аудиофилскa поддршка на Аудиокултура.


На слушачката промоција се поканети медиумите, аудиофилите, колекционерите, пријателите и љубопитните кои сакаат да го слушнат FOLTIN LIVE во посебен аналоген амбиент.
Посебно изненадување е подготвено за оние кои биле на првиот концерт на Фолтин во Хераклеа пред 30 години. За време на слушачката промоција ќе добијат бесплатна влезница за јубилејниот концерт на 29 август.
Концертот на Фолтин е воедно и големото финале на овогодишниот БитФест, во организација Културно информативниот центар Битола и Општина Битола, со кои Фолтин ја споделуваат оваа голема завршница на фестивалското лето.
Но, 29 август нема да биде крај на „Фолтин 30“.
Јубилејната година продолжува со низа музички, издавачки и други проекти, преку кои бендот ќе ја одбележува својата тридецениска приказна. За следните активности Фолтин ќе информираат благовремено.
FOLTIN 30, ЈУБИЛЕЕН КОНЦЕРТ
29 август 2026 | 20:00 часот Хераклеа, Битола
🎟 Влезници: mktickets.mk/event/30gfo/ FOLTIN AFTER
De Niro Catering на Краварски пат Слушачка промоција на FOLTIN LIVE
26 август 2026. 19.00 часот| Галерија Божиновски, Битола
За медиумски информации и фотографии: 078354507, 078563235
Благодарност до нашите партнери: Културно нформативен центар Битола, Општина Битола, Министерство за култура и туризам, Скопско, Халк Банка, Божиновски часовници и накит, Солидус, Brainster Next, Пела Роса, Графо Пром, Општина Новаци, Де Ниро Кетеринг.




