Патот на Сања Божиновска не може да се гледа само низ нејзината кариера, туку и низ искуствата, вредностите и изборите што ја обликувале како професионалец и лидер. Во разговорот таа се осврнува на знаењето како личен капитал, на вредностите што денес ги носи во јавната функција како министерка за енергетика, рударство и минерални суровини и на професионалното искуство стекнато во различни земји, академски средини, култури и деловни предизвици. Помеѓу енергетиката, меѓународното искуство и вредностите што ја водат, ова е интервју за лидерството како личен став, за интегритетот, дисциплината и довербата, но и за иднината што се гради со визија, знаење и одговорност.

Вашата кариера се градела во неколку европски земји и различни деловни култури. Кое искуство најмногу го промени начинот на кој денес носите одлуки и гледате на лидерството?
Кога ќе поминете низ различни земји, институции и деловни култури, неизбежно сфаќате дека лидерството не е универзална формула. Она што во една средина се смета за успешен начин на водење, во друга може да биде неприменливо. Затоа најголемата вредност на меѓународното искуство e способноста да ги разберете луѓето, различните перспективи и контекстот во кој се носат одлуките. Во текот на кариерата работев со експерти од различни националности, култури и професионални профили. Секој од нив имаше свој начин на размислување, свои приоритети и свој пристап кон решавањето на проблемите. Тоа ме научи дека најдобрите одлуки најчесто се создаваат кога ќе се соберат различни мислења, кога ќе се слушнат аргументите и кога ќе се изгради доверба меѓу луѓето кои имаат заедничка цел. Во енергетикатапоследиците од секоја одлука може да се чувствуваат со години, а понекогаш и со децении. Затоа лидерот мора да размислува не само за денес, туку и за генерациите што доаѓаат. Лесно е да се донесе популарна одлука. Многу потешко е да се донесе правилна одлука која можеби нема веднаш да биде препознаена, но долгорочно ќе создаде стабилност и развој. Токму затоа секогаш настојувам краткорочните притисоци да не ја засенат долгорочната визија. Со текот на времето сфатив дека авторитетот не произлегува од функцијата што ја извршувате, туку од довербата што ја градите. Луѓето ве следат кога веруваат дека сте доследни, дека знаете што правите и дека сте подготвени да преземете одговорност и кога работите не се одвиваат според планот.
Денес, кога носам одлуки, секогаш се обидувам да ги разгледам од повеќе агли. Се потпирам на факти, анализи и стручни мислења, но никогаш не заборавам дека зад секој проект, секоја политика или секоја инвестиција стојат луѓе. На крајот успехот секогаш зависи од човечкиот капитал. Верувам дека современиот лидер мора постојано да учи. Светот денес се менува побрзо од кога било, особено во енергетиката, каде што геополитиката, климатските промени, новите технологии и економските текови се испреплетени повеќе од кога било досега. Никој не може да си дозволи да мисли дека ги има сите одговори. Лидерството денес значи да имате доволно самодоверба да носите тешки одлуки, но и доволно скромност да признаете дека секогаш има простор за ново знаење.
Ако треба во една реченица да кажам што најмногу ме промени, тогаш тоа е сознанието дека вистинското лидерство не се мери според моќта што ја имате, туку според довербата што ја создавате, вредностите што ги застапувате и луѓето што ќе ги инспирирате да бидат подобри отколку што биле вчера.
Енергетиката често се доживува како техничка и комплексна област.
Како би ѝ ја објасниле на една млада личност нејзината важност и што
ве натера токму оваа професија да стане ваш животен избор?
Често велам дека енергетиката е невидливата сила што го движи светот. Таа не е само производство на електрична енергија или управување со ресурси туку е основа за функционирањето на секое општество. Од домовите во кои живееме, училиштата и болниците, до индустријата, дигиталните технологии и економскиот развој, сè зависи од сигурен и стабилен енергетски систем. Кога енергијата функционира, тоа речиси и не го забележуваме, но кога ќе ја нема, сфаќаме колку е всушност суштинска. Мене ме привлече токму таа комбинација на наука, економија, технологија и влијание врз секојдневниот живот на луѓето. Енергетиката е област во која секоја одлука има долгорочни последици и затоа бара визија, одговорност и постојано учење. Тоа е сектор кој никогаш не мирува, постојано се развива, се приспособува на новите технологии и одговара на глобалните предизвици. Денес, кога светот се стреми кон почисти извори на енергија, поголема енергетска независност и одржлив развој, оваа професија станува уште поважна. За младите луѓе тоа не е само можност за успешна кариера, туку и можност директно да придонесат за создавање подобра иднина.
Токму затоа енергетиката не ја гледам само како професија, туку како област во која знаењето може да направи вистинска разлика. Можноста да се работи на решенија што ќе имаат позитивно влијание и врз економијата и врз квалитетот на животот на луѓето е она што ме мотивира и денес, исто како и на почетокот од мојата кариера.

Во текот на кариерата сте работеле на проекти поврзани со инвестиции, обновливи извори и регионална соработка. Каде денес ја гледате најголемата можност за иновација во енергетскиот сектор?
Енергетиката денес поминува низ една од најголемите трансформации во својата историја. Не станува збор само за премин кон обновливи извори на енергија, туку за целосна промена на начинот на кој произведуваме, складираме, пренесуваме и користиме енергија. Според мене, најголемата можност за иновација е токму во поврзувањето на новите технологии со енергетските системи. Вештачката интелигенција, дигитализацијата, паметните електроенергетски мрежи и современите системи за складирање енергија ќе имаат сè поголема улога. Во исто време, експанзијата на дата-центрите, кои се двигатели на дигиталната економија и развојот на вештачката интелигенција, ќе бара нови, стабилни и сигурни извори на енергија. Тоа ќе го промени начинот на кој ги планираме и развиваме енергетските системи.
Верувам дека во следната деценија сè поголемо внимание ќе добијат и малите модуларни нуклеарни реактори -, кои имаат потенцијал да обезбедат стабилна базна енергија со високи безбедносни стандарди, како и водородот, особено зелениот водород, кој може да стане важен енергенс за индустријата и транспортот. Овие технологии не се замена за обновливите извори, туку нивно дополнување во создавањето сигурен, балансиран и нискојаглероден енергетски систем. Истовремено, иновацијата не е само прашање на технологија. Таа подразбира и нов начин на размислување, подобра регионална поврзаност и создавање услови за инвестиции кои ќе донесат долгорочен развој. Енергетските предизвици одамна ги надминаа националните граници и затоа соработката меѓу државите ќе биде сè поважен дел од иднината на секторот.
Нашата цел треба да биде да создадеме енергетски систем кој е сигурен, одржлив и конкурентен. За тоа се потребни јасна визија, современи технологии и подготвеност да се прифатат иновациите. Верувам дека токму комбинацијата на обновливи извори, напредни технологии, нуклеарни иновации, водород и дигитална трансформација ќе ја обликува енергетиката на иднината.
Денешниот свет бара лидери кои истовремено размислуваат стратешки и остануваат човечни. Како вие ја одржувате таа рамнотежа во професионалниот живот?
Верувам дека вистинското лидерство не се мери само со способноста да носите тешки одлуки, туку и со начинот на кој се однесувате кон луѓето додека ги носите. Стратегијата и човечноста не се две спротивности, туку се две страни на истата успешна приказна. Најдобрите резултати секогаш доаѓаат кога ќе изградите тим во кој постои доверба, заемна почит и чувство дека секој придонесува кон заедничка цел. Во мојата работа се потпирам на факти, анализи и долгорочна визија, но никогаш не заборавам дека зад секоја политика, проект или инвестиција стојат луѓе. Затоа е важно лидерот да биде достапен, да слуша и да ги разбере различните мислења, дури и кога не се согласува со сите.
Работејќи во различни земји и со различни тимови, научив дека довербата не се добива со функцијата, туку се гради секој ден, преку доследност, интегритет и личен пример. Луѓето очекуваат лидерот да биде сигурен кога времињата се неизвесни, но и доволно искрен да признае кога е потребно дополнително знаење или поинаков пристап.
Денес, повеќе од кога било, на лидерите им е потребна емоционална интелигенција. Во време на брзи промени и големи предизвици, важно е да се задржи смиреноста, да се остане отворен за нови идеи и да не се изгуби човечката димензија на работата. На крајот, технологијата, стратегиите и институциите ги создаваат луѓето, а секој долгорочен успех започнува токму со нив.
Вашето образование се одвивало во различни академски средини, од Прага и Гронинген до Харвард. Кое сознание или интелектуален принцип што го усвоивте таму најсилно го обликуваше вашиот начин на размислување, а не може да се научи од учебник?
Имав привилегија да учам во различни академски средини, но ако треба да издвојам една лекција што најмногу ме обликуваше, тоа е дека знаењето не е збир на научени факти, туку начин на размислување. Најдобрите професори не нè учеа што да мислиме, туку како да поставуваме вистински прашања, како критички да ги анализираме аргументите и како да не се задоволуваме со првиот одговор. Во светот во кој живееме, информациите никогаш не биле подостапни, но мудроста доаѓа од способноста да ги поврзете фактите, да ги согледате различните перспективи и да донесувате одлуки врз основа на знаење, а не на претпоставки. Тоа е нешто што не може да се научи само од учебник, туку се гради преку љубопитност, искуство и постојана желба за усовршување.
Меѓународното образование ми помогна да разберам и колку е важно да се биде отворен кон различни идеи и култури. Кога работите и учите со луѓе од различни земји, сфаќате дека токму различноста на искуствата создава поквалитетни решенија и поширока перспектива. Еднакво вредно беше и тоа што во текот на образованието и професионалните програми имав можност да запознаам врвни професионалци, научници и лидери од целиот свет. Со многумина од нив и денес одржувам професионални контакти и разменуваме искуства и идеи. Во денешниот глобално поврзан свет, таквите меѓународни мрежи се непроценливи. Тие овозможуваат пристап до нови знаења, различни практики и современи решенија, а токму размената на искуства со експерти од различни земји е еден од најдобрите начини за професионален и личен развој. Верувам дека успехот не зависи само од тоа што го знаете, туку и од тоа колку сте подготвени постојано да учите, да соработувате и да бидете дел од една поширока меѓународна професионална заедница.
Кога човек работи во различни културни и професионални контексти, почнува да ги препознава вредностите што се универзални. Кои особини, според вашето искуство, ги имаат луѓето кои успеваат да создадат трајна вредност, без разлика на системот, пазарот или позицијата од која дејствуваат?
Со текот на годините и работата во различни земји и системи, станува јасно дека и покрај сите разлики во културите, институциите и пазарните услови, постојат универзални вредности кои ги поврзуваат луѓето што навистина создаваат трајна вредност. Тие вредности не се секогаш највидливи на почетокот, но долгорочно токму тие прават разлика.
Најпрво, тоа е интегритетот. Луѓето кои остануваат доследни на своите принципи, без разлика на околностите, ја градат најсилната форма на доверба. Во бизнисот, во институциите и во секој професионален контекст, довербата е основата врз која се гради сè останато. Без неа, ниту најдобрите стратегии немаат долгорочен ефект.
Втората важна особина е дисциплината. Успехот ретко е резултат на еден голем момент, туку на низа мали, доследни чекори што се повторуваат со време. Луѓето кои се подготвени да работат континуирано, дури и кога резултатите не се веднаш видливи, обично се тие што создаваат најголемо влијание.
Трето, љубопитноста и подготвеноста за учење. Светот се менува брзо, особено во енергетиката, технологијата и економијата, и затоа способноста да се прифаќаат нови знаења и перспективи е клучна. Луѓето кои не престануваат да учат обично не само што се прилагодуваат на промените, туку и ги водат.
И на крај, можеби најважно е способноста за соработка. Во современиот свет, речиси ниту еден значаен резултат не е индивидуален. Луѓето кои умеат да слушаат, да градат мостови и да работат со различни тимови и култури, создаваат вредност што трае многу подолго од нивната непосредна улога или позиција.
Сите овие особини заедно создаваат профил на професионалец кој не само што е успешен во одреден момент, туку остава и долгорочен белег во системите во кои работи.
Енергетиката отсекогаш била двигател на цивилизацискиот развој, а денес вештачката интелигенција отвора сосема нови хоризонти. Како гледате на односот помеѓу технолошките иновации и енергетската иднина, и кои промени сметате дека ќе бидат најсуштински во следната деценија?
Односот меѓу енергетиката и технолошките иновации денес е поинтегриран од кога било. Вештачката интелигенција и дигитализацијата веќе стануваат клучни алатки за поефикасно управување со енергетските системи, од производство до потрошувачка и мрежна стабилност. Во следната деценија ќе гледаме поголема интеграција на обновливите извори, развој на системи за складирање енергија и значителен раст на потрошувачката од дата-центрите, кои ќе бараат сигурни и стабилни енергетски решенија. Но, колку и да напредува технологијата, луѓето остануваат клучни. Вештачката интелигенција може да оптимизира системи, но насоката, одлуките и одговорноста за енергетската транзиција секогаш ќе зависат од човечката процена и лидерство.
Постојано сте опкружени со бројки, анализи и стратешки одлуки. Што е
она што ја храни вашата љубопитност надвор од професијата?
Иако мојата професионална работа е силно поврзана со анализи, податоци и стратешко одлучување, сметам дека токму надвор од тие рамки се создава пошироката перспектива што е неопходна за добри одлуки. Љубопитноста за мене не завршува со професијата, напротив, таа се проширува преку различни области. Ме интересираат теми како историја, геополитика и економски развој, затоа што тие помагаат подобро да се разберат пошироките контексти во кои се движи енергетиката и економијата. Исто така, психологијата и начинот на кој луѓето размислуваат и донесуваат одлуки секогаш ми биле особено инспиративни, бидејќи на крајот секој систем го водат луѓе.
Голема инспирација ми носат и патувањата, запознавањето различни култури и начини на живеење. Секоја средина има свои вредности и пристапи и тоа многу помага да се гледа пошироко и пообјективно.
Покрај тоа, верувам дека е важно човек да има и моменти надвор од професионалниот ритам, време за читање, размислување и учење без конкретна агенда. Токму во тие моменти често доаѓаат најдобрите идеи и нови перспективи.
Љубопитноста за мене е начин да се остане отворен кон светот. Таа не е ограничена на професија, туку е постојан процес на учење и разбирање на луѓето, системите и промените околу нас.
Каква порака би им испратиле на младите жени кои размислуваат за кариера во науката, инженерството, енергетиката или бизнисот? Што е она што најмногу би сакале да го знаеле уште на почетокот од својот професионален пат?
На младите жени би им порачала пред сè да не си поставуваат ограничувања однапред. Многу често бариерите не се надворешни, туку се создаваат во моментот кога човек ќе почне да се сомнева во сопствените способности. Науката, инженерството, енергетиката и бизнисот се области кои бараат знаење, посветеност и истрајност и тие квалитети не зависат од пол, туку од карактер и работа.
Од моето искуство, најважно е да се влезе во професијата со љубопитност и подготвеност постојано да се учи. Никој не започнува како целосно подготвен, но со време, преку работа и искуство, се гради самодоверба и професионална сигурност. Важно е да се прифатат предизвиците, дури и кога изгледаат големи, затоа што токму тие најмногу ве обликуваат.
Би им рекла и да не се плашат од динамични и конкурентни средини. Напротив, токму таму се создаваат најголемите можности за раст и напредок. Поддршката од мрежа на луѓе, ментори и колеги е исто така многу важна, затоа што никој не гради кариера сам.
Ако треба да издвојам нешто што би сакала да сум го знаела порано, тоа е дека кариерата не е права линија. Таа има различни фази, понекогаш забрзува, понекогаш забавува, но секој чекор носи свое значење. Трпението и истрајноста се подеднакво важни како и амбицијата.
На крајот, сакам да нагласам и нешто што ми е особено важно. Македонија има исклучително квалитетни кадри, професионалци и млади луѓе со потенцијал кој е препознаен и надвор од земјата. Со правилна поддршка, можности и поврзување со меѓународни мрежи, тие можат рамноправно да се носат и да бидат признати како врвни светски експерти. Верувам дека токму вложувањето во знаење и отворањето кон светот е клучот тие потенцијали целосно да се реализираат.





