Развојот на медицината денес сè почесто се одвива на пресекот меѓу науката и технологијата, а улогата на хирургот не се намалува, туку добива нова димензија. Роботската хирургија веќе не е визија за иднината, туку реалност што ги менува стандардите на лекување и отвора нови можности за пациентите.
Д-р Виктор Станков, специјалист по урологија на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, доктор на науки и научен соработник по хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје, неодамна беше дел од историски момент за македонската медицина со изведувањето на првите роботски асистирани операции во земјава. По едногодишна едукација за роботска хирургија во Кина, денес е меѓу лекарите кои активно учествуваат во воведувањето на новите хируршки стандарди и нивната примена во домашното здравство.
Во разговор за „Портрет“, д-р Станков зборува за иднината на професијата, местото на науката во современата медицина, искуството стекнато во Кина, но и за личната страна на
Првата роботски асистирана операција во Македонија претставува историски момент. Колку е важно една мала земја да биде дел од најсовремените медицински текови и дали тоа има пошироко значење од самата медицина?
Навистина станува збор за историски момент за македонската медицина. По мојата едногодишна едукација за роботска хирургија во Кина, бев силно мотивиран стекнатото знаење да помогне во имплементацијата на оваа метода и кај нас. Особено сум горд што го предводев мултидисциплинарниот тим од Клиниката за урологија и Клиниката за анестезиологија во Скопје, под менторство на мојот учител, проф. Гу Ди. Успешно изведовме четири роботски асистирани операции кај пациенти со карцином на простата, со примена на роботскиот хируршки систем EdGe Medical и Single Site методата, односно пристап преку еден единствен отвор.
За една мала земја како Македонија е исклучително важно да биде дел од најсовремените медицински текови. Не треба да прифатиме дека врвната медицина е резервирана само за големите држави. Ние имаме квалитетен кадар, знаење и потенцијал, но за напредок се потребни иницијатива, визија, доедукација на кадри, менторство и јасна национална стратегија. Само така ваквите историски моменти можат да прераснат во одржлив систем и во реална придобивка за пациентите.
По едногодишна обука за роботска хирургија во Кина, како се менува перцепцијата на хирургот за сопствената улога во операционата сала кога дел од прецизноста ја презема роботски систем?
Роботската хирургија не ја намалува улогата на хирургот, туку ја издигнува на едно повисоко ниво. Роботот не размислува, не носи одлуки и не презема одговорност — сето тоа останува обврска на хирургот. Она што се менува е начинот на кој ја изведуваме операцијата: наместо директен контакт со ткивото, хирургот станува „диригент“ на еден исклучително прецизен систем.
Особено е важно да се нагласи дека кај роботската хирургија нема тактилен осет. Хирургот не го „чувствува“ ткивото како кај отворена хирургија, па затоа уште повеќе се потпира на знаење, визуелна проценка, искуство и целосна концентрација. Роботот е моќна машина која во рацете на обучен хирург е огромна придобивка за пациентот, но ако е управувана од непрофесионалец може да биде и многу опасна. Тука навистина нема простор за импровизации.
Токму затоа обуката е строга и темелна. Во Кина, пред да почнам со операции на пациенти, морав да поминам минимум 100 часа на симулатор и да положам низа вежби и евалуации. Роботската хирургија не е „краток пат“ до успех, туку сериозна дисциплина што бара голема подготовка, одговорност и почит кон процесот.



Роботската хирургија често се претставува како технолошка револуција. Според Вас, дали нејзината најголема вредност е во технологијата сама по себе или во можноста да се редефинираат хируршките стандарди и исходите за пациентите?
Живееме во време кога технологијата се развива со неверојатна брзина, а компаниите се натпреваруваат со иновативност. Сметам дека најголемата вредност на роботската хирургија не е во технологијата сама по себе, туку во можноста да ги подобри хируршките стандарди и исходите од лекувањето.
Роботската хирургија овозможува поголема прецизност, помала хируршка траума, побрзо закрепнување и подобар квалитет на живот за пациентот. Но, дури и најсовремената опрема без соодветно обучен кадар и стандардизиран систем на работа останува само скапа играчка што не може да го даде својот вистински потенцијал. Технологијата е средство, а крајната цел е здравјето на пациентот.

Освојувањето на првото место на натпревар со повеќе од 200 млади уролози и публика од 9.000 специјалисти е значајно признание. Што според Вас ја разликува добрата хируршка техника од навистина извонредната?
За мене, ова признание е од огромно значење бидејќи доаѓа од средина каде конкуренцијата е исклучително силна, а вреднувањето се темели пред сè на знаењето, работата и квалитетот.
Сметам дека, како и во многу други професии, не е доволно само да сте добри во тоа што го правите. Да се биде добар хирург не е дестинација, туку континуиран и бескраен процес на доусовршување. Хирургијата не ви дозволува стагнација — ако не растете, назадувате.
Добар хирург, пред сè, мора да биде добар доктор и добар човек. Но и тоа не е доволно. Мора да биде љубопитен за да напредува, дисциплиниран за да истрае, храбар кога е тешко и компетитивен — пред сè со својата претходна верзија. Според мене, токму таа комбинација од знаење, карактер и постојана работа на себе ја прави разликата меѓу добрата и навистина извонредната хирургија.


Работевте и се обучувавте во еден од најбрзо развивачките медицински центри во светот. Кои лекции од кинескиот модел на образование и здравствена организација би сакале да ги видите применети и кај нас?
Тоа што особено ме фасцинира кај Кина е организираноста и јасно поставениот систем, каде секој си ја знае својата улога и ја извршува темелно, посветено и навидум со леснотија. Системот не се потпира на импровизација, туку на ред, дисциплина и континуитет. Токму тоа е една од најголемите лекции што би сакал да ја видиме и кај нас.
Посебно силен впечаток ми остави нивниот систем на едукација на млади лекари. Таму едукацијата не е оставена на случајност, туку е јасна обврска и одговорност на менторите, кои темелно ги водат младите доктори низ целиот процес. Имаат и одлични симулациски центри каде младите хирурзи можат безбедно да тренираат и да ги усовршуваат своите вештини пред да работат со пациенти. Токму таков симулациски центар би сакал да помогнам да се организира и кај нас, во соработка со универзитетите.
Исто така, многу е важно што уште во раните фази од специјализацијата докторите се вклучуваат и во научна работа. Дополнително, моделот што денес е актуелен во Кина, во најголем дел од Европа и во поразвиените земји во светот, е стремежот кон субспецијализации, особено во хирургијата. Сметам дека токму во таа насока треба да се движиме и ние.

Зад професионалниот успех стои и лична приказна. Како изгледаше животот на Вашето семејство за време на едногодишниот престој во Кина и кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте како семеен човек далеку од дома?
Зад секој професионален успех стои и лична приказна, а често и лична цена. Јас заминав за Кина кога мојот син Стефан имаше само шест месеци. Тоа не беше лесна одлука, ниту како татко, ниту како сопруг. Колку и да е голема професионалната цел, постои дел од вас што останува дома со семејството, особено кога знаете колку брзо минуваат најраните и најважни моменти од детството.
Неизмерно сум благодарен на сопругата Нина, која ме поддржа во одлуката да заминам на оваа доедукација. Таквите одлуки никогаш не ги носи само еден човек — зад нив стои цело семејство, со својата љубов, разбирање и жртва. Без нејзината поддршка, овој пат ќе беше многу потежок, речиси невозможен.
Среќен сум што ме посетија двапати по два месеца во Кина. Тие периоди ми ги наполнија батериите и ми дадоа сила да истраам. Имавме преубави моменти заедно, но и реални предизвици — прилагодување на влажната клима, големата топлина во Гуанџоу и еден сосема поинаков ритам на живот. Токму тие моменти ме потсетија дека успехот има вистинска смисла само кога имате со кого да го споделите.
Долгите периоди на едукација во странство често бараат големи откажувања. Што Ве научи ова искуство за балансот помеѓу професионалните амбиции и одговорностите кон семејството?
Во последно време многу актуелна тема е таканаречениот work-life balance. Особено ми е интересно кога успешни луѓе зборуваат за тоа колку добро им е избалансиран животот, а притоа ретко се спомнува колку напорно работеле за да стигнат до таа точка и дали воопшто постоел баланс во периодот кога се граделе. Мислам дека е важно да бидеме искрени — во одредени фази од животот, особено кога се едуцирате, се докажувате и градите професија, балансот не изгледа секогаш идеално.
Ова искуство ме научи дека не можете да постигнете сè во исто време. Можете да постигнете многу, но не одеднаш — мора да се постават приоритети. Во одредени периоди професионалниот развој бара повеќе од вас, но тоа не смее да значи дека ги заборавате одговорностите кон семејството. Напротив, тогаш уште повеќе сфаќате колку е важна нивната поддршка и колку треба свесно да ја чувате таа врска.
За мене, вистинскиот баланс не значи сè да биде подеднакво распределено во секој момент, туку да знаете што е најважно во даден период и да не ја изгубите суштината. Амбицијата има смисла само ако ве прави подобар професионалец, но и подобар сопруг, татко и човек.
Како научен соработник и доктор на науки, колку е важно современиот хирург истовремено да биде и истражувач? Дали медицината денес може да напредува без силна врска меѓу науката и клиничката практика?
Одлично прашање. Истата тема беше актуелна и на последната годишна конференција во Нордвек, Холандија, каде имав чест да ја претставувам Македонската уролошка асоцијација. Една колешка од Холандија постави интересно прашање: зошто, ако сакате да напредувате како хирург во Европа и да бидете прифатен на fellowship програми, речиси секогаш се очекува да имате публикации во меѓународни списанија? Нејзиниот став беше дека сака да биде добар хирург, но академската дејност не ја интересира.
Делумно се согласувам со тоа. Професионалниот развој на хирургот не смее да биде ограничен само затоа што некој нема афинитет кон академска кариера. Не секој одличен хирург мора по автоматизам да биде и научник. Но, од друга страна, на универзитетските клиники сметам дека е пожелно да се вработуваат и развиваат кадри што имаат интерес за истражување, затоа што медицината не може да напредува без наука.
Кога зборуваме за нашите услови, мора да бидеме и реални. Во земји како нашата, сметам дека фокусот треба примарно да биде насочен кон имплементација на системи што функционираат, бидејќи науката бара и ресурси, инфраструктура и поддршка што посиромашните земји често ги немаат во доволна мера.
Роботската хирургија отвора прашања и за иднината на медицинската професија. Дали верувате дека во следните децении хирургот ќе стане повеќе стратег отколку изведувач на самата интервенција?
Актуелни се прашањата дали вештачката интелигенција и роботите ќе го заменат човекот. Јас сум оптимист по природа и верувам дека технолошката еволуција треба да нè води кон поквалитетен живот. Сакам да верувам дека вештачката интелигенција и роботите ќе ја преземаат тешката, рутинска и повторувачка работа, а човекот ќе има повеќе простор за креативност, проценка и решавање на комплексни проблеми.
Конкретно во роботската хирургија, сметам дека иднината веќе е тука. Телехирургија веќе постои и се изведуваат операции на илјадници километри дистанца. Тоа значи дека хирургот сè повеќе ќе стане стратег и лидер на процесот, но не и помалку важен. Напротив — ќе мора уште повеќе да се едуцираме и да останеме глобално компетитивни, бидејќи врвните светски хирурзи ќе стануваат сè подостапни. Ако сакаме да им служиме на нашите пациенти дома, мора да бидеме подготвени за таа реалност уште сега.
Ако оваа прва роботски асистирана операција ја гледаме како почеток на ново поглавје во македонската медицина, како ја замислувате урологијата во Македонија за десет години и каква улога би сакале Вие да имате во таа иднина?
Многу ми е драго што го иницирав почетокот на роботската хирургија во Македонија и искрено се надевам дека во скоро време таа ќе стане рутина, како што денес кај нас е лапароскопската хирургија. Би сакал за десет години роботската хирургија да не биде вест или исклучок, туку нормален дел од современата уролошка пракса таму каде што носи најголема корист за пациентот.
Урологијата во Македонија ја замислувам како добро организирана, супспецијализирана и силно поврзана со современите европски и светски текови. Тоа значи континуирана едукација, менторство, современа опрема и јасен систем на развој за младите лекари.
Јас по природа сакам да планирам, но не на толку долги временски периоди како десет години. Се трудам секогаш да го дадам својот максимум, народски кажано да си го направам своето, а потоа и да му дозволам на животот да ме однесе таму каде што треба да стигнам, без форсирање по секоја цена. Ако можам да имам улога во таа иднина, би сакал да помогнам во развојот на роботската хирургија, во едукацијата на нови кадри и во создавање систем од кој најголема корист ќе имаат пациентите.




