Некои форми се создаваат со раце. Некои со пиксели. А некои постојат токму помеѓу нив.
„Вибрантни идентитети“ е изложба што ги спојува глината и дигиталната уметност во еден заеднички визуелен простор, простор на контрасти, експерименти и современи парадоксалности. Игра помеѓу материјалното и виртуелното, помеѓу текстурата и екранот, помеѓу интуицијата и дигиталниот импулс.
Зад проектот стојат визуелната уметница Бојана Мандевска, која низ своето творештво ја истражува глината како медиум со сопствена меморија, форма и карактер, и Филип Матевски – илустратор и визуелен уметник, чии дигитални илустрации создаваат впечатлив современ визуелен јазик.
Изложбата, поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес во културата за 2026 година, ќе биде отворена на 1 јуни во 19 часот во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 5 јуни.
„Вибрантни идентитети“ е спој на неспоивото, коегзистирање на бои, облици, пиксели, форми и различни визуелни енергии што заедно функционираат хармонично, гласно и живо.
