Во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, на 20 и 21 мај во Лабораториум ќе се одржи филмската програма „СЕМЕЈСТВО, НО ПОИНАКУ“, курирана од Ивана Нацева. Програмата носи два современи авторски филма кои низ различни естетски и наративни пристапи ги отвораат прашањата за семејството, идентитетот, телото, припадноста и заедништвото.

На 20 мај програмата започнува со дискусијата „Семејство, но поинаку: Кои се можностите за правно препознавање на истополовото партнерство?“, на која ќе учествуваат Душица Лазова и правничката и експертка за човекови права Маја Атанасова. Разговорот ќе отвори прашања за можностите за правно препознавање и уредување на истополовите релации и отпочнување семејство во земјава.

Истата вечер ќе биде прикажан францускиот филм „Доказ за љубов“ (Des Preuves D’amour, 2025) на режисерката Алис Дуард — интимна приказна за лезбејски пар кој се обидува да изгради семејство во систем исполнет со институционални ограничувања и општествени очекувања.
На 21 мај следува „Фантази“ (Fantasy, 2025), дебитантски долгометражен филм на словенечката режисерка Кукла, кој преку приказната за три млади жени и нивната средба со транс жена го преиспитува концептот на семејството, родот, блискоста и слободата.

