Во изминатите месеци, Музичка Фабрика прерасна во вистинско музичко патување низ Македонија, проект кој обедини стотици деца, семејства, автори и љубители на музиката во една заедничка мисија: создавање нова македонска детска музичка сцена.
Преку караван-аудиции во четири градови низ државата, реализирани во текот на еден месец, повеќе од 600 деца добија можност да го покажат својот талент, енергија и љубов кон музиката. По внимателен избор и селекција, 29 солисти и 35 членови на хорот станаа дел од првата сезона на „Музичка Фабрика“.
Во рамки на проектот беа создадени 20 оригинални авторски композиции во соработка со реномирани македонски автори и музички соработници, со што „Музичка Фабрика“ директно придонесува кон создавање современа детска музичка продукција.
Покрај снимањето и подготовките, учесниците поминаа низ интензивен едукативен и музички процес, работејќи заедно со Андријана Јаневска, која со своето искуство, професионалност и посветеност им помогна да го развијат сценскиот настап, вокалната интерпретација и самодовербата.




Круна на целото ова патување ќе биде големиот ревијален концерт на „Музичка Фабрика“, кој ќе се одржи на 26 мај во Македонски народен театар. Интересот за настанот е огромен, а капацитетот е веќе целосно исполнет, уште една потврда дека публиката препознава и поддржува ваков тип квалитетна детска музичка продукција.
„Музичка Фабрика“ не е само фестивал, туку платформа која создава нова генерација млади музички таленти, простор каде што детската креативност, емоција и музика добиваат вистинска сцена.
Ова е само почеток на една нова музичка приказна.


