Кога мајчинството ќе стане огледало во кое јасно ги гледате своите приоритети, одлуките за големи животни промени доаѓаат природно. За Мартина Неданоска, таа промена значеше напуштање на успешната корпоративна кариера за да се посвети на нешто автентично и свое. Така се роди „Кидо Медо“ – платформа која е спој на инженерска логика и искрена родителска емоција. Разговаравме со Мартина за предизвиците на претприемништвото, за балансот помеѓу лаптопот и семејниот ручек, и за визијата да се изгради заедница која ги поддржува малите бизниси со истата грижа со која се негува сопствено дете.
Како вашата инженерска логика влијае врз начинот на кој го структурирате и развивате Кидо Медо како дигитална платформа?
Кидо Медо е директен производ на моето досегашно искуство и на она што навистина најдобро знам да го работам. Од една страна е техничкото познавање и како дигиталниот свет функционира во позадина, аналитичкиот пристап за решавање проблеми и систематизирање на расфрлани информации во еден функционален систем. Сето тоа придонесе кон брзиот развој на платформата и нејзината ефикасност.
Од друга страна, тука е мојата креативност и окото за детали кои ги надградував низ годините во маркетингот и брендирањето. Тие му ја даваат естетиката на брендот. Кидо Медо не е само база на податоци туку внимателно дизајниран простор каде ефикасноста на технологијата се среќава со емоцијата на родителството што ја прави платформа која на родителите не им нуди само информација, туку доверливо и убаво корисничко искуство.


Во процесот на премин од сигурна корпоративна кариера кон претприемништво, што беше пресудниот момент кога стравот се трансформираше во одлука?
Како мајка на две деца, најскапоцената валута ми стана времето.
Работата со глобални тимови и различни временски зони значеше состаноци во моментите кога беше време за семеен ручек. Иако денес е популарно да се каже дека работата од дома со дете во скут пред камера е ‘слатка’, реалноста е дека често е невозможно да се одржи професионален фокус. Се чувствував како моите деца постојано да ме гледаат со лап топ, на состанок.
По неколку такви ситуации, каде што се судираа мајчинските обврски и желбата за професионализам, сфатив дека тој стрес веќе не ми е потребен. Сигурна бев дека моето искуство во ИТ и маркетинг е доволно силен капитал за да изградам нешто свое, по мои правила. Кога јасно ќе ги поставите приоритетите и ќе сфатите дека квалитетот на животот со семејството нема цена, одлуката станува природна.
Кидо Медо произлегува од лична потреба, како успевате да ја задржите таа автентичност додека платформата расте и станува бизнис?
Никогаш не заборавам зошто започнав. Кидо Медо не е само бизнис, туку дигитално продолжение на мојата грижа. Секој настан, работилница или соработник што го промовирам поминува низ мојот личен филтер: „Дали ова е нешто што јас би го избрала?“. Автентичен белег е и самото име Кидо Медо, инспирирано од моето омилено мече од детството, како постојан потсетник на емотивната вредност на брендот.



Дали верувате дека мајчинството ви даде нова перспектива за вредноста на времето, и како тоа влијае врз вашите бизнис одлуки?
Апсолутно. Мајчинството ме научи на приоритети. Денес, моите бизнис одлуки се водат од ефикасност, а не од зафатеност. Избирам проекти и соработки кои носат вистинска вредност, наместо само да го пополнуваат календарот. Независноста да ја организирам сопствената агенда ми е уживање. Кога сум присутна со децата, јас сум навистина таму, а тоа ме прави пофокусирана кога работам на платформата.
Како ја балансирате улогата на поддржувач на други мали бизниси со потребата да изградите одржлив и профитабилен сопствен модел?
Тоа е „win-win“ концепт. Кога им помагам на малите бизниси да станат видливи и да остварат продажба или нова резервација, платформата расте заедно со нив. Нивниот успех е доказ за вредноста на Кидо Медо. Преку креирање на заедница каде сите имаат бенефит, профитабилноста доаѓа како природен резултат на довербата и квалитетот.
Во дигитална средина преплавена со информации, што значи „доверба“ и како се гради таа кај вашата публика?
Довербата денес е најтешко да се освои. Кај нас таа се гради преку селекција. Не објавуваме сè, туку само она што е проверено и релевантно. Директниот контакт со соработниците и транспарентното споделување на информации се клучни. Публиката знае дека зад секоја објава стои вистинска личност која ги разбира нивните секојдневни предизвици.
Она што ја прави разликата е релацијата што ја градам со моите соработници и партнери. За мене, секој мал бизнис на платформата не е само клиент, туку партнер. Верувам во пријателскиот и личен пристап, тоа е она што партнерите најмногу го ценат. Таа блиска соработка ни дава дополнителна сигурност дека услугите што ги промовираме се навистина на врвно ниво. Кога родителот еднаш ќе најде квалитетна содржина преку нас, тој се враќа со доверба, бидејќи знае дека процесот на филтрирање е веќе направен со голема одговорност. Доследноста во овој пристап е она што ја претвора обичната посета на веб-страницата во долгорочна лојалност.
Често се вели дека вистинските брендови не се градат само од публика, туку од заедница која активно учествува и создава заедно. Како го доживувате Кидо Медо денес и колку таа заедница што заедно ја градите влијае врз вашите одлуки?
Кидо Медо го доживувам како екосистем. Насмевките на децата на некоја од организираните работилници или благодарноста на мајката која конечно нашла идеален едукативен центар или место за игра и прослава, се моите најголеми индикатори за успех. Заедницата влијае врз секоја моја одлука, нивните потреби ја диктираат насоката во која се шириме. Ние не само што споделуваме информации, туку поттикнуваме соработки и помеѓу самите партнери, создавајќи мрежа на поддршка.
Зад секој успешен претприемач стои тивка, но цврста лична филозофија која го води низ предизвиците. Ако треба да ја дефинирате вашата во една мисла, која би била таа и како се рефлектира во вашето секојдневие?
Иако претприемништвото често значи работа 24/7, кога нешто се работи со вистинска посветеност и емоција, тој труд не се чувствува како товар и секогаш вродува со плод. Работниот ден нема фиксно работно време, но секој час поминат во создавање е исполнувачки, а не исцрпувачки и тоа е причината што секој следен ден го отворам лаптопот со мерак 🙂


