Во време кога зборот е побрз од мислата, а коментарот полесен од емпатијата, се отвора прашањето: каква култура градиме со она што го изговараме?
Новата кампања за култура на коментари, реализирана во продукција на агенцијата МАХ Management, не нуди едноставни одговори, туку огледало. Во него се рефлектираат зборови што секојдневно се изговараат без тежина, но со последици што долго одекнуваат.
Ангелина Китановска и Ива Китановска — двете први дами на агенцијата, заедно со петте топ модели од MAX Models: Анастасија Таушанова, Евгенија Петрушевска, Екатерина Стојановска, Мила Живковиќ и Марта Михајловски, како и креативната сила зад брендот Mala Paznja, Маја Савеска Апостолоска, стануваат носителки на една гласна порака: зад секое лице стои приказна, а зад секој коментар-избор.




Фотографиите на Бојан Стоилковски, реализирани во студиото на Dzole Photography, ја доловуваат тензијата помеѓу надворешното и внатрешното, помеѓу она што го гледаме и она што го претпоставуваме. Под кастинг водство на Милан Атанасов, секое лице е поставено не само како визуелен симбол, туку како глас што зборува и кога молчи.
На маиците, пак, се испечатени фрази што звучат познато. Толку познато што често остануваат непреиспитани. Стереотипи што ги следат моделите, жените во модната индустрија, но и сите оние што некогаш биле сведени на површен коментар. Реченици што се пренесуваат како навика, како наследство на површноста, како шум што го потиснува вистинскиот глас. Но, токму во таа познатост лежи и нивната тежина.
Со медиумска поддршка од дигиталниот магазин Портрет, време е да се огласи повикот за момент на пауза помеѓу мислата и изреченото. За избор да се биде нежен во свет што често наградува суровост. Можеби вистинската убавина не е во тоа што ќе го кажеме, туку во тоа што ќе одлучиме да премолчиме.






