Во време кога одржливоста сè почесто се сведува на порака или тренд, сè поголем број брендови се обидуваат да ја претворат во реална, секојдневна навика. За Нина Цекиќ Костоска, бизнисот не е само економска активност, туку и можност да се влијае на културата на живеење – преку предмети кои се практични, естетски и трајни. ,,CoolBottles” се обидува да го направи „одговорниот избор“ посакуван, а металното шише – секојдневен предмет, како часовник или телефон. Во разговорот зборуваме за одржливоста, за дизајнот како алатка за промена на навиките и за тоа како малите лични избори можат да станат дел од поголема културна трансформација.
Вашиот производ не е само шише, туку обид за промена на секојдневна навика. Дали бизнисот го гледате како економска активност или како форма на културна интервенција во начинот на живеење?
Бизнисот за мене е повеќе од економска активност – тој е можност да се влијае на начинот на живеење. Преку производите и идеите што ги создаваме, поттикнуваме поодржливи навики, поголема свесност и подобар однос кон околината и кон себе. Кога бизнисот носи вредности, тој станува и културна интервенција што инспирира позитивни промени во секојдневието.


Често одржливоста се сведува на морална порака, но кај вас таа е врзана со естетика и дизајн. Дали луѓето полесно менуваат навики кога промената е привлечна, а не кога е наметната?
Со сигурност! Луѓето многу полесно прифаќаат нови навики кога промената е природна, привлечна и дел од нивниот стил на живот, а не кога е наметната како обврска. Кога одржливите избори се убаво дизајнирани, практични и носат чувство на вредност, тие стануваат навика сама по себе. Вистинската промена доаѓа кога луѓето ја избираат, а не кога им се наметнува.
Производот што треба да ја намали потрошувачката истовремено е и предмет што треба да се посакува. Како ја балансирате тензијата помеѓу конзумеризмот и одржливоста?
Одржливоста не значи да имаме повеќе работи, туку да избираме подобри. Нашите производи се внимателно дизајнирани, квалитетни и трајни, заменувајќи ја потребата за краткотрајни предмети. Балансот е во тоа да создадеме нешто што луѓето го посакуваат, но и го користат долго, свесно и со почит кон ресурсите. Создаваме разновидност на производи – не универзални, туку палета која постојано се надградува, прилагодувајќи се на потребите на сите генерации и на модата што се случува во секојдневието. Изборот на поевтино и понеквалитетно води до поголема потрошувачка и дополнителни трошоци, додека вистинската вредност е во паметните, одржливи и инспирирачки избори.


Велите дека сакате шишето да стане секојдневен предмет како телефон или часовник. Дали навиките денес повеќе се градат преку удобност, или преку идентитет — односно, преку тоа што предметите кажуваат за нас?
Денес навиките се создаваат од комбинација на удобност и идентитет. Луѓето најлесно прифаќаат нешто што е практично во секојдневието, но и што зборува за нивните вредности и стил. Кога еден предмет е и корисен и значаен, тој станува дел од личниот стил и природно се претвора во навика. Во тој момент производот престанува да биде само предмет – станува мала, секојдневна изјава за тоа каков начин на живот избираме.
Одржливите практики често зависат од индивидуална свест, но проблемот е системски. Дали верувате дека промената започнува од поединецот, или без поширока културна промена личните избори остануваат симболични?
Верувам дека промената секогаш започнува од поединецот, но вистинската сила ја добива кога станува колективна. Еден избор можеби изгледа мал, но кога илјадници луѓе прават посвесни избори секој ден, тие создаваат нова култура на однесување. Токму така личните навики постепено прераснуваат во поширока општествена промена. Бизнисите и институциите имаат улога да ја поддржат и олеснат таа промена, правејќи ги одржливите избори подостапни и поприродни за секојдневниот живот.


Металното шише е трајно — спротивно на културата на еднократност. Дали денес долговечноста на предметите станува луксуз, а не стандард?
Напротив. Трајноста не треба да биде луксуз, туку нов стандард. Кога предметите се дизајнирани да траат, тие не само што го намалуваат отпадот и повторната потрошувачка, туку и стануваат паметна, вредна инвестиција за секојдневниот живот. Долговечноста може да биде природен избор, достапен за сите, а не привилегија на малкумина. И токму преку такви избори создавајќи култура на свесна потрошувачка, долговечноста станува дел од секојдневието, а не исклучок.
Вашиот бренд се обидува да го направи „одговорниот избор“ пожелeн. Дали луѓето повеќе реагираат на страв (еколошка катастрофа) или на позитивна визија за поубаво секојдневие?
Луѓето, според мене, најсилно реагираат на позитивна визија. Кога им покажуваме дека одговорните избори водат кон поубаво, полесно и поздраво секојдневие, тие се инспирираат да ги прифатат и да ги вметнат во својот живот. Стравот можеби привлекува внимание, но мотивирањето преку можности и вредности создава трајни навики и вистинска промена. Кога брендот ја претставува одржливоста како желба и избор што носи радост, луѓето ја прифаќаат со задоволство и гордост – и токму тоа е мисијата и визијата на нашиот бренд.
Кога некој ќе почне да носи вакво шише со себе, што всушност се менува — неговото однесување, неговата свест, или неговиот однос кон сопственото тело и време?
Кога некој го избира ова шише за свој секојдневен придружник, се трансформираат сите три аспекти – неговото однесување, свеста и односот кон сопственото тело и време. Тој станува посвесен за своите избори, почнува да вреднува секојдневни навики и да ги интегрира одржливите практики во животот. И позитивната промена не застанува само кај него – таа инспирира и влијае на луѓето околу него, создавајќи мала, но значајна култура на свесно живеење.


