Во динамичниот свет на убавината, новите формати постојано се појавуваат за да одговорат на променливите потреби на потрошувачите. Во последно време, на социјалните мрежи сè поголемо внимание привлекуваат цврстите парфеми – практична и компактна варијанта на мирис која се нанесува директно на кожата.
За разлика од класичните течни парфеми, цврстите имаат балзамска или восочна текстура, која најчесто се нанесува на пулсните точки – зглобовите, зад ушите или на вратот. Формулите обично содржат восоци и масла што овозможуваат мирисот постепено да се ослободува и да создаде суптилен мирисен слој на кожата.
Сепак, овој формат не претставува замена за традиционалните течни парфеми, туку дополнителна алтернатива. Течните парфеми и понатаму остануваат доминантен избор за многу љубители на мириси, особено кога станува збор за поинтензивна мирисна трага и комплексно развивање на нотите.


Цврстите парфеми, пак, се наметнуваат како практично решение за секојдневно освежување на мирисот, особено кога сте во движење или патувате.
Меѓу брендовите што го следат овој тренд е Dior, кој го претстави својот легендарен мирис J’adore во цврста верзија. Британскиот бренд Lush одамна нуди solid perfume формати, меѓу кои и познатиот мирис Karma.
Во меѓувреме, нови и независни брендови како Tenth Muse, Space of Time и Marpipe експериментираат со модерни формулации, минималистички пакувања и одржливи решенија, што дополнително го поттикнува интересот за овој формат.


Причината за нивната растечка популарност лежи во компактната форма, практичноста и одржливоста – тие лесно се носат во чанта или џеб, не постои ризик од истурање, а дел од нив се нудат и со систем за повторно полнење.
Токму затоа, експертите во индустријата сметаат дека цврстите и течните парфеми ќе продолжат да коегзистираат, нудејќи им на корисниците различни начини на користење на мирисот – од силен и впечатлив парфем до суптилен, личен мирисен потпис.




