Елена Бубало не припаѓа на онаа нова генерација фитнес-профили што се појавија преку ноќ. Нејзината приказна почнува многу порано – во реалниот живот, меѓу работа без работно време, три деца, готвење, тренинзи и секојдневни обврски. Заедно со сопругот Атанас Михајловски со години постепено го градеа она што денес се препознава како препознатлив пристап кон здравите навики: без екстреми, без казни и без идеализирање на „совршено тело“.
Со неа зборуваме за родителството без притисок на совршенство, за границата меѓу дисциплина и слобода, за детската физичка активност и за тоа зошто здравите навики не се прашање на време, туку на приоритети. Го отворивме и прашањето за јавната критика, социјалните мрежи и личната одговорност кога примерот станува видлив за поширока публика.
Како изгледа една здрава рутина во семејство со три деца и динамичен живот и што за вас значи да се биде добар пример, а не совршен родител?
Здрава рутина во нашето семејство не подразбира некакви посебни утрински или вечерни ритуали со одредени правила. Кога велам дека имаме здрава рутина, мислам на она што нè соединува дома и поради кое се чувствуваме безбедно, свои и блиски. Тоа е, пред сè, барем еднаш во денот да јадеме сите заедно на маса. Кој оброк ќе биде тоа — нема правила, зависи од денот. Следно, надвор од дома јадеме само кога мора или за некоја посебна пригода. Јадењето готвена домашна храна е благодет за секоја фамилија и за секое дете и не престануваме да зборуваме за тоа. И трето: легнување на време и редовна посета кај баба и дедо. За овие три работи нема промена и нема изговори. Сè друго е променливо и не можам да кажам дека нешто друго правиме со ред и правила. Организирани сме, но и без притисоци. Дали како родители сме добар пример — не знам, но знам дека сме присутни родители и ни е важно што гледаат децата од нас. Тоа не значи дека правиме работи само за да нè видат — туку им го покажуваме тоа што вистински го живееме и практикуваме.
Далеку сме од совршенство, но сакам детето да гледа како се почитуваме и сакаме со татко им. Ги гледаат нашите навики и се многу свесни кога треба да споредат со некои луѓе однадвор. На пример: мама и тато не пушат цигари, не пијат алкохол, не пцујат. Се дереме понекогаш, ама работиме на тоа проблемите да ги решаваме со разговор. Гледаат како вежбаме. Гледаат и учат како ги почитуваме нашите родители — нивните баби и дедовци. Учиме заедно да се грижиме за домот. Многу сме присутни во нивното секојдневие и тоа ни помага навреме да ги гледаме проблемите што доаѓаат од нас или од нив, да ги решаваме и да сме свесни за истите.


Често зборувате за баланс наместо за рестрикција. Како таа филозофија ја пренесувате на децата и каде ја повлекувате линијата меѓу дисциплина и слобода?
Јас навистина верувам дека односот кон храната и вежбањето се гради дома — не со страв, терање и забрани, туку со пример. Балансот не е лесно да се постави. Вака лесно е да зборуваме, но во секојдневниот живот бара многу присутност и труд. Затоа се трудам да нема „забранети“ намирници, туку ги учам кога, зошто и колку јадеме. Сакам да знаат зошто е тоа така, да разберат дека храната е здравје, енергија, но и уживање — а не само казна или награда.
Тоа значи дека ако денес имаме роденден и јадеме торта, тоа е сосема во ред, но со следниот оброк се враќаме во рутина: зеленчук, овошје, житарки, протеин, домашна храна — што би рекол Атанас, без драма и без вина. Балансот го пренесуваме преку разговор и личен пример. Кога гледаат дека тренираме затоа што сакаме да бидеме силни и здрави, а не затоа што мора да ослабеме, учат дека движењето е грижа за себе, а не казна. Истото важи и за храната — ако ме видат дека јадам чоколадо без чувство на вина, но знам кога е доволно, така се учи саморегулација.
Како фитнес тренер и мајка, што според вас најчесто им недостасува на семејствата кога станува збор за здрави навики — време, знаење или храброст да излезат од комфорната зона?
Знаење сигурно не е, затоа што никогаш не ни било подостапно од сега. Времето, реално, ни е ограничено на сите. И јас имам обврски, тренинзи, работа без работно време, деца, готвење, учење, курсеви… Но здравите навики не бараат дополнителни часови во денот, туку подобра организација и јасни приоритети.
Наместо да одиме во екстреми — „сè или ништо“ — и да бараме совршен оброк, доволно е да правиме мали, конзистентни чекори и да избираме подобра, а не совршена опција. Не мора да е еден час тренинг во сала; доволни се и 20 минути движење со децата. Мојот заклучок е дека најчесто недостасува храброст да се излезе од комфорната зона и конечно да се договориме со себе дека здравите навики не се нешто што го правиме кога имаме време, туку дека ни се важни — па времето некако ќе се најде.
Јавното вклучување на вашиот син во тренинг со тежини често предизвикува реакции. Како ја разликувате одговорната физичка активност од предрасудите што сè уште постојат околу детската сила и спортот?
Некогаш многу се каам што го објавувам — не поради коментарите со кои јас треба да се носам, затоа што добро знам што правам и најмалку сакам да му наштетам, туку затоа што го изложувам него. На децата не им е местото на социјални мрежи и треба со тоа да застанам. Предрасудите најчесто доаѓаат од верувањето дека теговите го запираат растот или дека силата треба да се развива дури во адолесценција. Но она што навистина го запира здравиот развој е физичката неактивност. Луѓето повеќе се плашат од 10 килограми тегови отколку од секојдневно јадење чипс и пиење газирани сокови. Научни здруженија како American Academy of Pediatrics и National Strength and Conditioning Association веќе со години нагласуваат дека правилно структуриран тренинг со отпор кај деца не само што е безбеден, туку е и корисен. Тоа што моето дете тренира со тегови не значи дека тренира како возрасен. Има прилагоден тренинг, под надзор и со правилна техника. Никогаш не сме го вклучиле за да биде посилен од другите, туку за да научи дисциплина, почит кон телото и самодоверба — основа што ќе му помогне во кој било спорт.


Колку е предизвикувачки да се остане доследен на сопствените вредности кога критиката доаѓа од јавноста и што научивте за себе од тие ситуации?
Тешко е и предизвикувачки. Не сум била секогаш имуна, особено кога навредуваат. Но со текот на времето сфатив дека преку критиките луѓето повеќе ги покажуваат своите стравови и несигурности, а тоа нема врска со моите вредности. Можам да останам доследна кога имам јасни намери и ставови — тогаш сум мирна без разлика на бучавата околу мене. Не можам да ја контролирам јавноста, но можам мојата реакција, интегритетот и начинот на кој се однесувам јавно и дома. На крајот, важно ми е да легнам мирно знаејќи дека сум постапила во согласност со моите вредности.
Соработката со Coach Foods резултираше со производи како хумус, протеински барови и здрав флипс. Како се носи одлука да се застане зад производ со свое име и личен кредибилитет?
Сакам да соработувам со вредни луѓе. Јас сум човек што работи многу, но и со страст и жар, а Јосиф е сличен и се познаваме долго, па одлуката не беше тешка. Кога имаш личен кредибилитет, секоја соработка е филтер. Прифаќам само ако е во склад со пораката што ја живеам — балансот што го практикувам и квалитетот што сакам да го понудам. Тоа го живее и Coach Foods. Сакавме да создадеме производи произведени во Македонија, со транспарентен состав и без компромис со суровините, нешто што би го јаделе и нашите деца. Идејата беше да решиме реален проблем — практични, брзи, а сепак квалитетни опции, подобра алтернатива на класичните грицки и намази. Не се чувствувам како лице позајмено за етикета — заедно сме вклучени во вкусот, составот и нутритивниот баланс. Маркетингот им го оставам ним.
Дали здравата исхрана денес е тренд или свесен избор?
Мислам дека и двете. Но и да е тренд, полека може да стане свесен избор.
Практични совети што ги давам:
• не подлегнувајте на маркетинг пораки „фит“, „протеинско“, „органско“, „без шеќер“
• колку е пократка листата на состојки, толку подобро
• „без шеќер“ не значи дека нема засладувач.
• „протеинско“ не значи автоматски здраво
• не плашете се од едноставна храна: јајца, ориз, мешунки, зеленчук, месо
• пазарете со список
Во маркетите, реално, мал дел од понудата е вистинска храна.
Како мајка на три деца, што би сакале тие да понесат од вашиот однос кон телото?
Од секогаш им велам дека телото им е другарче, а не непријател. Да го почитуваат затоа што им помага да живеат, трчаат, учат, гушкаат, чувствуваат. Сакам да научат да бидат силни, да го сакаат движењето и да стекнат самодоверба. И најважно — слободата: да јадат без вина, да одморат без чувство дека се мрзливи и да вежбаат затоа што сакаат, а не затоа што мораат.
Во време кога социјалните мрежи создаваат нереални стандарди, како ја користите вашата платформа?
Јас немам перфектни рутини, идеални услови или филтрирано тело. Имам нормален живот и го прикажувам реално, онолку колку што сметам дека е корисно.
Не сакам никој да ме имитира, туку да извлече нешто применливо за себе. Здравјето не изгледа исто кај сите. Се фокусирам на сопствената содржина, а не на тоа што прават другите.
Што би им порачале на родителите што се плашат да почнат промена?
Не правете промени одеднаш, туку чекор по чекор. Не чекајте совршен момент. Почнете свесно, без притисок и без оправдувања. Никому не должите објаснување. Сменете ги приоритетите и грижата за сопственото здравје ставете ја повисоко на листата — времето ќе се најде.




