Дисциплината, трпението и чувството за детали што ги бара професионалниот спорт, кај Стефан Мицов добиле неочекувано продолжение – во парфемеријата. Активен тениски репрезентативец кој и денес ги брани боите на нашата земја, паралелно со спортската кариера, Мицов е и креатор на персонализирани парфеми и основач на брендот Sc3ntov. Тој зборува за својот пат кон создавање парфеми, за интуицијата и знаењето зад секоја мирисна композиција и за тоа зошто кожата е најважната состојка на секој парфем.
Како тениски репрезентативец, навикнат на дисциплина и рутина – како парфемите се „вклопија“ во твојот живот и што те привлече кон овој, на прв поглед, сосема поинаков свет?
Одсекогаш сум бил љубител на парфеми. Уште како дете ми беше многу интересно како истиот парфем, кој го користеа моите две постари сестри, различно мирисаше на секоја од нив. Со тенисот и бројните турнири многу патував и имав можност, особено по аеродромските продавници, да тестирам, мирисам и купувам различни парфеми.
Забележав дека сите имаат различна трајност, различна проекција и многу различни ноти, па почнав да се интересирам што точно се случува зад тоа. Најдов начин да стапам во контакт со професионални парфумери – таканаречени „носеви“, се запишав на нивни курсеви и научив како се користат материјалите, што прави секоја состојка во парфемот и уште многу други „тајни“.
По завршувањето на обуките вложив сопствени финансии, купив материјали и почнав да креирам свои парфеми. Така настана Sc3ntov.




Кој е вашиот совет за некој што првпат го бара својот персонализиран парфем и како изгледа самиот процес на изработка?
Мој совет е прво добро да се проучат нотите што му се допаѓаат на човекот. Ако постои можност, најдобро е тие ноти да се помирисаат на лице место, затоа што многу состојки луѓето никогаш немале шанса да ги почувствуваат во живо. Потоа, заедно се доаѓа до посакуваната комбинација.
Самата изработка може да трае неколку часа, но понекогаш и два до три дена – сè зависи од повеќе фактори. Понекогаш правам и пробен парфем за да се провери дали е добар и дали предизвикува алергиски реакции, што го продолжува процесот. Но, ако формулата веќе е финализирана, изработката трае отприлика еден час.


Во процесот на креирање парфем, дали постојат ноти или состојки кои, иако се квалитетни сами по себе, тешко коегзистираат во една композиција?
Да, има многу работи што не одат едни со други. Исто така постојат и акорди, за кои точно се знае од што се направени. На пример, имате тобако како природна состојка, која е многу поскапа, но постои и акорд на тобако – направен од хемиски супстанции со точен сооднос, кој треба да го знаете, откриете или погодите.
Главната состојка на секој парфем е кожата на човекот. Еден ист парфем не мириса исто на секоја кожа. Често луѓето бараат, на пример, мешавина од цитрусни ноти што ќе трае шест часа интензивно. Тоа не е возможно кога се користат природни материјали. Таков ефект може да се постигне само со хемиски супстанции, но тогаш тоа не е вистински цитрус, туку илузија на цитрус.
Како знаете дека еден парфем е „готов“, односно дека повеќе ништо не треба да се додаде или одземе?
Тоа доаѓа од искуството и од многуте грешки што сум ги направил низ годините. Многу пати сум мислел дека можам да направам уште подобра верзија, па со додавање на последна состојка сум го упропастувал целиот труд. Дома имам 10–15 шишиња со „згрешени“ парфеми кои ме научиле важни лекции.
Се случува и формулата да не ми се допаѓа веднаш кога е готова, но по 30-ина дена, кога состојките убаво ќе се соединат, мирисот може целосно да се промени и да стане многу поубав.
Дали добриот избор на парфем е моментален „клик“ или процес што бара време и повторно враќање кон мирисот?
За мене, тоа е добро планиран процес. Најдобро е да се пробаат два или три парфеми на различни места на раката, потоа да се излезе надвор и да помине барем еден час, во кој парфемите повремено се мирисаат. Така им се дава шанса и на врвните, и на срцевите, и на базните ноти, и може да се види целата слика на парфемот.
Ако се шприцне и веднаш се помириса, се чувствуваат само top notes – а тоа не е вистинскиот мирис.


