Во светот на Зарина Првасевда, музиката не е жанр, ниту форма што се учи и совладува – таа е состојба на постоење. Нејзиниот вокален израз се движи меѓу традициите, културите и внатрешните пејзажи на човековата емоција, каде што дисциплината на занаетот се среќава со целосна интуитивна препуштеност. Во пресрет на концертот „Кадифено“, интимна музичка средба што ќе се случи со специјалните гости Џенк Ердоган и Ахмет Алан, Зарина зборува за музиката како служба, за автентичноста како единствена форма на контрола, за уметноста како жива материја што постојано се преиспитува – и за потребата од нежност, тишина и човечка поврзаност во време на внатрешни и надворешни студови.
Вашиот музички израз се движи меѓу жанрови, култури и емоционални регистри. Како денес ја дефинирате музиката – како форма, процес или состојба на постоење?
Како човек што не ги познава музичките форми, а сепак отсекогаш била обликувана од музиката – во формата во која ѝ сум и потребна – би рекла дека таа е состојба на постоење. Секогаш сме се среќавале недоговорено, по интуиција. Сознанието дека сум во нејзина функција и служба е и сознание дека тоа е процес што ќе трае колку и моето постоење. Ќе се менува, ќе завзема различни облици, ќе патува, ќе се допира со различни состојби на душата и умот, со емоции и култури, ќе пробива граници и стеги. Можеби токму тоа е и највозбудливото сознание за нашата врска и за ова што го правам.


Во креативниот процес често постои тенка линија меѓу контрола и препуштање. Како ја балансирате дисциплината на музичкиот занает со интуицијата и спонтаноста?
Кога создавам, единствената контрола што ја имам се однесува на автентичноста во изразот. Покрај тоа што е важно за мене како артист, допирањето до сопствената традиционална музика, но и до музиката на други култури – музика што сведочи за културната еволуција на одредена заедница – го доживувам како нешто свето. Затоа се обраќам кон неа со почит и љубов, давајќи го секогаш најчистото, најискреното и најавтентичното можно вокално од себе. Во однос на сè друго – немам граници. Целосно ѝ се препуштам на интуицијата.
Колку личното искуство и внатрешните состојби се присутни во вашата музика и дали свесно ги трансформирате во звук, или тоа се случува несвесно?
Секако дека се присутни. Токму таму имам најмала контрола во однос на нивното сокривање, затоа што секој допир со музиката е допир со моето најкревко внатре. Тоа е најексплицитното соголување на духот, во кое немам удел. Процесот е несвесен – кога пејам, несвесно се исклучувам од сè што е земско, и сè што ќе се најде во каналот низ кој поминува она што ми е дадено како талент, едноставно излегува. Веројатно, доколку беше свесен процес, би го контролирала и би испраќала само најведри и најтопли зраци во ноти.
Како уметник, што за Вас е поголем предизвик – да останете верни на сопствениот внатрешен импулс или постојано да се преиспитувате и редефинирате низ нови музички контексти?
Улогата на секој артист ја гледам како витештво – рушење на стереотипи, граници и бариери; како внимателно спакувана критика на одредени општествени појави, фалба на убавото, прегратка за страдниот, љубов таму каде што е потребна. Верувам дека процесот на преиспитување и редефинирање оди правопропорционално со учењето, со мудроста што доаѓа од искуството и од патот на обиди и грешки. Тој процес не смее никогаш да застане, затоа што уметноста е жива материја, а не готов продукт. Таа никогаш не се досоздава, донаучува или завршува. Но, во сето тоа, најважно е артистот да остане доследен на својот внатрешен импулс – искрен, непресметлив, чист во намерата и со целосна верба во делото.
Колку е важен контекстот во кој се создава и изведува музиката – просторот, публиката, моментот – и дали тие фактори можат суштински да променат една изведба?
Амбиентот во кој се изведува музиката несомнено додава дополнителна структура и чувство на содржината на делото, но суштински не ја менува. Публиката и моментот влијаат на енергијата и на дишењето на изведбата, но јадрото од кое таа извира останува непроменето, затоа што доаѓа од внатрешно, а не од надворешно место. Контекстот може да ја обликува перцепцијата, но не и суштината – музиката го задржува својот интегритет и својата вистина, независно од надворешните фактори.


Концертот „Кадифено“ го замислувате како интимна музичка средба и дијалог. Што Ве водеше во одлуката токму Џенк Ердоган и Ахмет Алан за првпат да дојдат во Скопје по Ваша покана?
Идејата за овој концерт произлезе од моето гостување во Кападокија, Турција, каде што бев поканета да одржам петдневен мастер-клас семинар за вокални техники на македонска традиционална музика на Универзитетот во Кападокија, во рамките на алтернативната школа „Музичко село“. Таму, за моја особена чест и задоволство работев рамо до рамо со некои од најголемите мајстори на турската традиционална музика и воопшто на Балканот, меѓу кои и Џенк и Ахмет. Уште при првиот момент на заедничко музицирање сфатив дека тоа е магија што сакам да ја споделам со мојата публика, односно со македонскиот народ.
Што сакате публиката да понесе со себе по концертот „Кадифено“ и каква емоција или внатрешна состојба би сакале да остане по ова музичко искуство?
Сакам овој концерт да биде прегратка што ќе топли кога внатре ќе залади, а нема кој да прегрне и утеши, емоција што не се троши веднаш, туку тивко живее во нас и нè придружува кога најмногу ни е потребна. Сакам да биде искра од кадифе што ќе ја понесеме во новата година за да биде секогаш мека, свилена и топла. Да остане како тивка светлина во нас – доволна да нè потсети на човечноста, нежноста и поврзаноста.
Со какви внатрешни очекувања и уметнички намери ја дочекувате следната година?
Следната година би требало да биде една од светлите години на мојот пат овде – барем тоа си го посакувам од Дедо Мраз. Таа ќе го донесе и мојот втор албум, нешто што со големо нетрпение го очекувам и на што напорно работам. Тоа што го слушам како резултат засега ми звучи магично. Едвај чекам да го споделам и да чујам како ќе одекне кај мојата публика. Има и други проекти што следуваат, но за нив ќе размислувам по „Кадифено“, кога ќе ја имам искрата што овој концерт ќе ми ја подари.



