Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Јасна Франговска (1963) е долгогодишна новинарка, која професионалната кариера ја започна во „Македонско радио“, па во „НОМА“ радио (радио на весникот „Нова Македонија“), а сега ја завршува во Радио „Буба Мара“. Во меѓувреме, повеќе од 30 години работи во повеќе весници како уредник за култура, почнувајќи од „Денес“ и „Македонија денес“, па во „Време“ и „Неделно време“, потоа во „Нова Македонија“, а неколку години и како новинар во „Дневник“ и „Теа модерна“. Авторка е на две книги: монографија за актерката Милица Стојанова ‒ „Милица Стојанова: превези, лица: монографија“ (во соавторство со Искра Гешовска) и на уметничкиот патепис на сликарот Сергеј Андреевски, насловен „Патот на потегот“. Себеси се гледа како страстен раскажувач со око за детали и финеси.

Проф. д-р Рисима Рисимкин е македонски кореограф, со интернационално реноме, која годинава одбележува 45 години уметничко творештво. Рисимкин е одликувана со Орден од редот на Витез на уметностите и книжевностите на Франција, добитник е на наградата Европска личност на годинита за 2024 година и добитник е на наградата „Ѓорѓи Македонски“ ‒ награда за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво во 2025 г. Кореографското творештво на Рисимкин прави огромен прогрес на домашната танцова сцена. Рисимкин со нејзините претстави гостува на сцените низ целиот свет, а во 2022 година го остварува историско гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“.
Рисимкин е основач на универзитетска програма за современа танцова едукација, која е во рамките на Филмската академија при универзитетот „Гоце Делчев“ и е нејзина актуелна деканка во два последователни мандата. Член е на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО – Интеранционалниот совет за танц, во два последователни мандата од 2005 до 2013 година; Член e на Извршниот борд на Танцова унија помеѓу Кина и централна и југоисточна Европа од 2016 до денес; Член e на Меѓународниот комитет на Сузан Делал центарот во 2021, член e на жири-комисијата на Интернационалноиот балетски натпревар во Истанбул, Турција во 2016 и Интернационалниот фестивал за танц во Кшиан, Кина во 2017. Рисимкин е уметнички координатор на повеќе конферeнции за современ танц под наслов „Танцот како фактор на трансформација на општеството“, Скопје во 2009/2010/2011; уметнички координатор на првиот Регионален конгрес на ЦИД УНЕСКО во Македонија, оддржан во МАНУ, Скопје и Регионален конгрес на ЦИД УНЕСКО во Охрид, Македонија.
Таа е основач и уметнички директор на интернационалниот фестивал Танц фест Скопје, основач и уметнички директор на Скопје танцовиот театар. Автор е на преку четириесет авторски кореографии, со кои ја видоизменува домашната танцова сцена. Таа се смета за зачетник на создавањето на современата танцова сцена во рамки на македонската балетска сцена.

