Платформата за родова еднаквост со најдлабока загриженост реагира на начинот на кој дел од медиумите известуваат за трагичниот случај со младата студентка од Косово, пронајдена мртва во Тетово на ден 5.11.2025.
Наместо професионално, одговорно, родово-сензитивно и етичко информирање, сведоци сме на серија објави кои користат сензационализам, шпекулации и сексистички јазик, вклучително и откривање на идентитетот на девојката и споделување на нејзини фотографии. Таквите практики претставуваат сериозно прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија, според кој новинарите имаат обврска за непристрасно известување, заштита на приватноста и почитување на достоинството на жртвите.
Особено го осудуваме јавното излагање на новинарот Невриј Адеми во емисијата на „Клан Косова”, каде што од негова страна беа изнесени шпекулации за употреба на дрога од страна на жртвата. Уште посериозни се забелешките од страна на истиот новинар кој за жртвата изјави дека била многу „активна”. Ваквите изјави не само што не се поткрепени со факти, туку и ја репродуцираат опасната култура на обвинување на жртвите (двојна виктимизација) и вршат и поттикнуваат дополнителна родова дискриминација.
Потсетуваме дека секое неетичко известување во случаи на насилство или смрт го нарушува достоинството на жртвата, им нанесува дополнителна болка на семејството и ја подрива довербата во медиумите. Родово-сензитивното новинарско известување не е избор – тоа е обврска заснована на човекови права, професионализам и општествена одговорност.
Дополнително, укажуваме дека истиот новинар, по јавната реакција на Рита Бегадини, родова активистка и колешка новинарка, која го осуди неговиот настап, ја нападна преку јавна објава на неговиот Фејсбук профил. Таквиот јавен напад врз колешка, проследен со сексистички и дискриминаторски обид за нејзино професионално дискредитирање, претставува сериозен облик на родово засновано вознемирување и е недозволив во јавниот медиумски простор.
Затоа, ги повикуваме:
- Медиумите и новинарите да ги почитуваат професионалните стандарди и Кодексот на новинарите на С. Македонија;
- Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите на Македонија да покренат постапка против медиумите и новинарите што го прекршиле кодексот;
- Јавноста да покаже солидарност и почит кон семејството на жртвата, без дополнително ширење на шпекулации и стереотипи.
Платформата за родова еднаквост ќе продолжи да ги следи медиумските известувања и да реагира секогаш кога биде нарушено достоинството на жените и девојките во јавниот медиумски и дискурзивен простор.

