Нашата мисија е едноставна – да покажеме дека учењето може да биде радосен процес, а не обврска и напор.
Обучени над 60 просветни работници, интересот расте, а нови групи веќе се формираат
Во организација на Еду Центар, успешно беа реализирани обуки по Сугестопедија – иновативен метод при кој се користат неискористените резерви на мозокот на личноста. Методологијата, разработена од д-р Георги Лозанов, овозможува учење со радост, леснотија и самодоверба, користејки музика, уметност, игра и позитивна енергија.
Во двата дена на обуките, кои се одржаа во просториите на здружението Еду Центар, учествуваа повеќе од 60 просветни работници – наставници, педагози, психолози и директори од различни училишта и институции од формалното и неформалното образование.



Импресии и атмосфера
Учесниците ја опишуваат атмосферата како „неверојатно ослободена, топла и инспиративна“.
Музиката, позитивните пораки и интерактивните техники создадоа чувство на сигурност и отвореност, што овозможи секој учесник да го доживее учењето на нов, поинаков начин – без страв, притисок и стрес.
„Сугестопедијата не само што учи – таа лекува“, велат учесниците, потенцирајќи дека методот позитивно влијае на менталното здравје, мотивацијата и самодовербата.

Фасилитаторки со визија и енергија
Обуките ги водеа Невена Петровска и Соња Кипровска, обучувачи по методот на д-р Георги Лозанов, кои со посветеност и љубов го пренесоа искуството на сите учесници.
Во практичниот дел, Бојана Петровска и Цветанка Бурзевска демонстрираа конкретни вежби и техники за релаксација, концентрација и интеграција на музика во наставниот процес.
Нивниот пристап беше фокусиран на емоционалната и креативната димензија на учењето, односно на тоа како наставниците можат да создадат опуштена, поддржувачка и инспиративна атмосфера во училницата.
Резервите на мозокот – неисцрпниот извор на човечки потенцијал
Еден од основните принципи на д-р Георги Лозанов е идејата дека во секој човек постојат огромни неискористени резерви на ментален и емоционален капацитет.
Методот на Сугестопедија е создаден токму за да ги активира тие резерви – преку музика, релаксација, уметност и позитивна комуникација.

Кога умот е опуштен и ослободен од страв и притисок, мозокот почнува да функционира со целосен потенцијал.
Во таква состојба, учењето станува доживување на знаењето, а човекот не само што запомнува побрзо, туку го живее она што го учи.
„Во секој човек се кријат неискористени резерви на способности. Образованието треба да ги разбуди, не да ги ограничува,“ велел д-р Лозанов.

Психолошки придобивки и стручна поддршка
Психолозите кои беа дел од обуката нагласуваат дека Сугестопедијата има длабок психолошки ефект – таа ја поттикнува радоста, ги намалува бариерите при комуникацијата и го зајакнува чувството на припадност и сигурност кај учениците.
Методот покажува дека преку опуштеност и позитивна сугестија, мозокот станува поприемчив за ново знаење, а менталната благосостојба на наставниците и учениците значително се подобрува.
Голем интерес и нови групи
Поради големиот интерес и позитивните резултати, веќе е формирана нова група од 30 наставници и стручни соработници, кои ќе го продолжат патот на Сугестопедијата во Македонија.
Целта е методот постепено да најде место во училиштата, градинките, па дури и во програмите за едукација на возрасни и корпоративни тимови.
Идни активности
Еду Центар најавува нови обуки и активности насочени кон развој на Центар за обуки за Сугестопедија, изработка на прирачник за наставници и воспоставување на соработка со школата за Сугестопедија во Софија.
„Нашата мисија е едноставна – да покажеме дека учењето може да биде радосен процес, а не обврска.
Секој ученик, секој човек, заслужува да го открие својот потенцијал во средина полна со љубопитност и љубов кон знаењето,“ велат од тимот на Еду Центар.
„Учењето треба да биде радост, а не напор.“ – д-р Георги Лозанов

