Фестивалот Skopje Design Week 2025 година ќе започне со Саем на еколошки бизниси, кој ќе се одржи на 8 и 9 ноември во Public Room.
Во рамки на второто издание на Саемот, посетителите ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени.
По успешното прво издание во 2023 година, Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење Yes for Less повторно ја обединува македонската еко-заедница на вториот Саем на еколошки бизниси, кој ќе се одржи на 8 и 9 ноември 2025 година во Public Room, Скопје. Настанот е дел од Skopje Design Week 2025, што ќе се одржи под мотото „Циркуларен начин на размислување“.
Бесплатен влез – откриј, купи, инспирирај се!
Саемот е отворен и бесплатен за сите посетители. Ве покануваме да ја откриете новата генерација на македонски еко-бизниси, да купите производи со позитивен импакт и да се инспирирате од луѓе кои секојдневно работат за поздрава животна средина. Да покажеме дека одржливиот избор е кул избор!

Локална иновација и глобална еко-визија
Skopje Design Week 2025 и оваа година се позиционира како креативна платформа што ги поврзува дизајнот, модата, музиката, гастрономијата и одржливиот бизнис, промовирајќи иновативни решенија за регенеративен дизајн и локален развој.
Посетителите ќе имаат можност да видат природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали, како и други еко-алтернативи за секојдневна употреба. Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето – без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии.
Yes for Less – заедница што инспирира промени
Бизнисите учесници се дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk, која им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место. Платформата промовира одржлив развој и граѓанско учество, нудејќи простор за размена на идеи и заедничко решавање на еколошките предизвици во земјата.
Работилница за одржливост
Покрај изложбениот дел, Yes for Less ќе организира и тематска работилница во рамки на Skopje Design Week:
- „Еко-села за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот Кутмичевица од Вевчани – семеен етно-пансион кој ја спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.
Поддршка и порака
„Со овој саем и работилници сакаме да покажеме дека во Македонија постојат бизниси со силна визија за придонес кон одржливиот развој. Целта е да ги поврземе со граѓаните и да ги охрабриме да направат барем еден зелен избор повеќе во своето секојдневие“, велат од Yes for Less.
Настанот е поддржан од Грин Ленд Груп, лиценциран колективен постапувач специјализиран за управување со отпадни масла од автомобили и други возила.


