Хелсиншки комитет за човекови права со загриженост го следи засилувањето на говорот на омраза во јавниот простор и на социјалните мрежи во периодот пред локалните избори во Република Северна Македонија. Политичките кампањи и јавните настапи мора да се засноваат на идеи, аргументи и почит кон различностите, а не на пораки што поттикнуваат поделби, нетрпеливост или насилство.
Говорот на омраза не е израз на демократско право на слободен говор — тој претставува сериозна закана за човековите права, општествената кохезија и демократскиот процес. Особено е алармантна тенденцијата политички актери и јавни личности да го користат или толерираат овој вид реторика за политичка мобилизација, со што директно се поттикнуваат тензии меѓу различни заедници.
Жените кандидатки за градоначалнички и советнички се соочуваат со сериозни општествени предизвици, меѓу кои најизразен е говорот на омраза и родово базираното насилство во јавниот простор и на социјалните мрежи. Тие многу почесто од мажите се цел на сексистички и омаловажувачки коментари, навреди и напади врз лична основа, а не врз основа на нивните политички ставови или програми. Ова создава атмосфера на страв и демотивација, која директно ги обесхрабрува жените да се кандидираат и активно да учествуваат во политичкиот живот.
Хелсиншкиот комитет ги повикува политичките партии и кандидати – да се воздржат од каква било форма на говор на омраза и да промовираат фер и достоинствена изборна кампања, медиумите – да не пренесуваат или нормализираат изјави кои поттикнуваат омраза, туку одговорно да придонесат кон информирана и конструктивна јавна дебата и граѓаните – активно да пријавуваат случаи на говор на омраза и да не учествуваат во неговото ширење.
Изборите не смеат да се претворат во повод за продлабочување на поделбите во општеството. Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој претставува еден од главните фактори што водат до злосторства од омраза. Токму затоа смета дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, а надлежните институции треба да ја санкционираат оваа појава.
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува ширењето на говор на омраза и апелира до сите политички и општествени чинители да се спротивстават на овој феномен и да ја поддржат културата на толеранција, дијалог и почитување на различностите. Комитетот ќе продолжи внимателно да го следи изборниот процес и јавниот простор, како и да реагира на сите форми на говор на омраза, повици за насилство или дискриминација.